sapeski |
Австралија го укинува мултиетничкиот телевизиски канал
Деновиве во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс австралиските радиодифузни власти (АБА) во Сиднеј најавија дека ќе го исклучат телевизискиот Канал 31, кој ги емитува програмите на англиски и на повеќе национални јазици од други националности на мултиетничка Австралија, 24 часа дневно. Дури 28 етнички заедници, помеѓу кои и македонската, имаат телевизиски програми на својот мајчин јазик. Деновиве сите масовно протестираат пред зградата на АБА во Сиднеј. Тие побараа овој канал да остане, зашто е единственото средство за информирање за обичаите, културата, јазикот и за географско-историските знаменитости на земјите од каде што потекнува населението на мултиетничка Австралија.
Досега се водени пет судски спора за оваа работа. И на денот на протестот главните личности од Канал 31 беа на суд, бидејќи се тужени од етничките заедници дека сакаат да го укинат каналот. Програмите се уште се емитуваат. Борбата е неизвесна, бидејќи АБА сака да ја укине мултиетничката програма за да го комерцијализира каналот.
Каналот 31 почна да работи со скромна техника и имаше малку гледачи. Македонската телевизиска програма на Каналот 31 во Сиднеј се емитува секоја сабота, од 15 до 16 часот попладне. |