Почитуван Претседателе - Испраќање |
DJ_SHEMA |
ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕМИЕРОТ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ НА КОМЕМОРАТИВНАТА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА БОРИС ТРАЈКОВСКИ
Почитуван Претседателе,
Денес, цела Македонија е на нозе, сплотена и обединета во болката, достоинствена во тагата, единствена во почитта. Се простуваме за последен пат од тебе, од нашиот претседател. Огромна е нашата загуба, огромна е трагедијата што ни се случи.
Пред само 10 дена, полн со живот, полн со ентузијазам и верба во европската иднина на Македонија, ти ме испрати во Ирска. Судбината одлучи, денес јас тебе да те испраќам во незаборавниот дел од историјата на нашиот народ и нашата држава.
Во овие изминати четири години, и приликите, но и оваа проклета професија наречена политика, наложија во исто време да станеме и пријатели и противници, и да соработуваме и да се критикуваме.
Но, она што со сигурност го знам е дека во сите клучни моменти, при донесување на најтешките одлуки за иднината на нашата држава, секогаш бевме заедно, на иста страна, полесно разбирајќи се меѓусебно, отколку дури и со своите сопартијци.
Честопати, пловеше спротивно на ветерот - неразбран, обвинуван, без доволна поддршка. Во 2001-та, ти беше најзаслужниот што не ни се случи катастрофа. Стоечки ги издража сите критики. Те обвинуваа дека си предавник, а ти го направи најпатриотското нешто. Те обвинуваа дека си плашливец, а ти го направи најхраброто нешто. Ти, повеќе од било кој друг, ја запре војната и ни го врати мирот. Во времето на лудило, ти внесе разум.
На омразата и се спротивстави со твоите беседи за љубов, простување, меѓусебно разбирање. И сето тоа го правеше во твојот препознатлив стил: искрено, едноставно, од срце и без било какви калкулации.
Во една прилика ми рече: “После 10 години сите ќе се уверат дека сум бил во право”. Борисе, не беа потребни 10 години. Веќе денес, цела Македонија ти го оддава своето признание.
Трагично е за нас повеќе отколку за тебе што твојата смрт не обедини повеќе отколку твоите заложби како претседател. Трагично е за нас, а сатисфакција за тебе што денес сите сме свесни дека беше почитуван повеќе во светот, отколку во сопствената држава.
Денес, знаеме дека Ти гледаше подалеку, мислеше подлабоко, веруваше повеќе. Огромна е болката за сите нас, а најголема за твоето семејство.
Некој некогаш рекол: “Поделена радост - поголема радост. Поделена тага - помала тага”. Денеска, сите ние, цела Македонија и сите наши пријатели ширум светот, ја делиме тагата и болката на твоите Вилма, Сара и Стефан. До денес, твоите деца имаа еден татко. Од денес, татковската грижа станува одговорност за сите нас.
Почитуван Претседателе!
Многумина по добивањето на трагичната вест се запрашаа што ќе биде со Македонија по твојата смрт. Таквите, ниту ја знаат Македонија, ниту те знаеле тебе. Не беше твојата големина во тоа што го водеше својот народ во правец спротивен на неговите определби.
Твојата големина е во тоа што беше човек од народот и со народот. Македонија го знае својот пат, Македонија знае каде е нејзината иднина. Почитуван претседателе, ми беше чест што те познавав и што можев да соработувам со тебе.
Има големи луѓе покрај кои сите останати се чувствуваат мали. Има и уште поголеми луѓе покрај кои сите останати се чувствуваат големи.
Ти, Борисе, беше таков.
Почивај во мир, голем човеку.
(05.03.2004)
|
DJ_SHEMA |
ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОКОМИСИЈАТА РОМАНО ПРОДИ НА КОМЕМОРАТИВНАТА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА БОРИС ТРАЈКОВСКИ
“Кога ја добив веста за трагичниот инцидент кој прерано го прекина животот на Борис Трајковски веднаш се присетив на еден момент: нашата средба во Солун по повод јунскиот самит на Европскиот Совет минатата година.
Тоа беше ден од големо значење за Балканот. Ден од големо значење за Европа. Заедно донесовме одлука дека проширувањето на Европската Унија не може да заврши се додека сите земји од овој регион не станат нејзини полноправни членки. И за таа цел заедно ја договаравме нашата заедничка агенда.
Кога се видовме, се прегрнавме и си рековме дека е многу убаво што седиме на иста маса, планирајќи го нашиот нов заеднички дом. Се сеќавам дека му се заблагодарив за неговите напори и посветеност во процесот на приближување, не само на неговата земја туку и на целиот регион, кон Европа. Неговиот одговор на тоа беше насмевка и уште посилна прегратка.
Тоа е сликата од Борис Трајковски што секогаш ќе ја носам со себе. Неговиот труд и неговата посветеност. Љубовта за Европа и за неговиот регион.
Европа беше компасот што Борис го користеше во определувањето на својот правец. Толеранцијата и почитувањето, вредности на кои почива нашата Унија, беа вредностите кои му даваа инспирација во најтешките моменти на оваа земја и на сите нејзини граѓани. Интеграција, а не разединување. Отворање, а не затворање. Учество, а не исклучување. Како нашата Европа: Унија на малцинства обединети од идеалот за соработка и мир.
Тоа беа мислите кои ме водеа низ мојата неодамнешна посета на Скопје кога заедно со него го поминавме стариот мост на Вардар, голем симбол на поврзување на градот и земјата, како во историјата така и денес.
Оваа земја, овој регион, цела Европа губи просветлен лидер и водач со јасна визија, државник кој знаеше да гледа подалеку од хоризонтот на дневните политички игри, човек кој знаеше како да ги стави основните индивидуални вредности во центарот на својот избор.
Сите ние што дојдовме да му оддадеме почит на споменот на Борис Трајковски, сочувствуваме со болката на неговото семејство, неговата драга сопруга Вилма и неговите деца Стефан и Сара, со сите блиски, пријатели, како и со болката на сите Македонци.
Сепак би извршиле предавство на работата и на пожртвуваноста на еден живот, доколку се ограничиме само на изразувањето болка за загубата, која навистина е огромна. Оддавањето почит на споменот на Борис Трајковски значи да се продолжи битката за реализација на целите во кои Борис веруваше и да се заврши проектот што тој го започна.
Денешнава комеморација на Борис Трајковски повикува на размислување за индината на македонскиот народ кој му беше многу драг, кој беше во неговото срце и на кому целосно му припаѓаше.
Комеморацијава го повикува политичкото раководство на земјата решително и со јасна определеност да продолжи по патот на европската интеграција со свесност дека станува збор за неповратен процес кој има недвосмислена поддршка од целата земја и од сите етнички и политички сегменти, со сите нивни одлуки, одговорности и права.
Денешнава комеморација ја повикува меѓународната заедница да продолжи со поддршката на неговите значајни напори и да ги надополни реализираните обиди во рамките на сложениот процес на реформи кои се неопходни за оваа земја да стане полноправна членка на Европската Унија.
Значи со нетрпеливост ја очекуваме вашата апликација за членство во Европската Унија. А, доколку апликацијата можеше да биде посветена некому, ќе требаше да му биде посветена на Борис Трајковски.
Ние веруваме во оваа земја, веруваме во нејзината волја и определба да се интегрира во европските структури и сигурни сме дека преземените чекори ќе бидат наградени со успех. Ќе биде потребно трпение и пред се упорност. Треба да се сака Европа онолку силно колку што ја сакаше Борис Трајковски.
Ние денес плачеме за Борис Трајковски, но ние сме, исто така, сигурни за политичката иднина на оваа земја. Секое поинакво однесување би било предавство на идеалите за кои Борис се заложуваше во текот на сиот свој живот. Неговата трагична смрт е тага за сите нас. Но, неговиот спомен треба да не поттикне да работиме уште повеќе за да го одржиме во живот неговото политичко и морално наследство и да ги оствариме целите што тој самиот си ги постави.
Дваесет и шести февруари треба да биде запаметен како тажен ден за сите нас, но исто така како ден посветен на споменот и на напорите. Топлината што го грееше срцето на Борис Трајковски никогаш да не згасне. Нека се реализира неговиот сон да ја види Македонија како полноправна членка на една просперитетна и мирна Европа”.
(05.03.2004)
|
DJ_SHEMA |
ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НИКОЛА ГРУЕВСКИ НА КОМЕМОРАТИВНАТА ЦЕРЕМОНИЈА ЗА БОРИС ТРАЈКОВСКИ
Почитувана госпоѓо Трајковска,
Сара и Стефан,
Ваши екселенции, уважени гости, дами и господа,
Никогаш во животот не сум го правел тоа, ниту, пак, очекував дека животот ќе ме донесе во една ваква ситуација, во еден ваков тежок момент, момент на голема жал за загубата на еден голем Македонец, голем државник и голем пријател, на ваков начин за последен пат да се поздравам со него, по еден ваков трагичен настан. Денес сме собрани илјадници луѓе, овде на ова место да ја споделиме тагата што сите ја чувствуваме и, можеби, така да најдеме сила и храброст да продолжиме во иднината. Кон иднината за којашто нашиот претседател секогаш зборуваше.
Загубата што ја претрпе Република Македонија е, пред се, загуба на Вашето семејство, госпоѓо Трајковска, тоа е загуба на пријателите и блиските на претседателот Трајковски, на Сара и Стефан, но и голема загуба за сите нас во Македонија. Ние сите денес ја делиме болката што ја чувствувате Вие и семејствата на останатите големи луѓе кои загинаа во оваа ужасна несреќа.
Претседателот Трајковски го запознав некаде во 1996 година во партиските простории на ВМРО-ДПМНЕ, но вистински и подлабоко го запознав од 1998 година. Секогаш беше многу динамичен, енергичен, борбен, чесен во намерите и отворен човек. Никогаш не се штедеше ниту себе, ниту соработниците кога беше во прашање напредокот, развојот на Македонија, подобрата иднина, барањето излез од секоја кризна ситуација.
Борис Трајковски беше човек што знае да ислуша, да даде, но и да прими совет од секого, да згреши но и да признае грешка и да се извини, и секогаш подготвен да простува, за оние што ќе му згрешат.
Вложуваше многу напори за многу работи, за многу проблеми, за многу можности и шанси целата држава и целиот народ да живеат подобро. Тргнувајќи од напорите за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, па до напорите кои дури и не беа уставна обврска за неговата функција претседател на Македонија, како што се економијата и животниот стандард.
Многупати бевме заедно на средби со највисоките претставници на Светската банка, на Меѓународниот монетарен фонд, државници, амбасадори, но и со претставници на најголемите компании во светот, на конференциите во Давос, Њујорк, Мексико и на многу други места. Се бореше од срце за Македонија. Да ги објасни и истакне предностите на Македонија за инвестиции и бизнис за да се вработат повеќе луѓе, да се оживеат пропаднатите компании во транзицијата, да се подобри економската состојба на Македонија.
Во мое присуство лично се заложуваше за секоја македонска компанија што имаше шанси, но и потешкотии да направи некој успех на меѓународен план. Ги користеше сите лични пријателства низ светот за да помогне за Македонија, и што е најважно, никогаш тоа не го правеше со задна намера, заради лична цел или лична корист. Беше еден од најчесните политичари што сум ги сретнал и, меѓу другото, тоа е една од најголемите негови вредности и она што го прави навистина голем.
Сепак, во сите тие напори, како претседател на Македонија, мислам дека најголемиот напор и желба му беше да ги обедини граѓаните на Република Македонија, без разлика на нивната верска припадност, етничка припадност или политичка припадност. Денес сите сме тука обединети, и Македонци и Албанци, и христијани и муслимани, и од сите партии, ние неговите од ВМРО, тука е и СДСМ, и ДПА и ДУИ. И сите други. Сите се сеќаваме на неговите пораки, и сите се согласуваме дека мораме да го продолжиме патот на кој тој упорно инсистираше, патот кој овој народ во оваа држава треба да го направи посреќен, побогат, а земјата мирна и стабилна. Дури и оние кои најмногу ги негираа неговите напори, денес се горди што го имавме како држава. Тој остави неизбришлива трага во македонската историја.
Претседателе,
Поминавме часови и часови во разговори, примања и давања совети и размислувања за ВМРО и за Македонија, за нас, за нашиот народ, за народите во другите држави на Балканот, за тоа како да ја направиме иднината на земјата посреќна и посветла. Многу повеќе се согласувавме и ретко се разидувавме во ставовите. Направивте многу за Република Македонија, за ВМРО-ДППМНЕ, за нашиот народ, за мене, за вашите соработници и соговорници, за пријателите, па дури и за оние кои сакаа или на моменти Ви беа непријатели. Си заминувате оставајќи не со болка и тага, но и со дополнителен елан да ја продолжиме нашата мисија за која работевме.
Почивај во мир Претседателе!
(05.03.2004)
|
DJ_SHEMA |
ПОВОРКАТА СО ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВО АЛЕЈАТА НА ВЕЛИКАНИТЕ
[img]http://www.kanal5.com.mk/imgVesti/pogreb_ulica.jpg[/img]
Погребната поворка со посмртните останки на претседателот Борис Трајковски стигна во Алејата на великаните на гробиштата Бутел.
Пристигнувањето беше означено со испукување на топовски салви. Пред поворката е сликата на претседателот Трајковски, по што следат надгробниот знак, цвеќето и венците од семејството, од Собранието, од Владата, од Генералштабот на АРМ и од други државни и цивилни институции.
Ковчегот на Претседателот е положен на лафет. Го придружуваат аѓутантот на претседателот, семејството, почесната гарда, почесна придружба, старешини на АРМ и на македонската полиција.
Главниот дел на поворката го сочинуваат 520 лица, организирани во 52 реда од по десет. Во првите два реда по ковчегот чекори најблиското семејство Трајковски, потоа следи редот со државниот врв, премиерот Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието Љупчо Јордановски и членовите на Владата, високи претставници на црковните заедници во државава, од партијата ВМРО-ДПМНЕ, од Парламентот, од правосудството и од Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Во поворката се вклучени и подалечните роднини и пријатели на семејството Трајковски.
Погребната церемонија, како што е предвидено, ќе почне по симнувањето на ковчегот од лафетот, со високи државнички и воени почести.
На неа ќе се обратат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, претседателот на Европската комисија Романо Проди и премиерот Бранко Црвенковски. Пораки ќе упати и бискупот на Југоисточна Европа од методистичко-евангелистичката црква, чиј верник беше претседателот Борис Трајковски.
По завршувањето на говорите, осум старешини од АРМ ќе го подготват квчегот за погребување на посмртните останки на претседателот. Истовремено, аѓутантот на претседателот Трајковски ќе и ги предаде на неговата сопруга Вилма Трајковска македонското знаме со кое беше прекриен ковегот и одликувањата заедно со перничето.
Пред крајот на церемонијата ќе бидат изведени две црковни песни по избор на семејството Трајковски.
Во Алејата на великаните се поставени пет дрвени платформи. На една од нив стојат членовите на Владата, а на по две делегациите од странство и претставниците на медиумите кои го следат погребот на претседателот Трајковски.
Членовите на потесното семејство и претставниците од Собранието се на зелениот простор од предната и задната страна на гробницата.
(05.03.2004)
|
DJ_SHEMA |
ПОГРЕБАН ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ
Во 14 часот и 57 минути е положен ковчегот со посмртните останки на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски во неговиот вечен дом во Алејата на великаните на гробиштата Бутел во Скопје.
На надгробната мермерна плоча е запишан стих од Евангелието на Матеј, 5,9: „Блажени се тие што градат мир, зашто ќе се наречат синови Божји“. На плочата од црн гранит стои крст, под кој пишува: „Борис Трајковски 1956-2004“.
Со највисоки државно-воени почести последна почит на шефот на државата, покрај семејството, му оддадоа членовите на Владата и Собранието, дипломатскиот кор во земјава и делегации од странство, претставници на државните институции, црковните заедници, политичките партии, граѓански здруженија и асоцијации.
Претседателот Трајковски за последен пат го испратија и македонските граѓани. Дел од нив ја придружуваа погребната поворка до пристигнувањето на гробиштата, а некои чекаа во Алејата на великаните.
Освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, претседателот на Европската комисија Романо Проди и премиерот Бранко Црвенковски, на церемонијата се обрати и Хенрих Болетер, бискуп на Југоисточна Европа од Евангелско-методистичката црква, чиј верник беше шефот на државата.
Пред закопувањето на посмртните останки беа изведени две црковни песни по избор на семејството Трајковски, а на сопругата на Претседателот, Вилма Трајковска, и беше предадено македонското знаме, со кое беше прекриен ковчегот, и одликувањата заедно со перничето.
(05.03.2004)
|
DJ_SHEMA |
Погребан претседателот Борис Трајковски
МИА
05.03.2004
На чело на поворката оди аѓутантот на претседателот, неговото семејството и највисокиот државен и политички врв на земјава
Со највисоки воени и државни почести попладнево на гробиштата Бутел во Скопје, во Алејата на великаните беше погребан претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски.
На надгробната мермерна плоча е запишан стих од Евангелието на Матеј, 5,9: „Блажени се тие што градат мир, зашто ќе се наречат синови Божји“. На плочата од црн гранит стои крст, под кој пишува: „Борис Трајковски 1956-2004“.
Последна почит на шефот на државата, покрај семејството, му оддадоа членовите на Владата и Собранието, дипломатскиот кор во земјава и 60-тина делегации од странство, претставници на државните институции, црковните заедници, политичките партии, граѓански здруженија и асоцијации.
Претседателот Трајковски за последен пат го испратија и македонските граѓани. Дел од нив ја придружуваа погребната поворка до пристигнувањето на гробиштата, а некои чекаа во Алејата на великаните.
Освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, претседателот на Европската комисија Романо Проди и премиерот Бранко Црвенковски, на церемонијата се обрати и Хенрих Болетер, бискуп на Југоисточна Европа од Евангелско-методистичката црква, чиј верник беше шефот на државата.
„Трајковски вложуваше многу напори, тргнувајќи од оние за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, па до она што не беше уставна обврска за неговата функција, како што се економијата и животниот стандард. Ги користеше сите лични пријателства низ светот за да и помогне на Македонија и тоа никогаш не го правеше со задна намера. Беше еден од најчесните политичари што сум ги сретнал“, рече Груевски во своето последно обраќање до шефот на државата.
Шефот на Европската комисија, кого последното сеќавање на средбата со Трајковски го враќа во Солун, на јунскиот самит на Европскиот Совет минатата година истакна: „Тоа беше ден од големо значење за Балканот и за Европа. Заедно донесовме одлука дека проширувањето на Унија не може да заврши додека сите земји од регионов не станат нејзини полноправни членки. Му се заблагодарив за неговите напори и посветеност во процесот на приближување кон Европа. Неговиот одговор на тоа беше насмевка и уште посилна прегратка. Тоа е сликата од Борис Трајковски што секогаш ќе ја носам со себе. Неговиот труд и неговата посветеност. Љубовта за Европа и за неговиот регион“.
Премиерот Црвенковски подвлече дека Трајковски честопати бил неразбран, обвинуван, без доволна поддршка, но во 2001-та бил најзаслужениот што на Македонија не и се случи катастрофа. „Стоечки ги издржа сите критики. Те обвинуваа дека си предавник, а ти го направи најпатриотското нешто. Те обвинуваа дека си плашливец, а ти го направи најхраброто нешто. Ти, повеќе од било кој друг, ја запре војната и ни го врати мирот. Во времето на лудило, ти внесе разум. На омразата и се спротивстави со твоите беседи за љубов, простување, меѓусебно разбирање. И сето тоа го правеше во твојот препознатлив стил: искрено, едноставно, од срце и без било какви калкулации“, додаде тој.
„Споделувајќи го својот живот и работа со нас Претседателот предано и служеше на оваа нација за доброто на сите луѓе. Тој ја извршуваше неговата водечка улога како човек со христијански вредности и христијанска вера и како храбар и трпелив градител на мостови во овие времиња на затегнатости и конфликти во овој балкански регион“, додаде бискупот Болетер.
„Македонија изгуби човек на мир и помирување“, рече тој и од името на Советот на епископите на Евангелско-методистичката црква на светот и од името на Конференцијата на европските цркви - форум што ги вклучува православните, протестантските цркви во Европа изрази тага за трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски и на неговите сопатници.
Посмртните останки на претседателот Борис Трајковски, кои во Собранието на одарот беа изложени од завчера, беа изнесени во 11.55 часот. Последната почесна стаража ја одржаа претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, премиерот Бранко Црвенковски и претседателите на Уставниот и на Врховниот суд, Лилјана Ристова - Ингилизова и Симеон Гелески.
Изнесувањето на посмртните останки беше проследено со истрелување плотуни, по што се формираше погребна поворка која се упати кон Алејата на великаните на гробиштата во Бутел. Ковчегот на претседателот Борис Трајковски беше положен на лафет со придружба на аѓутантот на претседателот, почесната единица и старешини од АРМ и од македонската полиција.
Главниот дел на погребната поворка го сочинуваат 520 лица, односно 52 реда со по 10 лица. Во првите два реда по ковчегот чекорат членовите на семејството на претседателот Трајковски, по што следеше редот со премиерот Црвенковски и другите членови на Владата.
По нив чекореа претставниците од црковните заедници во државава, од партијата ВМРО-ДПМНЕ, од правосудството и од Заедницата на единиците на локалната самоуправа, како и подалечните роднини и пријатели на семејството Трајковски.
Постхумно, претседателто Трајковки беше одликуван од Република Полска и од Република Унгарија со највисоките државни ордени кои и беа предадени на неговата сопруга Вилма Трајковска.
Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски трагично го загуби животот во авионска несреќа на 26-ти февруари, во близина на Мостар, БиХ, каде што заедно со неговите соработници патуваше на Меѓународната конференција за инвестирање во БиХ.
|