OooOo |
Пловдив ќе подигне споменик на Филип Втори Македонски
Градоначалникот на Пловдив Иван Чомаков изјави денеска дека ќе ја повлече забраната и ќе дозволи во вториот по големина град во Бугарија да биде подигнат монументален споменик на Филип Втори, таткото на Александар Македонски.
„Убеден сум дека е редно во Пловдив да биде подигнат споменик на Филип Втори Македонски“, изјави Чомаков. Тој, како што пренесува Макфакс, пред десетина денови забрани да се монтира споменикот, со образложение дека секој нов историски споменик во Пловдив може да биде подигнат само со полна согласност и одобрение од неговите граѓани.
Одлуката Пловдив да му подигне споменикот на Филип Втори уште во 2001 година ја донесе градскиот Совет, по препорака на еминентни бугарски историчари, кои денеска уште еднаш повторија дека „Пловдив заслужува да има споменик на оној кој во четвртиот век пред новата ера го основал градот“.
„Додека светски историчари се уште спорат кој го основал Рим, Пловдив е единствениот град во Европа, надвор од границите на древна Елада, за кој со сигурност се знае дека во четвртиот век пред новата ера го изградил Филип Втори Македонски“, изјави на прес конференција деканот на софискиот историски факултет Маргарита Тачева.
Споменикот на Филип Втори, што ќе биде поставен во строгиот центар на Пловдив, е изработен од сега покојниот бугарски скулптор Игор Најденов, со донација од 30.000 евра од градските власти на Солун.
|