melpomena |
Ne e smeshno, ama se zgaziv od smeenje[:D]
ДОДЕКА ДИРЕКТОРОТ НА "ИДРИЗОВО" СЛАВЕЛ НОВА ГОДИНА
Исмет Гури, заменик-директор на најголемиот затвор во државава "Идризово", по грешка, додека директорот Милутин Ангелковски бил на прослава на Нова година, пуштил на слобода затвореник, осуден на петгодишен затвор за трговија со дрога. Подоцна кога раководството на затворот ја открило грешката, Гури, за да не избие скандал, заедно со заменик-шефот на затворското одделение Зенон Изировски, во Гостивар го упсиле ослободениот затвореник и пак го вратиле во затворската ќелија. Скандалот се чувал како стого доверлива тајна, а против Гури воопшто не биле преземени никакви мерки да се утврди неговата одговорност.
Срамот вчера го потврдија и неколкумина вработени во затворската управа, објаснувајќи дека по грешка ослободениот затвореник се вратил за да го зачува авторитетот на Гури. Заменик-директорот на најголемиот затвор во Македонија Гури вчера не беше достапен, и покрај нашите обиди да стапиме во контакт со него.
Според документите до кои дојде "Вест", се работи за осуденикот Азби Бајрами од Гостивар. Тој минатата година за кривичното дело "неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции" во Основниот суд во Куманово со пресуда К.бр. 313/2002 година бил осуден на затворска казна во траење од пет години. Истовремено, Судот со истата пресуда изрекол и мерка за безбедност одземање на 5.196 грама хероин.
Пресудата на Азби Бајрами, кој веќе бил упатен на издржување на затворската казна во "Идризово", била потврдена и од Апелациониот суд во Скопје. Незадоволен од ваквата пресуда, адвокатот на Бајрами поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда до највисоката судска инстанца - Врховниот суд. Судскиот совет, разгледувајќи го барањето, пресудил предметот да се врати на второстепениот суд на повторно разгледување и одлучување. Примерок од пресудата лани на 30 декември бил испратен и во затворот "Идризово".
Исмет Гури, разгледувајќи ја пресудата, случајно или не, погрешно ја протолкувал, и ден пред Новата година донел наредба Азби Бајрами да биде ослободен. Тој го задолжил и референтот за прием и отпуст на осудени лица оваа наредба да ја приклучи кај личното досие и да го разведе Бајрами од книгите на осудени лица и целиот предмет потоа да се достави во архивата на ослободени лица. По завршувањето на формалностите, наркодилерот Бајрами си заминал во Гостивар.
Неколку недели подоцна, кога спласнало новогодишното славење, бил извршен увид во документацијата околу работата на затворската управа. Тогаш бил откриен и скандалот. Исмет Гури веднаш, за да си ја спаси затворската функција, заедно со заменикот на затворското обезбедување заминале во Гостивар каде што го убедиле Азби Бајрами да се врати во затворот и да му го зачува образот на неговиот шеф. Бајрами се вратил во затворот и сега ја одлежува затворската казна.
Ова е втор ваков скандал во затворот "Идризово". Пред неколку години, исто така, поради административна грешка ослободен беше затвореник - албански државјанин, осуден на доживотен затвот. Тој беше осуден за убиството на полицајците во Галате, Гостиварско. Меѓутоа тогаш, за разлика од Азби Бајрами, и покрај напорите на полицијата, случајно или не ослободениот не беше пронајден. (П.А.Л)
www.vest.com.mk |