melpomena |
Колони за Грција и Бугарија
Граѓаните на Македонија вчерашниот ден, кој беше прогласен за неработен поради претседателските избори во земјава, го искористија за шопинг во Грција и во Бугарија. Неколку илјади лица уште во раните утрински часови ги поминаа граничните премини Богородица и Деве Баир, а зголемен број возила кои излегуваа од Македонија беше забележан и на граничните премини Меџитлија и Блаце. Послаба раздвиженост единствено имаше на границата со Албанија.
Нема информација колкав број од граѓаните што вчера отидоа на шопинг од Македонија, пред да отпатуваат, го оствариле своето гласачко право и колкав е бројот на оние што гласале откако се вратиле од шопингот во Солун и Илиенци. Но од граничните премини ни рекоа дека најмногу се чекало на излез од земјава од шест до девет часот утрото. Кога на излезите од Македонија имало и по неколку колони со патнички возила.
На преминот Богородица, поради зголемениот број возила од 7 до 9 часот, патниците чекале и по 40 минути за влез во Грција, за што бил алармиран и граничниот премин Дојран, со евентуално упатување на возилата на тој премин. "Повеќе од 500 моторни возила со по 4-5 патници излегоа од Македонија", не информираа од граничниот премин Богородица каде што потенцираа дека и за минување на грчката граница се чекало уште 40 минути.
"Државата даде слободен ден граѓаните да гласаат, а тие место да гласаат, си одат на шопинг и на излет во Грција, па и времето им се погоди", кажа една службеничка од граничниот премин Богородица. Вработените од полициската служба на границата се шегуваат и велат дека и таму требало да се стави галасачка кутија. "Оние што не гласале, ќе можеа тука да гласаат", шеговито го коментираа тие неочекуваниот шопинг бран.
Во граничните служби на МВР велат дека е договорено во вечерните часови на Богородица за влез во Македонија да се отворат три рапми за да се избегне застојот што се очекува од колоните возила што ќе се враќаат од еднодневната прошетка во Грција.
Од полициската служба на преминот Богородица ни рекоа дека вчера по 9 часот состојбата се нормализирала. За излез од Македонија се чекало само неколку минути, онолку колку што е потребно за средување на потребните царински формалности.
"Феквенцијата на возила е зголемена за 60 насто. Вчера само за 12 часа поминаа онолку возила колку што минуваат за едно деноноќие ", велат од граничната служба на МВР. Најголемиот број од возилата, дури 80 отсто, биле со скопски регистарски таблички. Ваква зголемена фреквенција вообичаена е за време на викендите, додека во работните денови граничниот премин го поминуваат околу 100-тина возила.
И на граничниот премин Меџитлија кај Битола вчера бил зголемен бројот на патнички возила кои заминале за Грција. За неполни 12 часа од земјава преку Меџитлија отпатувале околу 500 лица што, според информациите од вработените на границата, е уочливо зголемено минување на границата од вообиченото. Најголемиот број од автомобилите, велат тие, биле со битолски и со охридски регистарски таблички.
На граничниот премин Деве Баир кон Бугарија, од полноќ до 11 часот вчера, од Македонија излегле 1.018 патници. "Бројот на лица кои отпатуваа за Бугарија е значително зголемен во однос на другите денови. Дури и за викендите немало таква навалица на патници. Паркингот кај граничниот премин е преполн со патнички возила со скопски регистрации. Ги оставаат тука, пеш ја минуваат границата и патувањето го продолжуваат со бугарско такси. Некои, пак, патуваат со свои возила", ни рекоа вработените од полициската служба на Деве Баир.
Според нив, најмногу се чекало во текот на ноќта, а околу 10 часот состојбата била нормализирана и патниците чекале само колку што е потребно за проверка на патните документи.
Вчера зголемена раздвиженост од 7 до 11 часот имаше и на Блаце, граничниот премин со Србија и Црна Гора. Таму во 11 часот за излез од Македонија чекаа околу 20 возила. Но ја немаше вообичената колона од камиони кои излегуваат од земјава. (И.Смиљанска -В. Трајков)
www.vest.com.mk
p.s. Sho si go sakam Makedonskiov narod [;)]. Kuliraat site[:D] |