a-pin-dim |
Гледам на А1 телевизија една шака на јадници, како објаснуваат нешто што ни самите не го разбираат. Објаснуваат кутрите со едни недозреани гласчиња, со една детска интонација, како најпосле добиле шанса да излезат од фолклорот и да навлезат во едно големо и долгоочекувано просветлување. Интелектуалци по вокација. Така барем се чини од нивните титули. Етнолози, филолози и што ти не. Ни објаснија како не се Србомани. Никој и не веруваше дека се. Но не верувам дека некого и го интересираше тоа. Ни објаснија дека Охридската Црква не е Српска. Тука малку ме збунија, зошто Охридската Црква никогаш и не била Српска Црква. Но кога почнаа да зборуваат за егзархот, ја заплескаа работата, и тоа многу. Ниту една Црква на светот досега (а малку е веројатно дека и отсега) нема назначено свој егзарх во Македонија освен Српската. Свој егзарх. Значи Српски. А и нема воопшто никаква логика да постои Македонски Егзарх во Македонија. Тоа е како Македонската Влада да постави Македонски амбасадор во Скопје. Вранишковски е Српски егзарх. Впрочем така и му е званичната титула која му е дадена од Патријархот Павле и која и самиот ја употребува. Сите светски гласила, кога објавуваат за овие случувања го користат терминот “Српски Владика Вранишковски”. Но ете, тие, Граѓанската Иницијатива за поддршка на “Охридската Архиепископија” изнајдоа дека тоа не е така. Самите велат дека се патриоти но се убедени дека треба да ја следат Црквата која го негира нивното национално потекло. Значи треба да им веруваме на збор дека се патриоти. Здраво за готово. Па толкав патриот не се покажал дури ни самиот лидер кој тие сакаат да го следат. Иако, изгледа дека целата оваа “патриотска” идеја потекнува од Давид, кој прв изјави дека целата оваа расколничка работа е всушност длабоко патриотска. Да ја чува Господ секоја една држава од такви патриоти. Се добива впечаток дека ни самите не знаат што сакаат, и дека се тука во функција да потполнат некој вакуум до некакво наредно случување. Зошто нивните тврдења не се совпаѓаат со ставовите на оние кои се поддржани? “Нашава” Граѓанска иницијатива го поддржува Вранишковски и неговата тајфа, заедно со нивните идеолошки наредбодавачи, а овие одамна се изјаснија дека Македонскиот народ и култура се привремена категорија (в. интервју на Иринеј Буловиќ за Политика). Давид тврди дека Автокефалноста на (Српската) Охридска Архиепископија ќе биде признаена многу брзо, а нивните духовни татковци од север велат дека тоа нема да се случи за животи на денешнава постава на врвот на СПЦ (значи уште најмалку 30-40 години, а кога им покажуваат дека Македонецот може да биде скршен лесно - никогаш). Сакаат да служат во Црква која ќе ја признаваат сите во светот, дури и по цена да се откажат од своето национално достоинство. Зошто, нека не се занесуваат, во таа нивна реалност, тие ќе бидат потчинети и национално непризнати. Вистината е дека духовно, никој на овој свет не може да не ме признае. Духовното е внатре во сите нас. Но национално може. Не разбираат дека сета ова шоу е всушност тоа. Национално непризнавање. И тие му одат на волкот в уста.
Кога филијалата на Српската Црква ќе биде “признаена” Давид и Максим ќе можат да одат на Света Гора. Кога ќе ги прашаат од каде доаѓаат, гордо и без срам ќе одговорат: од Охридската Архиепископија. И во првата заедничка литургија ќе ги споменат како “браќата од Српската Црква”. На некои од оние седнатите на новинарската конференција сигурно нема да им е по ќеф, но ќе биде доцна.
Збунети деца. Нивната поддршка на расколот не значело непризнавање на Архиепископот Стефан. Но сепак нашите владици биле некомпетентни и го учеле народот на погрешни верувања. Читав и слушав за некакво прескокнување огнови, топла ракија и гаснење жарчиња. Аргументи со кои се брани национално предавство. Во некоја иднина белки истите ќе ни кажуваат за локалните народни обичаи во Српската, Грчката или Руската Црква. Само можеби тогаш ќе бидат во состојба да прават разлика помеѓу народни и црковни обичаи па ќе согледаат дека и Македонскиот како и сите други народи има свои обичаи за одредени празници, произлезени од локалното народно наследство.
Во било кој случај сите тие ќе излезат од ова побогати со одредени искуства и знаења. Како онаа српската : Све што сија - није злато. Само што овие ниту светат ниту се злато. Л. П.
|