OooOo |
Кој сака да слави во природаќе мора и да чисти
Градот реши на организаторите на собири и манифестации на јавните и на зелените површини да им наплаќа за чистење по 5 денари од учесник. Советот на град Скопје донесе ценовник за одржување на хигиената на парковите, игралиштата, тревниците и на другите јавни површини по одржувањето митинзи, собири, дефилеа, промоции и слично.
Организаторите на ваквите настани за чистење ќе треба да платат по 5 денари по учесник, односно 15.000 денари ако на собирот имало до илјада граѓани. Според ценовникот, за собир од 1.000 до 5.000 луѓе организаторот ќе треба да плати 25.000 денари за чистење, а за собир од 20.000 учесници, ќе плати 100.000 денари. Ако на настанот имало повеќе од 20.000 луѓе, организаторот ќе плати 130.000 денари. Расчистувањето, како и досега, ќе го врши ЈП "Паркови и зеленило", а парите за одржувањето ќе се слеваат во касата на претпријатието. Досега никој не му плаќал на "Паркови и зеленило" за ваквите активности.
Градот ќе наплаќа надомест и за краткотрајно поставување рекреативна и угостителска опрема во спортските центри и на јавните зелени површини. За поставување рекреативна опрема, тобогани, детски автодроми, рингишпили и слично, ќе се наплаќа по 20 денари дневно за површина од квадратен метар. За угостителската опрема - фрижидери, маси, апарати за пуканки или за кафе - ќе се наплаќа 50 денари дневно за користење на еден квадрат.
Градот реши од овие пари, по еден денар од учесник, да се одвојува за комуналното претпријатие "Сарај". (С.Х.) |