sapeski |
"Свети Илија" лежи недопрена на дното на вештачкото езеро.
[img]http://www.vest.com.mk/images/{1D5F0E81-CA3C-4833-B05A-A966BF1A1A8F}_krst-2.jpg[/img]
Црквата "Свети Илија" во селото Глобочица, кое во 1965 година беше потопено по изградбата на браната и вештачкото езеро, шест века беше симбол на православието на овие простори. Селските куќи, по 39 години, се распаѓаат во длабочините на езерото, но црквата се уште стои речиси недопрена на езерското дно. Тоа сите го гледаат кога водата е бистра. "Одвреме-навреме кога водостојот опаѓа или, пак, така сака Господ, еден дел од 'Свети Илија' излегува на површината. Тогаш одиме да го поправиме она што го разрушила природата, а најчесто покривот. Нејзиниот градител, младиот Марко, на влезната порта, пред околу 600 години оставил отпечаток од неговата дланкаа и рекол: 'Оваа црква нека биде вечна и нека постои се додека не се најде човек што ќе има поголема рака од мојава за да ја поклопи'. Таков не се појави, но моќните машини, со изградбата на браната за хидроцентралата 'Глобочица', ја потопија црквата засекогаш", раскажува Ванчо Поповски, пасиониран фотограф - хроничар, по струка машинец, сега жител на Струга, а по потекло од блиското село Глобочица.
Жителите од селото Глобочица, кои сега имаат изградено куќи на нова локација, бидејќи старото село е под вода, не случајно имаат голема почит кон потопената црква. За ова Поповски слушал повеќе преданија од постарите, но една верзија, за која вели дека засега е приказна, а има намера да ја провери во некои турски документи кои се уште не биле преведени кај нас, ја знаат и ја прифаќаат голем број жители на селото.
"Преку сегашната граница во призренскиот крај на Косово, пред околу шестотини години, во едно село по име Глабочица, живеела поголема група христијани. Меѓутоа, со доаѓањето на Турците на тие простори и нивната намера да вршат исламизирање на тамошното население, жителите од ова село барале начини како да ја избегнат присилната промена на нивната вера. Некој предложил сите да се удават во варниците што постоеле во нивна близина, други умни глави сакале на гробовите на нивните предци да изградат големи камени крстови кои Турците не ќе можеле да ги разурнат, а со тоа ќе останел вечен спомен за нивното постоење. Заклучиле дека со тоа ништо нема да постигнат, а најголем противник на ваквите замисли бил младиот Марко, кој учел богословија во Призрен. Еден од умните, попот Пискот, кој знаел како да одржува врски со тогашната османлиска власт во Призренско, на таткото на Марко му предложил неговиот син да го префрли во Дебар, во селото Бомово каде што владеел дебарскиот бег, инаку познајник на попот Пискот. На тој начин се мислело дека ќе се најде спас за ова население кое по никоја која цена не сакало да ја прифати исламската вера", ги пренесува Ванчо Поповски кажувањата на старите жители на Глобочица.
Дебарскиот бег, како што вели Поповски, имал шест ќерки и ниту еден син, а појавата на Марко и на неговиот брат ја гледал како добраа можност да има машки наследник преку нивно посинување или, пак, преку нивно женење со некоја од неговите ќерки. Марко тука дошол под услов да не биде исламизиран, а тоа бегот долго време го почитувал. Но, како што раскажува Ванчо Поповски, турската власт зајакнала и на тие простори, исламизацијата зела замав. Бегот му рекол на Марко дека нема избор и оти мора да се потурчи или да си оди, зашто, во спротивно, власта ќе го откриела Марко, кој со себе ја носел и иконата од црквата од неговото село Глабочица, Призренско. Знаејќи за големото богатство на дебарскиот бег, го замолил да го прошета по неговите имоти во Дебарско, Струшко, Охридско. "Поминале многу, но кога Марко дошол со бегот до местото каде што до 1965 година постоеше селото Глобочица, гледајќи дека од три страни е заштитено со вода, му рекол на бегот да му го даде овој имот на управување. Бегот се согласил, Марко тука изградил повеќе куќи, донел некои жители од неговото село од Косово, но ја изградил и црквата 'Свети Илија'. Овој човек имал бурен и тежок живот, а од неговите поколенија никој повеќе не живее на овие простори. Слушнав за еден човек кој сега живее во Дебар, дека носи чудно презиме, дека знае за оваа верзија за Марко. Можеби е тој еден од потомците на Марко, но не знам, тоа треба да се провери", вели Поповски.
"Свети Илија", како што кажуваат охридските нуркачи, кои ја фотографираа под вода по речиси четири децении од нејзиното потопување, е недопрена, освен што има мали оштетувања на покривната конструкција. Нејзината внатрешност била изложена на поголемо пропаѓање, но иконите и другите црковни реквизити, пред да биде потопена, биле пренесени во црквата "Свети Ѓорѓија" во Струга. И самите нуркачи се зачудени колку црквата го зачувала својот првобитен изглед, но не можат да претпостават до кога ќе издржи.
"Во време кога водата во вештачкото езеро опаѓа, еден дел од црквата се појавува на површината, најчесто покривот. Тогаш ги менуваме оштетените ќерамиди, но, за жал, не можеме и дрвената граѓа. Кога езерската вода е бистра, дел од црквата добро се гледа. Јас честопати, кога тоа се случува, барам да го видам отпечатокот од дланката на Марко на влезот во црквата, но, за жал, тоа не може да се види. Поголем јунак од него не се појави тука, но машините ја потопија неговата црква", вели Поповски и додава: "Јас поседувам околу 2.000 фотографии од овој крај, од кои над 500 се за Глобочица, која според едни името го добила по истоименото село Глобочица, Призренско, од каде што дошол Марко, а според други, поради тоа што било изградено на длабоко место. Имам снимено и два документарни филма 'Откорнати' и 'Да не се заборави'. Живеам во Струга, но како врват годините, Марковата Глобочица магично ме влече",вели Ванчо Поповски. |