a-pin-dim |
КАНАТЛАРОВСКИ ЗАДОВОЛЕН ОД ИГРАТА, НО НЕ И ОД РЕЗУЛТАТОТ
... А МОЖЕВМЕ ДА ПОБЕДИМЕ
За три минути, две идеални шанси. Чадиковски со лоб шутира крај десниот дирек, а Седлоски со глава ја затресе пречката на Кинезите
КИНА - МАКЕДОНИЈА 0:0
Стадион во Јиву. Гледачи: 24.000 Главен судија: Лу Јин (Кина).
Ж. картони: Лиу Јинг Донг (К), Седловски, Треневски (М).
КИНА: Лиу, Ксиао, Јанг (Веи), Женг, Жао Ј., Лиу Ј.Д., Жао Р. (Женг Б.), Тао (Ванг), Хао (Ли Ју), Жанг (Жоу).
МАКЕДОНИЈА: Николоски, Божиновски, Седлоски, Ќумбев (74' Рамадан), Петров (63' Васовски), Трајанов, Масев (63' Бајрамовски), Треневски (77' Димитровски), Мустафи, Шумуликоски, Чадиковски (86' Толевски).
Ретки се натпреварите кога играме на гостински терен а имаме иницијатива и шанси. Во Кина нашиот национален тим ја надигра домашната селекција, но не успеа да н се радува на победата. Многу блиску до триумф беа избраниците на Драган Канатлкаровски, кои во последните 15 минути од првиот дел ги пропуштија шансите да дадат гол. Чадиковски и Седлоски се фаќаа за глава во моментите кога беа во идеални шанси. Прво Чадиковски не успеа со гол да го прослави дебито во дресот со државниот грб. Се играше 39. минута кога беше одлично проигран од Шумуликоски, изби сам, но лошо шутираше при што топката го прелета голманот Лиу, но заврши крај десниот дирек. По само 60 секунди игра од оваа шанса имаше скратен корнер за нашиот тим од десната страна. Трајанов нафрли до главата на Седлоски, кој од 5-6 метри упати удар во пречката. На одбиената топка налета Чадиковски, кој шутна речиси од мртов агол, но еден од домашните дефанзивци ја изби топката од самата гол линија. Меѓу двете најзрели шанси за нашиот тим за одбележување е и ударот на Шумуликоски од 16 метри кога голманот на Кинезите успеа да одбрани. Финишот од првиот дел мина во наша апсолутна доминација. Иницијатива имавме и во вториот дел кога не создадовме ниту една шанса. Во тој период Кинезите преку Ванг Пенг во 70. минута имаа шанса за гол, но ударот од десетина метри Николоски успеа да го одбрани. Сигурен беше нашиот чувар на мрежата посебно во првите 20 минути од мечот кога домашните имаа три удари кон нашиот гол. Жанг Ју Мин во тој период од мечот беше најголемата закана за нашиот гол кога успеавме да одолееме на стартниот притисок.
На вчерашниот меч во Јиву нашиот национален тим успеа да воспостави контрола со засилениот среден ред. Канатларовски се одлучи мечот да го почне со дури петмина играчи за врска (Треневски, Мустафи, Трајанов, Масев, Шумиликовски) и со еден шпиц (Чадиковски). Дефанзивната линија предводена од Седлоски покажа ситни знаци на слабост кои не беа казнети од домашната селекција, а резервистите играа во периодот од вториот дел кој немаше фудбалска атрактивност.
По првата 90-минутна пресметка со Кина нашиот национален тим остави простор за надеж дека утре на вториот напревар би можеле да направиме нешто повеќе. Треба да се подобри ефикасноста во моментите кога сме во шанси затоа што на вакви натпревари ретки се моментите кога може да се даде гол.
|