sapeski |
Човекот, кој пред 27 години сосема случајно се запишал на курс за фудбалски судии, денеска е најпознатиот судија што некогаш се појавил зелениот терен. Тогаш, 17-годишниот Италијанец отишол да му прави друштво на негов соученик, но кога овој паднал на тестот поради слабиот вид, тој решил да го полага тестот. Станува збор за "ќелавкото" Пјерлуиџи Колина, кој денеска ќе го прослави својот 44-ти роденден, факт што не го радува, бидејќи му останува само уште една година "делење на правдата".
Колина е инстантно препознатлив по својата фигура и ококорените очи, но и репутацијата што ја изгради како кај играчите, така и кај огромната фудбалска публика. Иако го водеше финалето на Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја 2002 година, за него најинтересен натпревар е финалето на Лигата на шампионите 1999 година меѓу Манчестер јунајтед и Баерн Минхен.
- Судиското продолжение во тоа финале се трите највозбудливи минути, што ги паметам во историјата на фудбалот, објаснува Колина.
Италијанецот, кој по професија е финансиски консултант, има и импресивна колекција од фудбалски дресови: Роналдо од Јокохама 2002, Бекам од Сапоро 2002, Зидан од ЕП 2000, итн. На прашањето, пак, кои му се омилени фудбалери, тој ги набројува Диего Марадона, Роберто Баџо, Раул и најдобрата фудбалерка во моментов, Миа Хем, но почесно место во оваа класификација зазема англискиот капитен - Дејвид Бекам. Во овој случај, чувствата се взаемни, бидејќи Бекам во својата автобиографија го нарекува Колина "најдобриот судија во светот". Сепак, Бекам не е единствениот со оваа констатација. Реномираниот Меѓународен институт за фудбалска историја и статистика шест години по ред го прогласува за Судија на годината.
[img]http://vesti.mt.net.mk/images/kolina_bekam.jpg[/img]
"Ќелавкото", исто така, е еден од ретките судии, кои на фудбалерите за време на натпревар им се обраќаат со име.
Тоа е вистина. Веќе подолго време сме заедно и се познаваме добро. Освен тоа, мислам дека така е многу полесно да се води мечот, иако понекогаш односите со играчите се проблематични. Фудбалерите мора да разберат дека ние не сме непријатели, не сме од другата страна на барикадите. Треба да разговараме меѓу себе и на тој начин работите ќе се развиваат многу подобро, коментира Италијанецот.
Најпознатиот италијански судија пати од синдромот алопеција, поради што уште на 24 години останал без влакно на главата.
[img]http://vesti.mt.net.mk/images/colina.jpg[/img]
Профил:
Роден на: 13.02.1960 (Вијареџо, Италија)
Семејство: сопруга Џана и деца Франческа и Каролина
Навива за: Скипер Болоња (кошарка)
Деби во Серија А: 15.12.1991 (Верона-Асколи)
Јазици: италијански, англиски, шпански, француски
Повлекување следната година.
Пјерлуиџи Колина ќе мора да се повлече од судењето следното лето кога ќе има 45 години, бидејќи правилата на Здружението на фудбалските судии во Италија го предвидуваат тоа.
- Ќе се повлечам следниот јуни, бидејќи правилата ме обрзуваат на тоа. Сепак, мислам дека е малку произволно за ова да се одлучува врз основа на податоците од личната карта, изјави Колина.
Иако од англиската Премиер лига има понуда таму да ја продолжи кариерата, Колина барем засега нема такви планови. |