Strelec |
Почнаа и овогодишните предвелигденски пости, па покрај многу овошје, зеленчук, посни колачи, тестенини без јајца и уште многу други нешта, во овој период верувам дека често ќе се консумира и риба.
Покрај стандардното и најчесто приготвување на рибата (пржење во масло, а претходно нели валкање на парчињата риба во брашно), би било убаво понекогаш да се подготви некое посложено, но и многу повкусно јадење.
Едно такво деликатесно јадење е и рибјиот ѓувеч.
Потребни состојци:
2кг. било каква поголема слатководна риба
1,5кг. кромид (многу ситно исецкан)
2 главици лук (едната главица ситно исецкана)
100мл. масло
100г. мелени пиперки (благи)
50г. сецкани пиперки (лути)
сол
бибер во зрно (50-60 зрнца)
ловоров лист
1 китка сецкан магдонос
5 супени лажици кечап
1 лимун
2дл. бело вино
Подготовка:
Рибата се чисти, убаво се мие и се сече на покрупни парчиња. Потоа се посолува и се попрскува со лимуновиот сок, па се остава така да стои еден саат.
Во меѓувреме, во маслото го пржиме кромидот додека не зацрвени, па додаваме вода колку кромидот да се покрие и со повремено мешање чекаме кромидот убаво да омекне. Потоа кромидот го ставаме во 5-литарско тенџере со околу 3 литри вода. Откако водата ќе зоврие, ги додаваме уште слатките мелени пиперки, една главица ситно исецкан лук, една главица со цели чешниња лук, сол, бибер во зрно и кечап. По неколку минути (кога водата повторно ќе почне да врие) ги ставаме и парчињата риба (заедно со главата).
Целата оваа содржина сега се вари на тивок огон (важно е да биде на тивко за рибата да не се превари) и повремено мешаме на тој начин што тенџерето вртејќи го во кругови го навалуваме на сите страни. По 15-тина минути ги додаваме и лутите сецкани пиперки и ловоровиот лист и потоа оставаме да се вари уште нови 15-тина минути.
Дека јадењето е готово ќе знаеме по тоа што кромидот треба да е сосема изварен и речиси нема да се забележува. Неколку минути пред крај се додава уште и белото вино и ситно исецкан магдонос.
Да! Знам дека ви изгледа гломазно, тешко, макотрпно, вакво и онакво, ама ќе го паметите денот кога сте ме послушале и сте го направиле ова јадење.
Не знам дали 'по добро' или 'по лошо', но сигурно ќе го паметите!
|