marko_polog |
СОБРАНИЕ
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ќе ги фалсификува изборите
Нема законски пречки Мери Младеновска да биде членка на ДИК и заменик-министерка за правда, смета СДСМ
Ако не ги повлечете Мери Младеновска и Александар Новаковски од Државната изборна комисија (ДИК), јасно е дека сакате да ги фалсификувате претседателските избори, ја обвини владејачката коалиција Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната собраниска седница на која се комплетираше составот на ДИК. Опозицијата инсистираше Младеновска и Новаковски да бидат повлечени од ДИК поради функциите. Младеновска е заменик-министерка за правда, а Новаковски е генерален секретар на Собранието.
СДСМ ги отфрли обвинувањата со образложение дека формално-правно нивните функции не се неспоиви.
- Како заменик-министерка за правда, Младеновска ќе го составува единствениот избирачки список, а како член на ДИК ќе го потврди. Тоа е не е добро, зашто може да се манипулира со изборниот процес. Тоа се коси и со законот за спречување на корупцијата, зашто не може истовремено да се биде на две функции - обвини Трајановски.
Борис Кондарко од СДСМ му реплицираше на Трајановски дека опозицијата нема јаки аргументи и дека нема законска пречка за вршење на двете функции.
- Се фаќате како давеници за сламка и барате алиби за евентуалниот неуспех на изборите - рече Кондарко.
Чедомир Краљевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Младеновска треба од морални причини да се повлече од ДИК.
Ристана Лалчевска од ЛП рече дека со тоа се крши Уставот, зашто министерската функција е неспоива со друга. Блаже Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ДИК е независен орган и дека неговите членови треба да имаат поддршка и од опозицијата и од владејачката гарнитура.
DNEVNIK
|