a-pin-dim |
На празникот на Соборот на Свети Јован Крстител (20.01.2004)Денес, на празникот на Соборот на Светиот Предвесник и Крстител Јован, во црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица во Велес Божествена Литургија отслужи Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во сослужение на надлежниот архиереј, Митрополитот Плаошки и Дебарско-кичевски и администратор Повардарски, г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел и повеќе свештеници и свештеномонаси. На Литургијата од почетокот до крајот присуствуваа градоначалникот на градот Велес, г-динот Аце Коцевски и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-динот Цане Мојановски, со многуброен верен народ. На Малиот вход на Божествената Литургија во име на САС на МПЦ надлежниот архиереј г. Тимотеј го одликуваше протоерејот Славе Јованов со носење на граден крст. На свечениот ручек по Литургијата присуствуваше и Министерот за земјоделие, г-динот Славчо Петров.
[img]http://www.mpc.org.mk/_images/Aktuelnosti/krstitel5.jpg[/img]
[img]http://www.mpc.org.mk/_images/Aktuelnosti/krstitel2.jpg[/img]
[img]http://www.mpc.org.mk/_images/Aktuelnosti/krstitel3.jpg[/img]
[img]http://www.mpc.org.mk/_images/Aktuelnosti/krstitel4.jpg[/img]
БОГОУГОДНИТЕ ДЕЛА ВЕЧНО ТРААТ
Историјата на Црквата Христова е исполнета со светли личности и бестрашни сведоци на вистината.Меѓу нив е и големиот Пророк и Предвесник Христов - свети Јован Крстител. Тој живеел на границата меѓу Стариот и Новиот Завет. Тој е последен старозаветен Пророк, а како Христов Претходник го подготвувал Неговото доаѓање. И самиот бил и најавувач и учесник во спасоносното Христово дело: тој е оној ,,глас што вика во пустината”. Од податоците што ги има во Светото Евангелие и христијанското предание, се знае дека по силните молитви на Захариј и Елисавета, им бил даруван како рожба на стари години. Уште како дете останал без родители, па се повлекол во пустина и таму се подготвувал за големата служба.
А пустината, како и секое место што е исполнето со мир и спокојство, отсекогаш ги привлекувала Божјите избраници. За Јована пустината била и дом, и училиште, и храм, во којшто тој деноноќно се подвизувал и Му се молел на Бога.
Свети Јован Златоуст вели дека св. Јован Крстител како дете живеел во пустината и ги поднесувал сите послушанија во целосна осаменост. Тој таму живеел како на небо, а за облека и храна – воопшто и не се грижел. Издигнат над сите телесни потреби, тој постојано бил во близина на Бога; бил во тело, но водел ангелски живот. А и неговиот надворешен изглед и начинот на живеење биле навистина необични и исклучителни. Се облекувал во кожена облека, препашан околу половината, а се хранел со скакулци и со див мед. На тој начин, во пост и молитва, изградил дух подобен на мисијата што ја имал и израснал во човек со цврста волја и постојан карактер.
Кога се исполнило времето, св. Јован излегол на проповед и гласот од пустината одекнал по јорданската долина. Тој велел: ,,Покајте се, опоменете се, подгответе го патот Господов, подгответе се за царството на Месијата”.
И навистина овие повици предизвикале интерес кај народот што ги слушал овие Јованови зборови, па доаѓале при него, на реката Јордан. Меѓу народот дошол и Христос за да се крсти. Јован, пак, кога Го забележал Христа, рекол: ,,Еве, ова е Јагнето Божјо, коешто ги зема врз себе гревовите на светот”.
Тогаш Христос ја започнал својата мисија, а св. Јован го завршил своето дело.
Но, еве, и по 2000 години, кога размислуваме за личноста, за улогата и за местото на св. Јован, во времево во кое што живееме, ќе повторам, и по 20 столетија, пак како да имаме неопходна потреба и ние да го имаме меѓу нас тој глас од пустината, да го имаме тоа негово будно око и неговата немолчлива уста. А можеби најточна констатација би била таа дека св. Јован им е потребен на сите генерации и на сите времиња. Зашто, ќе се согласиме, како да немало време кога отповеќе би биле зборовите: ,,Покајте се за гревовите, зашто се приближи Царството Небесно”. Ова е така, зашто скоро и да немало време кога вредностите на животот, воопшто, од аспект на човековата мерка, исклучена од евангелските вредности и цели на човечкиот живот, можеле да значат нешто друго од тоа дека се надвор од моралните и евангелски вредности.
Зашто, имало ли време без гревови, или време со доволно покајание; имало ли време без Ироди и Иродијади, време без зла и соблазни? Какво е нашево време, какви сме ние? Размислуваме ли ние за апелот на св. Јован - да се чуваме од злото? Колку и како се однесуваме кон зборовите за покајание? Дали сме се прашале како би поминал и денес св.Јован и како би се однесувале и ние самите кон пораките да создаваме дела достојни за покајание?
Свети Јован и денес му е потребен на ова наше време, потребен ни е нам, зашто, да бидеме искрени, дали ние се разликуваме од оние што тој ги укорувал за престапи? Ова особено би сакал да го нагласам, зашто многу аналитичари на нашево време, ако не и сите, се согласни со констатацијата дека живееме во време со криза во моралот, а јас би додал: живееме, заборавајќи на пораките на св. Јован Крстител, заборавајќи на евангелските пораки, заборавајќи на вистинските вредности на животот!
Содржината на времето му ја даваме ние, што значи дека времето е зависно од нас, а не дека некои свои однесувања треба да ги правдаме со времето.
Сите времиња се исти, само ние можеме, преку содржините во нашето живеење и нашите однесувања, да ги правиме подобри или полоши; да ги правиме времиња со морални или неморални содржини; време со или против свети Јована!Возљубени во Господа,
Да се трудиме да живееме време во кое ќе ги исполниме Јовановите пораки, да живееме во согласност со вредностите кои се надвор од времето - со вечните вредности.
Светата Црква изобилува со примери кои потврдуваат кои човечки дела и кое живеење е вечно живеење. - Светителите, многубројните маченици и исповедници на верата потврдиле дека без покајание, без живеење според Христовите заповеди - не е можно да создаваме богоугодни дела, да создаваме вредности и за луѓето и за Бога.
Само врз основа на тие Јованови и евангелски принципи можеме да создаваме морални дела коишто ќе имаат влијание во животот на секого лично, а и во семејството и во пошироката заедница. Моралните личности од моралните семејства – создаваат морални општества!
Потребно ни е да размислуваме за времето во кое живееме, но особено за тоа како живееме; да размислуваме за тоа дали достојно живееме и дали сме достојни на името што го носиме, а особено на тоа дали доволно го чуваме и браниме достоинството на Црквата, којашто Бог ни ја дарува, како на народ којшто ја прими проповедта на Неговото Евангелие и се крсти во името на Света Троица во нашата света Македонска Православна Црква.
Христос ни порачал - чувајте се од лажните учители и нè предупредил дека некои и во Негово име ќе проповедаат за да нè измамат!
Пред вас, верниците на Велес и чедата на Повардарската Епархија, можеби и не треба да се говори на таа тема, зашто вие достоинствено и благовремено го кренавте гласот против оној што посака да ве заведе, против оној којшто смислил од темел да го руши достоинството на нашата света Македонска Православна Црква.
Вие, возљубени велешани, први почувствувавте дека некој плански пробува да ни ги бранува и „мати” нашите води, место да ги осветува, воочивте дека се обидува да ги заматува водите на Вардар - македонскиот Јордан, и да го труе духовниот македонски организам. Она, за кое вие предупредувавте, она за кое вие алармиравте, за жал, се покажа како вистинско. Што потоа се случуваше во Неготино, а оттаму и оттогаш и во други места и времиња, како определба за бранење на своето, ја потврди и вашата оценка дека некој, по обидите да ги „погани” Брегалница и Вардар - не само што проба да ја прекрстува нашата света Црква, туку и срамно да ја припои кон друга!
Си спомнувам за вашите реакции на смисленото провоцирање преку пеење на туѓи јазици и носење на туѓи облеки. Ние не сме против знаењето на јазиците и против униформите на другите. Но, која е смислата да говорите или пеете на јазик на кој никој или многу мал број ве разбираат? Вие точно разбравте дека друга беше пораката на песната негова и дека проблемот не беше во капата, туку во главата под капата! И, пак, ќе речам, брзо се покажа зошто се правело тоа, или зошто се празнеа касите на црквите и манастирите, па зошто остана и Епархијата во таква ограбена состојба?!
Тој што смислил и прифатил за друг и туѓ интерес да работи, тој, видовте, подготвен е да измисли фирми, претпријатија и божем хуманитарни здруженија, па дури и да им даде најубави имиња (како што е „Воскресение”), без разлика што сето се правеше за личен интерес и за уништување на економската моќ на епархијата и на Црквата, на кои им се заколна дека чесно ќе им служи. Каква му била целта и на кого, всушност, му служел и самиот покажа, а и тие со име и титула го легитимираа и пред нашата и пред севкупната јавност. Впрочем, само тие и го бранат!
Но, добро е, што со ваша благовремена и јавна помош и осуда, и со трпеливото, но доследно канонско санкционирање на неговото предавство и арамилук, и вие и нашата света Црква навреме се ослободивме од тоа искушение и од злото што ни се закануваше. Сега ни претстои да ја довршиме борбата и со оние што избрале да го следат неговиот предавнички пат. Крајно време е да се преброиме и да видиме кој уште јаде леб од овој македонски народ и во оваа македонска Црква, а им слугува на туѓи интереси и Цркви?!
Дај Боже, секој од нас, и сите заедно, да се трудиме да бидеме исполнители на пораките на Господовиот Крстител свети Јован, за да можеме да бидеме вистински Христови последователи и чеда на Македонската Православна Црква, за да можеме да создаваме достојни вредности и за овој и за оној живот во Царството Небесно. Амин – за многу години.
Ја користам можноста од името на браќата архиереи, сослужашти и другите поканети гости, да заблагодарам за поканата на Неговата Високопреосветеност Митрополитот Тимотеј и црковниот одбор, заедно да го одбележиме празников на Свети Јован.
На протоереј Славе, одликуван со граден крст од страна на САС на МПЦ, да му посакаме достојно да го носи добиениот Христов крст, и на себе и во себе. Амин. |