Kaj e igor dzambazov? |
n/a |
Sto se slucuva so nego, gradjani? |
RaGeAnGeL |
na odmor e ...baraj go posle 15 avgust |
Maverik |
ексклузивно за "дневник": исповед на ИГОР ЏАМБАЗОВ
Нема да останам должен
Го имам пасошот и досега можев стопати да исчезнам ако должев 500.000 евра, вели големиот шоумен
Игор Џамбазов, најголемиот македонски шоумен, ексклузивно за "Дневник" прозборе за причините за "бегството во илегала", кое трае 100 дена, и на сите што како должник го имаат во тефтерите им порачува дека ќе им ги врати парите зашто никогаш никому не останал должен.
Вели дека морал да се изгуби зашто почувствувал дека можело да му се случат многу лоши работи во секаква смисла.
- Почнав да се распаѓам и физички и психички. Живеев под еден страшен притисок, кој од ден во ден стануваше се пожесток. Класична агонија. Во секаква смисла.
- Во последните две години повторив некои грешки од минатото и направив погрешна финансиска процена. Што би рекол мојот колега Омар Шариф: "Смислата на коцкањето е таа што ризикувате да ги изгубите парите што ви требаат за да ги добиете парите што не ви требаат". Бев принуден да земам заем од повеќе места. Во моментот кога сфатив дека нема да можам да ги вратам заемот и каматите во определениот рок, ме фати голема паника. Им порачувам на сите што ме имаат во своите тефтерчиња дека никогаш никому не сум останал должен. Така ќе биде и овој пат. Но, за тоа е потребно време. И разбирање. Не обвинувам никого од нив. За сево ова единствениот виновник сум јас. Затоа велам дека се кријам од самиот себе - објаснува Игор.
По неговото исчезнување, во јавноста се ширеа приказни и шпекулации дека тој должи 500.000 евра.
- Ако должев толку пари, сега ќе бев некаде далеку. Го имам со себе пасошот и досега можев стопати да исчезнам. Но, не го направив тоа. Познавам луѓе што навистина должат многу пари, па слободно си шетаат, си работат - живеат. Јас не сум таков. Не можам да се помирам со тоа што дозволив чаршијата и некои медиуми толку многу да ја напумпаат работата, притоа не водејќи сметка дека со тоа страшно ќе ми наштетат. Всушност кој е луд да му помага на човек што должи 500 илјади евра? Вистината е дека цифрата што ја должам воопшто не е трицифрена. А, ако на тоа ги додадам парите што мене ми ги должат се доаѓа до една поднослива сума - тврди Џамбазов.
Некои од љубопитните и "добронамерните", обидувајќи се да го лоцираат Џамбазов, посочуваа дека е во душевна болница, каде што се лечи од дрога. Други тврдеа дека побегнал во странство. "Најпродуховените" велеа дека се замонашил.
- Приказната за дрогата може да излезе само од мозокот на некој што е сериозен кандидат за таму, кому дрогата му го испила мозокот. Мене, за среќа, не ми се случи тоа. Повеќе ми се допадна приказната за моето замонашување. Дека сум бил во тој и тој манастир, па дури и дека сум на Света Гора. Моите пријатели во шега дури ми го смислија и монашкото име "Отец Бинго". Слушнав и една романтична филмска приказна за мене и некоја Валентина од Крива Паланка, со која ќе сум бегал за Египет. Види мајката. Од Паланка право до пирамидите. Како одовде до вечноста! Најновата вест е дека сум во костозглобната болница крај Охридското Езеро, бидејќи сум бил толку искршен од ќотек што едвај ме составиле. Но, тоа е нашиот менталитет. Кај нас луѓето што ништо не направиле од својот живот почнуваат да живеат нечиј туѓ. Тие се будали. Јас ги сожалувам. Му благодарам на "Дневник", бидејќи беше единствениот медиум што не се занимаваше со мојот случај на погрешен начин. И затоа првите 100 дена од работата на мојата "влада во сенка" му ги доверувам на "Дневник". Нека цркнат душманите! |
Maverik |
ЕКСКЛУЗИВНО ЗА "ДНЕВНИК": ИСПОВЕД НА ИГОР ЏАМБАЗОВ (2)
"Тутун промет" ја избрка Искра од станот
Не сум јас во судски спор со нив, туку тие се со мене, вели Игор Џамбазов за газдите на "Тутун промет", коментирајќи ги информациите дека исчезнал поради спорот со своите партнери.
Тој пет години беше заштитно лице на емисијата "Супербинго", која ја организираше "Тутун промет". Според многумина, Игор беше најзаслужен за нејзината популарност и гледаност и со своето интересно и духовито водење ги забавуваше гледачите и играчите.
- По речиси пет години огромна популарност на емисијата и милиони продадени бинго-картички, се некако спласна. Крајот беше неминовен. Сепак јас воопшто немав лоши зборови за луѓето од "Тутун". Имавме навистина ѕвездени моменти. Задоволството беше двострано. Јас првпат во животот успеав добро да го наплатам својот талент, а тие остварија огромен профит.
- Секогаш ми излегуваа во пресрет при решавањето на моите проблеми, што јас го сметав за нормална работа, бидејќи тие самите тврдеа дека јас сум нивниот партнер и дека тешко би го направиле сето тоа без мене. За возврат се трудев да не одбијам ниту една нивна молба, иако не бев секогаш среќен поради тоа.
Во првите неколку месеци од работата дури ми подарија и автомобил, кој со задоволство го возев и не пропуштав можност да се пофалам дека тоа ми е подарок од "Тутун" - раскажува Игор.
Подоцна, преку една од нивните фирми, купил стан во Дебар Маало на кој бил многу горд. Станот го платил во готово и по една година се вселиле со Искра.
- Во меѓувреме, кога почна мојата финансиска агонија и кога побарав помош од нив, тие ми рекоа дека ќе ми дадат пари, но само ако им го препишам станот. А ако им ги вратам парите до 31 мај тие повторно ќе ми го вратат станот. Кога го направивме тој договор тие ми дадоа пари, но не целата сума. Останаа 20.000 евра, кои никогаш не ми ги дадоа. И кога конечно престана нашата соработка и јас исчезнав, тие, едноставно, ја избркаа Искра од станот и & ја сменија бравата, иако рокот од договорот се уште не беше истечен. И сега, кога треба да се израмнат сметките, излегува дека не само што немаат намера да ми ги дадат тие 20.000 евра, плус околу 5.000 евра неисплатени хонорари за водење на "Бингото", туку и ме тужат за автомобилот што ми го подарија и замислете за сметката на службениот мобилен телефон, кој ми го дадоа, иако јас со години си имав свој број. Според нив, кога ќе се вклучат сметките од мобилниот и вредноста на автомобилот излегува дека јас сум тој што должи. Неверојатно, но вистинито - тврди Џамбазов.
Она што Игор нема никогаш да си го прости е фактот што толку многу им верувал на луѓето од "Тутун". Во почетокот од неговото "исчезнување" му напишал писмо на еден од газдите, кого го сметал за поблизок.
- Во писмото бев толку многу искрен со него, што ќе пукнам од мака, бидејќи сега знам дека тој ќе го злоупотреби тоа. Не побарав од него да ми го реши проблемот, ниту да ми даде пари. Само го замолив да ме ослободи од обврските, бидејќи сметав дека во таква состојба не сум способен за работа. Главната молба беше да & дозволи на Искра да остане во станот додека не се реши проблемот. Залудно. Сигурен сум дека ќе го демантираат ова интервју. Ќе реагираат на веќе добро познатиот начин - "нападни за да се одбраниш". Ќе ги спомнуваат моите пороци, иако јас самиот одамна сум ги признал. И тоа јавно. Нивната несреќа е во тоа што никој ништо не им верува.
Првите 100 дена од "илегалата" Игор ги поминал тажно, болно и многу осамено. Сепак успеал да издржи.
- Истерав два циклуса на реалното шоу "Тоа сум јас", иако живеев во многу полоши услови од тамошните, само што, за жал, никој не гласаше за мене (ха, ха, ха). Имам среќа што во моментов сум на едно убаво место, далеку од цивилизацијата, опкружен со луѓе што ми мислат добро. Такви во последно време ретко се врткаа околу мене. Моите сегашни домаќини ме примија како член на семејството. Ме чуваат како свое дете и вистински сочувствуваат со мене. Тоа никогаш нема да им го заборавам.
Проблемите и самотијата не му ја уништиле креативната енергија. Моментно ја пишува својата нова книга "Гол човек", во која најавува дека ќе се "разголи" и разоткрие самиот себеси.
- Од искуство знам дека проблемите што ме мачеле секогаш ја поттикнувале мојата креативност. Така е и овој пат. Уште по првите 20 дена од моето исчезнување почнав да пишувам книга со работен наслов "Гол човек". Тоа е назив за едно дрво, кое успева на само неколку места на планетава. Едно од нив е областа на потегот од Тиквешијата кон Мариово. Тоа дрво, кое е многу ретко, ја менува својата боја неколкупати во годината. Дури и кога ќе го исечете и ќе го однесете дома како сувенир, тоа не го менува својот карактер. "Голиот човек" е само поттик за она што сакам да го направам во книгата. Да се разголам, да се расоблечам, да се разоткријам... |
Maverik |
ЕКСКЛУЗИВНО ЗА "ДНЕВНИК": ИСПОВЕД НА ИГОР ЏАМБАЗОВ (3)
Чекам телефонски повик што ќе ми го смени животот
Морам да признаам дека многу боли кога ќе разберам дека дел од оние на кои сум им помогнал сега ужива во она што ми се случува, вели Џамбазов
Излезот од ситуацијата шоуменот Игор Џамбазов го гледа во луѓето во кои верува дека се уште постојат и кои му се наклонети. Луѓе што знаат дека во него има крв и месо, желба и волја за работа.
- Таков е господинот Пејчо-Паскалин, кој можеби е единствениот што вистински ми помогна кога ми беше најтешко. Додека постои тој со својот бизнис, постојам и јас за него. Излезот го гледам во работа и само во работа. Од неа никогаш не сум бегал. Сега го чекам телефонскиот повик што ќе ми го смени животот. Го чекам непознатиот господин Х да направиме нешто големо и вредно. Не барам помош од оние на кои сум им помогнал на овој или на оној начин. Само јавно ќе ги замолам - ако веќе не можете да ми помогнете, немојте да ми одмагате. Морам да признаам дека многу боли кога ќе разбереш дека некои од тие луѓе уживаат во она што сега ми се случува. Дури и учествуваат во дистрибуцијата на сите непроверени информации врзани за мене, па имаат храброст дури и да кажат: "Ако му е, така му треба". Неблагодарни суштества - вели Игор.
Во текот на животот Џамбазов добил и изгубил многу пари. Според него, парите се печалат лесно, а пријателствата малку потешко.
- Во овој период стекнав многу нови, вистински пријатели, кои не бараат никаква противуслуга за пријателството. Дефинитивно ги загубив тие што го заслужија тоа уште многу порано. Тоа е животот. Добиваш - губиш, сакаш - мразиш, имаш - немаш, одиш напред - се враќаш назад, леташ горе - паѓаш долу. Морам да напоменам само едно. Тони Михајловски ми е повеќе од пријател. Го чувствувам како брат. Кога му понудија да го води "Бингото" наместо мене, ми се јави да ме праша дали да прифати. Јас му реков слободно да го направи тоа - објаснува Игор.
Тој вели дека не се срами од своето минато. Најмногу се кае што дозволил медиумите да го третираат како криминалец.
- Луѓе мои, јас никому не сум му наштетил освен себеси. И тоа е некој вид криминал. Некаков автокриминал. За тоа не одговараш никому. Сепак се каам и за нешто друго. Дозволив да го изгнасат презимето Џамбазови. Особено ме боли тоа што му се случува на мојот татко, кој ни крив ни должен е принуден да слуша и да чита секакви небулози за мене. Знам дека неговата љубов кон мене е огромна и дека ќе го пребродиме ова заедно. Тој секогаш е на мојата страна, исто како што би бил јас кон своето дете - со тага раскажува Џамбазов.
Вели дека во неговиот живот постои уште една личност што неизмерно ја сака. Помислата на неа му причинува неподнослива болка.
- Мојата Ики е мојата вечна љубов. Мојата муза. Мојата среќа. Мојот живот. Ги молам сите што не ни мислат добро и на двајцата да ја остават на мир. Таа не е виновна за ништо, освен за својата љубов кон мене, ако се уште постои. Како и да заврши оваа тажна приказна, таа вечно ќе биде мојата Ики - признава тој.
Игор не е сигурен дека е подготвен да почне нов живот од почеток. Но, сигурен е дека ќе го почне стариот живот од крајот. Од дупката, од дното, кон врвот. Впрочем како и секогаш. Вели дека е среќен што сепак оставил нешто вредно - својата работа.
- Токму таа желба ме одржува во живот. А кога ќе се вратам, се надевам дека многу ќе ги израдувам тие што ме сакаат. Но, длабоко ќе ги разочарам сите други. Тогаш ќе мора да си побараат нова жртва за своите нискобуџетни сценарија. И покрај се што ми се случи, јас сум среќен човек затоа што знам дека имам направено нешто вредно за мојот народ и за мојата земја. Нешто што остави белег на ова време. А тоа не се брише. Тоа останува. Добрите луѓе го знаат тоа. Добрите луѓе се тие што ќе ме прават среќен и понатаму.
ЏИШ (Џамбазов Игор Шоу) е проект што Игор го имал во главата неколку години. Според него, тоа требало да биде првото вистинско телевизиско шоу во Македонија. Неговите мисли се уште се сконцентрирани на тоа шоу, за кое вели дека мора да го направи и да се врати пред камерите.
- Сценариото беше готово уште во октомври, кога со "Томато-продукција" почнавме со подготовки. Тие малку задоцнија со стартот на своето ново студио и во почетокот на годинава тргнаа по спонзори. Јас го мразам тој термин бидејќи повеќе ги претпочитам "деловни партнери". Но, и луѓето од "Томато" и јас бевме непријатно изненадени што во неколкумесечната одисеја по канцелариите на "големите фирми" не најдовме заинтересирани. Некои не откачуваа тврдејќи дека моето време поминало, некои едноставно изјавуваа дека не сум им симпатичен, а некои се повикуваа на мојата "непрофесионалност". Оние најбезобразните велеа дека прво би сакале да го видат "ЏИШ", а потоа МОЖЕБИ ќе влезат во него. Какво понижување по 30 години работа на телевизија. По 10-ина награди за најпопуларно лице и најпопуларен водител од кои пред неколку години јавно се откажав. Но не се предавам. ЏИШ ќе го биде, го сакале тие тоа или не... |
StormAngel |
Glavno dobro e.[;)] |
n/a |
More maverik...jas ne razbiram hiroglifski jazici |
StormAngel |
[img]http://forums.vmacedonia.com/album/bluehim/untitled12.JPG[/img] |
n/a |
fala komso
a i tebe maverik...
(so ljubov za 'trajce-drvarceto') |