melpomena |
По седумгодишна забрана за меѓуграничниот промет
Владата повторно ќе ги отвори фри-шоповите
ВИОЛЕТА ЦВЕТКОВСКА
Македонската Влада по сў изгледа дека повторно ќе ги отвори фри-шоповите. За ова има силен притисок како од грчката влада, која сака да го зголеми профитот во олимписката 2004 година, така и од локалните бизнисмени-сопственици на 17-те фри-шопови, кои се затворени уште од 1997 година. За таа цел деновиве е продаден и еден од најдоходните фри-шопови на граничниот премин Богородица, излезниот фри-шоп од десна страна на преминот, кој беше сопственост на гевгелиската фирма "Солун 53". Еден од директорите и сопствениците на "Солун 53" - Ангел Наков продажбата на македонскиот дел од пакетот ја најавил уште пред пет-шест месеци, но деновиве е завршена целосната купопродажна трансакција. Станува збор за 600 квадратни метри покриен простор и 13.000 квадрати земјиште, кои за 400.000 евра во кеш ги купи "Хеленик дјути фри-шоп", сопственик на грчките фри-шопови од другата страна на границата.
Инаку, грчките газди со "Солун 53" во Скопје имаат регистрирано македонско-грчка фирма со основачки влог од 500.000 евра, во која грчките газди требаше да вложат 100.000 евра во кеш, односно 20 отсто од сопственоста, а македонските да учествуваат со 80 отсто преку зградата и земјиштето во вредност од 400.000 евра. Од тој дил, неодамна странската фирма со 400 илјади евра готовинска уплата го откупи целиот македонски пакет и стана 100 насто сопственик, иако сў уште недостасува паричниот влог од грчка страна. По оваа трансакција, се очекува грчката влада да побара од македонската да и даде специјална дозвола за отворање на фри-шопот во пресрет на Олимписките игри. За отворање на фри-шоповите постои законска основа уште од 2001 година, а единствено се чека одобрение од Царинската управа, кое со посебна уредба треба да го пропише начинот на трговија со бесцаринските стоки. За тоа, според наши извори, деновиве се вршат интензивни преговори со Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, посебно што, според образложението на Царината, официјализирањето на фри-шоповите е еден од начините на спречување на шверцот со цигари, што деновиве е посебно интензивиран од грчката страна кај Гевгелија и од бугарската на фри-шопот кај Деве Баир. Останува нерасветлен моментот дали Владата ќе ги отвори сите 17 фри-шопови на граничните премини Табановце, Гевгелија, Деве Баир, Струмица, Дојран, Ќафасан, Делчево, Битола, Јажинце и Блаце. Според некои извори, Грците барале ексклузивитет да работи само овој фри-шоп од македонска страна, кај преминот Богородица, меѓутоа, според други, тоа е противзаконски односно царинската уредба би морала да се однесува еднакво за сите сопственици на фри-шопови.
Инаку, премиерот Црвенковски остана запаметен по затворањето на овие фри-шопови во 1996 година за продажба на акцизна стока, алкохол, парфеми и цигари, за во април 1997 година целосно да ја забрани нивната работа. Официјалното образложение беше дека Европската унија е против фри-шопови (Грција е нејзина рамноправна членка и никогаш не ги затвори, а Бугарија е кандидат и исто така ги држи), но фактички во заднина беше големото затајување даноци и шверцот со акцизни стоки. Доколку Владата успее да воспостави контрола на трговијата и фискалните каси, односно целосна евиденција на прометот, според некои проекти кои се во Владата уште од 1997-1998 година, само со едно евро оданочување на цигари или алкохол, државата годишно ќе инкасира од фри-шоповите околу 10 милиони евра, а со оглед дека сега е олимписка година профитот би бил многу поголем.
prevezemeno od utrinski vesnik
|