Македонски вести од областа на здравјето |
Strelec |
По појавата на птичјиот грип во САД
Македонија се уште увезува американско пилешко
Ветеринарната управа се уште не знае дали и кога ќе го забрани увозот на пилешко месо од САД, иако во понеделникот американските власти официјално соопштија дека во Тексас има појава на птичји грип. Ова е четврта по ред држава од САД во која се потврдува присуството на болеста.
- Се уште се консултираме со министерот за земјоделство Славко Петров. Ако има потреба, ќе се забрани увозот од сите држави од САД и ќе се следат одлуките на Европската унија. Засега не можам да кажам ништо повеќе - вели Чокревски.
Европската комисија го забрани увозот на живина и јајца од САД во понеделникот.
Според податоци од Министерството за земјоделство, годишно од САД кај нас влегуваат околу 11.000 тони живинско месо, со што оваа земја наш најголем снабдувач со пилешко. Експертите тврдат дека станува збор за многу опасна болест која освен за птиците е смртоносна и за луѓето. Добра страна на болеста е што се уништува на 70 Целзиусови степени и не се пренесува преку зготвено месо.
(Дневник)
|
Strelec |
Започна процесот на приватизација на аптеките и здравствените установи
Започна процесот на приватизација на аптеките и здравствените установи во државата, како дел од реформите во здравството кои се најавуваат 13 години наназад.
Поради тоа деновиве сите здравствени установи ќе добијат известување да изготват списоци со попис на квадратурата, опремата и бројот на вработени, велат во министерството за здравство.
Аптеките кои се во сопственост на државата ќе одат на јавна продажба. Оние кои се наоѓаат во здравствените домови, тие кои се сопственост на претпријатието за стамбен и деловен простор, или се правени со самопридонес на месното население ќе бидат издавани под закуп.
Според најавите од министерството сите вработени кои се затекнале во објектите и стоматолошките ординации ќе останат на своите работни места.
Кога сето ова ќе се подели останува да се склучат договори со фондот за начинот на финансирање. Доколку не се појават поголеми проблеми се очекува овој процес да заврши за неколку месеци, најавуваат во министерството за здравство.
Приватизацијата во здравството започна и покрај противењето на аптекарите и синдикатот кои сметаат дека овој процес не треба да започне без донесување на законот за јавни установи.
(А1 Телевизија)
|
Strelec |
На граничниот премин Табановце
Откриен шверц на лекови од Србија во Македонија
На граничниот премин кај Табановце е фатен извесен С.З., македонски државјанин, при обид во камион од Србија и Црна Гора во државава да прошверцува 4.100 пакетчиња разни лекови. Лековите биле скриени под седиштето на возачот во камионот со српски таблички. Обидот за недозволена трговија со лекови, поради што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава, е откриен на 1 април, а ниту кумановската полиција ниту Царинската управа од засега непознати причини не откриваат други детали за случајот.
(Утрински Весник)
|