AaaAa |
Почина екс министерот Стево Црвенковски
04.02.2004
Стево Црвенковски
Поранешниот министер за надворешни работи, амбасадорот Стево Црвенковски почина вчера во Скопје во својата 57 година од животот, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Црвенковски повеќе од три децении даваше значаен придонес во развојот и афирмацијата на македонската посебност, самостојност и интегритет. Воедно, како креативен културен работник тој остави неизбришливи траги и во филмската продукција во Македонија.
Црвенковски дипломира на Академијата за драма, филм, радио и телевизија во Белград во 1973 година. Работи и твори како филмски автор во „Вардар филм“, на чие чело се наоѓа подолго време.
Во врвната политика Црвенковски се вклучува за време на осамостојувањето на Република Македонија, кога е избран за потпретседател на Владата на Република Македонија во септември 1992 година.
Најзначајната негова активност во оваа сфера е раководењето со македонската дипломатија, во критичните моменти на меѓународното признавање и афирмацијата на новата македонска држава, меѓу 1993 до 1996 година.
Таа активност Црвенковски ја продолжи и како советник на поранешниот претседател Киро Глигоров.
Црвенковски беше назначен за амбсадор на Република Македонија во Лондон во 1997 година и даде особен придонес за афирмација на македонската реалност во Велика Британија.
По повод неговата смрт, во Министерството за надворешни работи утре и задутре ќе биде отворена Книга на жалост.
---------
Slava mu!
|