OooOo |
Човекот што венчал илјадници брачни двојки бил сведок на многу смешни ситуации
Невеста и младоженец влегуваат во главната сала за венчавање спроти Градскиот парк, поздравени со аплауз од присутните роднини и пријатели. На десната страна од салата седат другарите на младоженецот и се смешкаат. Почнува церемонијата, која вообичаено трае десетина минути. Матичарот стигнува до најважното прашање. "Дали ја земаш невестата за жена?" Одговорот на младоженецот е изненадувачки - "Не". Матичарот е збунет, невестата уште повеќе. Сватовите се немирни. Матичарот втор пат го поставува истото прашање. Младоженецот втор пат исто одговара. Матичарот прашува уште два пати, а младоженецот вели "да" дури четвртиот пат и се смее. На невестата и на сватовите им олеснува, но во исто време се прашуваат што се случило. Младоженецот се врти накај своите другари и им вели дека треба да го честат. Се работело за облог.
Вака изгледала една од поинтересните сцени на кои се сеќава матичарот Зоран Кузмановски. Облогот се случил пред две-три години.
Човекот пред кој брачниот завет го дале илјадници скопски двојки вели дека во долгогодишната работа бил сведок на многу незгодни и смешни ситуации, но не дозволува лесно да биде збунет.
- Сешто може да се случи поради тремата што ја чувствуваат младоженците. Јас не смеам да се изнервирам или да ја прекинам церемонијата поради грешките на младите или на нивните гости. Од моето долгогодишно искуство научив како да реагирам во одредена ситуација. Не се случило прашањето "Дали ја земаш за жена, односно за сопруг" да го поставам неколку пати. Кога младоженецот три пати одговори со "не" поради облог, како да имав претчувство. Имало секакви ситуации, но досега не се случило младоженец или невеста да избега од чинот на венчавање - вели матичарот.
Според него, невестите се потрезвени отколку младоженците.
- Мажите ги бие глас дека се силни во секоја ситуација. Но, на чинот на венчавање не е така. Од преголема трема, еден младоженец не можеше да се потпише во матичната книга на венчани. Момчето пет минути се трудеше да стави потпис. Му се тресеше раката. Моравме да му ја држиме, па, пиеше вода да се смири. За да го охрабриме, почнавме да му аплаудираме - се смее матичарот.
Единственото што го нервира при свечениот чин се некои обичаи што доведуваат до незгодни ситуации. Зоран вели дека има луѓе што веруваат оти не е добро да се видат две невести.
- Тоа не можам никако да го прифатам. Се консултирав и со владиците во МПЦ. Тие ми рекоа дека не се крши религијата, ако се видат две невести и ми потврдија оти тоа се само пагански верувања. Луѓе се уште трчаат со ќебиња и ги покриваат невестите и покрај моите разубедувања дека нема да им се случи ништо лошо - вели Кузмановски.
Денови за венчавање во големата сала се вторник, четврток, сабота и недела. За салата спроти Градскиот парк традиционално има најголем број заинтересирани парови, иако во Скопје има 26 матични сали за венчавање. Поради големиот интерес, еднаш се случило две невести да се натегаат која прва да седне на столицата за венчавање и која двојка прва да се венча.
- Тоа беше многу непријатна ситуација. Едната двојка стигна 10 минути порано, втората доцнеше. Пред мене се најдоа и двете двојки младенци. Невестите дури седнаа на иста столица и никоја не попушташе. Двојките не прифатија ниту да ги венчам во исто време. Спорот се реши по десетина минути разубедување, кога двојката што доцнеше попушти и излезе да почека.
За да се воведе ред во салата за венчање, пред секој влез стои предупредување дека присутните мора да ги исклучат мобилните телефони. Но, Зоран има приказна и за ситуации во кои се прави исклучок.
- Има младенци чии родители живеат во странство и не можат да присуствуваат на свечениот чин. Младите го вклучуваат мобилниот и така на родителите им овозможуваат на некој начин да присуствуваат на свечениот чин. |