Астма
Астма
Strelec Од астма страдаат деца со наследна склоност кон алергија Астмата е хронично заболување со најтешка алергиска реакција на долните дишни патишта. Во последните години има пораст на алергијата и на астмата во детската возраст. Се разболуваат деца со наследна склоност кон алергија. Најчесто првите напади се јавуваат од една до 7-годишна возраст. Причините за нападите во раната возраст се алергените од: храна, домашна средина, пасивно пушење, вирусни и бактериски инфекции. Кај поголемо дете алергени може да бидат сите честички што ги вдишува од воздухот. Во секоја возраст голема улога има бактериската преосетливост, која се развива при нелекувани хронични инфекции на дишните патишта. Астмата се манифестира со напади на тешко дишење, кашлица и со свиркање во градите. Нападите можат да бидат лесни, средно тешки и тешки. Се повторуваат во зависност од контактот со причинителот. Нападот настанува поради спазам на мазната мускулатура, оток на лигавицата и зголемениот секрет во бронхите. Нападот почнува ноќе или во раните утрински часови. Детето се буди со тешко дишење, глад за воздух, седнува во кревет уплашено и бара помош. Дишењето е шумно, со свиркање во градите, со сува мачителна кашлица, а гласот е јасен. Битно е рано да се постави дијагнозата на астмата. Таа се потврдува со неколку параметри: оптовареност на алергија во фамилијата, алергична конституција на детето, карактеристичен напад на тешко дишење, нарушена белодробна функција и со лабораториски испитувања. Потребно е да се исклучат болестите што имаат слична клиничка слика. Рано поставената дијагноза, раното лекување на нападите ќе го намали периодот на хроницитетот. Матичниот лекар треба добро да го познава детето. Лекувањето на лесните напади го спроведува мајката во домашни услови со инхалација, за што треба да биде обучена од лекарот. По две до три инхалации нападот се повлекува. Кај средно тешките напади лекувањето е амбулантско од матичниот педијатар, со упатства од детски пулмоалерголог. Потешките и почести напади бараат болничко лекување. Матичниот лекар-педијатар треба да ја познава целата фамилија. Превенцијата на астмата е најбитна. Таа почнува уште во бременоста на мајката во однос на исхраната, продолжува по породувањето, со задолжително доење на детето. Децата треба да избегнуваат алергизантни храни и контакт со стимулуси и со супстанции што ќе го провоцираат нападот. Треба да се избегнува пушење во средината каде што се наоѓа детето. Најбитна е медикаментозната превенција на нападите. Таа се спроведува под надзор на педијатар-пулмоалерголог. Почнува од првата година и продолжува додека се повторуваат нападите. Се даваат лекови што се најсоодветни за возраста со најголема безбедност за детето и со изразено локално дејство - со најмала ресорпција преку дишната лигавица во циркулацијата. Лековите се даваат само преку инхалација за да немаат системски токсичен ефект. Контрола на детето е секој месец кај алергопулмологот. Стручноста на матичниот педијатар и соработката на мајката со лекарот може да го ослободи детето од нападите. Совет: Мајки, не треба да се плашите од астмата. Соработувајте со вашиот педијатар, кој ќе го држи под контрола здравјето на вашето дете. Не верувајте им на лекари што не го познаваат детскиот организам и со несоодветни лекови му наштетуваат на вашето дете.