sapeski |
Минатата недела 68-годишниот Тихо Крстевски од тетовското село Туденце распослано по планината Жеден попладнето околу 10 часот, откако прилегнал да се одмори, сонил маж кој му рекол "ти се одмораш, сите не газите, а никој не ме открива, да појдеш да ме откопаш и ме осветлиш". Како што ни изјави Крстевски, откако точно на сон му било кажано каде да појде да ископува, тој веднаш заминал со копач во рацете, во месноста "Бучало", порано нарекувана Црквиште, на околу еден километар над селото кај едно јасеново дрво. Тихо започнал да копа и на длабочина половина метар наишол на темели на црква со широчина од 7,5 метри и должина од 18 метри. Минатиот вторник, за тоа биле известени претставници на Музејот на Македонија и од тетовскиот музеј. Нивни претставници, заедно со стручни лица ги започнале првите археолошки ископувања кои продолжуваат и оваа недела.
Виктор Лилчиќ, од центарот за археолошки истражувања ни изјави: "Ова е ранохристијанска црква, најверојатно од 6 век од нашата ера".
Велимир Цветановски, директор на тетовскиот музеј вчера за ВЕСТ посочи: "Станува збор за уникатна црква од рановизантискиот период од 5-6 век од нашата ера со две фази на градба. Имаме индикации дека наводно се работи за монашка црква, но тоа допрва треба да биде испитано. Објектот е доста нестандарден по својата градба за овие простори и веројатно тоа е единствена црква во Македонија според својата архитектура. Оваа црква е доста луксузно градена со употреба на повеќе видови градежна и покривна керамика. Црквата има два влеза, малиот на јужната, а големиот, главен, на западната страна и двата се многу добро сочувани. Откриени се делови од мермерна пластика во олтарниот дел". |