AaaAa |
НАРОДНОТО РАДИО ЗРАЧИ ЉУБОВ
Брановите на Радио Штип сплотија многу бракови
Повеќе слушатели на Радио Штип и неколку вработени новинари или соработници својата брачна судбина ја одредиле преку програмата на ова популарно штипско радио. Двајца слушатели стапиле во брак за време на но
"Новинарските аналитичари во Македонија веќе запишале: повеќе од четири децении, колку што постои Радио Штип, вработените заедно со слушателите им се спротивставуваат на политичките моќници. Го креваат својот глас кога власта сака да стави рака над радиото. Се бунтуваат кога властите сакаат да имаат влијание и свој удел во уредувачката и програмската политика на радиото", така пишува м-р Благоја Нинески во својата книга "Политиката и електронските медиуми во Републиката".
Најеклатантен пример за тоа се случувањата пред 4-5 години, кога власта сакаше да го смени историското име на радиото во "Радио глас" и да стави своја капа над него. Тогаш, први во одбрана на радиото застанаа слушателите. Неколку илјади штипјани и слушатели од повеќе соседни градови до каде што допираат брановите на ова радио, масовно доаѓаа во просториите на Радио Штип со паролата: "Ова е наше, народно радио и не им го даваме на политичарите".
Анализите покажуваат дека таквата верност и симпатија е создадена преку долгогодишната отворена и контактна програма преку која и слушателите се запознаваат меѓусебе, разговараат, разменуваат мислења и предлагаат теми. Тие дури имаат можност да изберат и музика и учествуваат во креирањето на програмата. Како резултат на контактите на слушателите во отворените програми на штипското радио, се родила и љубов меѓу нив, која била крунисана и со повеќе бракови меѓу слушателите, но и на дел од вработените во Радио Штип, главно кај новинарите или надворешните соработници.
Напролет во брак ќе стапи Орце Моневски од пробиштипското село Лезово. Како редовен слушател на радиото, јавувајќи се на програмата, тој оставил силен впечаток на Ленче од Кратово. Тоа било повод и таа да учествува во некои контактни програми. Еден ден Орце и Ленче посакале иста песна и таа решила да му се јави на Орце за да поразговараат. По разговорот, договориле средба на која се родила љубов на прв поглед и искрено пријателство.
Орце Моневски е 39-годишно момче од Лезово. Се занимава со сточарство. Одгледува 40 овци, што му ги оставил татко му. "Пред некој ден продадов неколку десетици јагниња", задоволно зборува Орце, додавајќи дека на крајот од 2003 година добро му тргнало, но најсреќен е оти си нашол невеста. Тој во најновото јавување во програмата на Радио Штип посака во 2004 година да му се роди син.
Такви желби има и Владе Маџоски од штипското село Лакавица, кој свадбата ја има закажано за првите месеци од Новата година, кога неговата идна сопруга Оливера ќе се врати од Австралија. Кога таа престојувала во родниот Штип, постојано го слушала јавувањето на Владе. Тие се запознале случајно, во Лакавица, каде што нејзините родители имаат куќа. Владе Маџовски е невработен и планира да живее од земјоделство, а ако не успее во тоа, како што самиот вели, ништо чудно да замине во Австралија. Сепак, претходно во Македонија ќе се случи свадба. Тој вели дека дотогаш, слободното време ќе му минува во подготовки за собирање изворни песни од неговиот роден крај и во слушање радио кое на крајот од 2003 година му донело среќа и радост во куќата.
Од истото место е и Снежана Станкова, која преку радиопрограмата се запозна со својот сегашен сопруг Лазо.
Трајче Јованов, новинар во Радио Штип и негов сегашен директор, со задоволство го враќа филмот и својата животна сторија од пред 10-ина години. "Дента бев дежурен водител на програмата. Требаше да прочитам метеоролошки извештај, но терминот беше одложен за половина час. Во него се кажуваше дека времето е сончево. Но, во тој половина час од работа не ни видов дека надвор врне снег. Тогаш се јави слушателката Олгица Лазарова, која штотуку дипломирала на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Реагираше со зборовите: "Какво сонце, зар не гледате дека надвор врне снег. Се објаснувавме некое време, па и предложив да дојде во Редакцијата, подобро да се разбереме". При првото видување меѓу нив се родила и љубов, а подоцна и малата Ефтимија. "И денес сум најголемиот критичар на мажот ми кога тој води програма", вели Олгица Јованова, која со задоволство зборува дека радиото ја создало нивната врска.
Истото му се случи и на Бранко Лазаров, новинар на Радио Штип, кој веќе неколку години живее и работи во Перт, Австралија. Таму порано престојувала неговата сегашна сопруга, Сузана Атанасовска, професор по анатомија. Едно лето, кога таа го посетила Штип - градот на своите родители, исто така го слушала радиоводителот Лазаров . Емисијата и се допаднала, па во таа контактна програма учествувала и таа. Судбината сакала истиот ден, сосема случајно, да се најдат во некое од штипските кафулиња. Денес, тие во Перт работат како компјутерски дизајнери.
Штипјанецот Ристе Влахов неколку години беше надворешен соработник на Радио Штип се додека преку програмата не се запозна со сопругата Лидија од Скопје. Тие денес живеат во Скопје, каде што Ристе Влахов е репортер во спортското радио "Канал 4". Сега и двајцата кога доаѓаат во Штип, неизбежно го посетуваат радиото. И на Влахов овие среќни моменти од животот му се случиле исто како и на другите, токму во овој период за време на новогодишните и божикните празници.
***
Вработените во радиото, мајстори за ќерки
Малку чудно и неверојатно, но речиси на сите вработени во Радио Штип и на неколку негови поранешни соработници, откако се вработиле во овој електронски медиум, им се родиле само женски деца. Вкупно 20 деца се од понежниот пол. Новинарот во Радио Штип, Стево Наумов, кој има машко дете, неколку години по вработувањето во радиото доби ќерка. Истото се случи и со новинарот Тодор Јовановски. Долгогодишниот новинар Кирчо Манев по вработувањето доби две ќерки. Спикерката Марија Шенковска, која сега е во панзија и која уште како девојка се вработила во Радио Штип, роди две ќерки. Основоположникот на штипското радио, техничарот Благој Петров, и новинарот Павле Георгиев, кои се починати, имаат по две ќерки. На радиотехничарот Димитар Нушков откако се вработи, му се роди ќерка.
Бранко Лазаров во Авастралија живее со своите две ќерки, кои се родија веднаш по отворањето на радиото. Ќерка има и соработникот во влашката редакција, Зуица Костова, која сега работи како професор по француски јазик во училиште во Свети Николе.
Женски деца имаат и другите новинари од Редакцијата. Три ќерки има соработникот Столе Штерјов. Сите сметаат дека причината за оваа појава се предавателите и другата радиоопрема со која се опкружени вработените. Веруваат дека и тоа има влијание врз полот на нивното потомство
|