a-pin-dim |
Велигденско Послание (10.04.2004)
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА -
НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО,
ПРЕПОДОБНОТО МОНАШТВО
И ВЕРНИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
И ГИ ПОЗДРАВУВА
СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И РАДОСЕН ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
„Дојдете, примете светлина од Невечерната светлина
и прославете Го Христа Воскреснатиот од мртвите!”
Возљубени духовни чеда во Господа,
Сега Светата Црква Христова торжествува, торжествува и на небото и на земјата!
Дојдете да проникнеме во смислата на денешниов настан, на овој Празник над празниците, за да можеме да Го доживееме Христа каков што човечката душа копнее да Го види: воскреснат и прославен на небото и на земјата. Тој најголем настан во историјата на човечкиот род ја содржи најголемата победа, победата на животот над смртта.
Господ Исус Христос ја победи смртта и ни донесе радост! Воскреснатиот Спасител ни дарува бесмртност, па затоа во велигденската песна пееме: „Христос Бог нè преведе од смрт во живот и од земјата на небото”. А Оној, што „Го воскресна Господа Исуса и нас ќе нè воскресне преку Исуса”, како што вели Апостол Павле (2. Кор. 4, 14).
Од воскреснувањето на Богочовекот па наваму, знаеме дека треба да воскреснат и сите луѓе: „Како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат” (1. Кор. 15, 22).
Во Светото евангелие Господ Исус Христос ни вели: „Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14, 2-3). Тоа е така затоа што Господ сака да се спасат сите луѓе и да станат чеда Божји и жители на Неговото вечно царство. А за да го постигнеме ова, во нашиот овоземен живот треба да го победуваме злото со добро и да здобиваме духовно богатство, кое ниту крадците го крадат ниту ‘рѓата го јаде (сп. Мат. 6, 20). Такви ќе бидеме доколку имаме љубов во себе и доколку неа ја покажуваме на дело кон сите луѓе, зашто сакајќи го ближниот најдобро сведочиме дека Го сакаме и Бога. Се научиме ли, пак, на таа љубов и неа ја носиме во нашите срца, тогаш ќе знаеме правилно да ја сакаме и нашата вера, и својот народ, и својата света Црква и Татковината. Само вистинската евангелска љубов и воскресенската вера можат да нè направат достојни наследници на ветеното Царство Божјо.
Возљубени празникољупци,
Со набожност да ја пазиме чиста и неосквернета нашата вера и да се радуваме со радоста на воскресението. Со велигденската радост да се издигнуваме духовно, чувајќи ја грижливо нашата национална и духовна слобода. Како благочестив православен народ и добри чеда на Македонската Православна Црква да се изградуваме себеси и да придонесуваме за посреќна и подобра наша иднина. Затоа, во овие времиња на искушенија, воскресенската светлина нека ги озари нашите души и празничната топлина на љубовта нека ги стопли нашите срца, та да се чувствуваме поблиски и вистински браќа, помагајќи си едни на други.
Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,
Денес, кога светата Црква нè повикува да се веселиме и радуваме со Празникот над празниците, нашата небоземна радост нека биде темел на нашето богоугодно живеење. „Да го отфрлиме од себе стариот човек, според нашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, та да се обновиме со духот на својот ум и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во Правда и светост во вистината” (Ефес. 4, 22-24).
Нам во Македонија, како и на нашите соседи на Балканов (а и на целиот свет), токму сега ни е потребно да се облечеме во правда, мир, љубов и вистина. Во ова време како да недостасува тоа меѓу луѓето и народите, дури, за жал, и меѓу Црквите. Затоа, да создаваме што е можно повеќе плодови на духот, светлината и вистината, а не јалови дела на темнината, коишто нè изобличуваат и обезличуваат, место да нè оправдуваат и осветуваат. Љубовта наша не треба да биде лицемерна, туку вистинска, евангелска и братска.
Во овие торжествени прославувања ништо нека не ни ја помрачува радоста! Да живееме имајќи го постојано сознанието дека Господ Исус Христос, Којшто со Своето воскресение ја победи смртта, ќе го победи и секое зло, и сите непријатели на вистината, љубовта и добрината. Он ќе ги озари нашите срца и ќе бидеме во вечната воскресенска радост на славата Божја.
Вољубени духовни чеда,
Годинашниов Велигден нека ни биде почеток на сите добра во нас и околу нас. Празнично и братски да се прегрнеме и да бидеме сплотени во доброто и во единството, осветлени со Христовото Воскресение.
Нашата молитвена желба е сите да се просветлиме со велигденската светлина, која изобилно ни се дава, особено во овие светли денови. На сите вас, нашите духовни чеда, коишто живеете во Татковинава и вам, раселените по целиот свет, ви го честитаме најголемиот христијански празник, Велигден, со најрадосната порака за светот и ве поздравуваме со празничниот поздрав
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
На Велигден, 2004 година
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН
ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИОТ СИНОД:
† КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
† ГОРАЗД, Митрополит Европски
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-Пелагониски
и администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
и администратор Повардарски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Брегалнички
|