Whitebaby |
Инцидент над мостарскиот аеродром на авионот со кој патуваше премиерот Црвенковски
На кобната кота 524 избегната уште една авионска трагедија
Во авионот "фалкон" освен двајцата членови на екипажот немало никој зашто делегацијата предводена од премиерот Црвенковски од Сараево до Мостар патувала со автомобили
Авионот "фалкон-50", сопственост на српско-црногорската влада, со кој македонскиот премиер Бранко Црвенковски, придружуван од министерот Хари Костов и други членови на делегацијата, во саботата вечерта отпатува од Скопје за Сараево, за лично, на самото место, да направи увид на текот на истрагата за уривањето на авионот со кој патуваше деветчлената македонска делегација предводена од претседателот Борис Трајковски, пред слетувањето на мостарскиот аеродром имал сериозни проблеми со уредите за навигација и само благодарение на присебноста на пилотите била избегната уште една трагедија. Во тоа време, според извори од македонската Влада, освен двајцата членови на екипажот немало никој друг, бидејќи делегацијата предводена од Црвенковски патувала со автомобили од Сараево до Мостар
Според засега сў уште непотврдени информации, на околу еден километар од Ротимља, кај Столац, на котата 524 кај селото Хусковиќи, петнаесетина километри од Мостар, недалеку од местото каде што загинаа Борис Трајковски и неговите соработници и двајцата членови на екипажот, во клунот на "фалконот" удрил гром поради што во истиот момент откажале средствата за комуникација, автоматскиот пилот и уредите за навигација. Среќа е, велат нашите соговорници, што тогаш авионот се движел на висина од околу петстотини метри над онаа со која се движел урнатиот владин "суперкингер". По ударот од громот, авионот за момент ја загубил височината и врската со контролната кула, а пилотите, со голема присебност успеале да го приземјат авионот. Среќа околност е, истакнуваат нашите соговорници, што "фалконот" е посовремен авион и што инсталацијата била добро поврзана, и тоа придонело да дојде до брзо празнење на електрицитетот од трупот на леталото. На аеродромот во Мостар биле отстранети сите недостатоци, по што владината делегација, на чело со премиерот Црвенковски, се врати Скопје.
|