Strelec |
И ПО ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ОД СМРТТА
Вера Циривири - Трена не е прогласена за народен херој
Во четвртокот оваа недела се навршија шеесет години од смртта на Вера Циривири - Трена, една од ретките жени борци во Македонија. На 15 јули 1944 година, речиси еден месец пред победата, бегајќи од полицијата која во Штип правела рација за да ја фати токму неа, таа била смртно застрелана. Тука завршила нејзината не многу долга, но затоа богата политичка кариера. Вера важела за многу добар инструктор со одлични организаторски способности, и поради тоа партијата постојано и доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот.
Вера Циривири - Трена е второ од шесте деца на тогашните големи бунтовници и патриоти Васка и Коста Циривири. Кај неа, како и кај останатите пет деца во семејството патриотизмот бил домашно воспитување. Таткото на Вера Константин, уште пред Втората светска војна, поради тоа што бил во социјалистичкото друштво во Прилеп, бил затворен и осуден на пет години затвор. Вера е родена во 1921 година во Прилеп и првите години од животот растела без татко. По неа, откако татко и се вратил од затвор, родени се Нада, Илија, Тодорка, Киро и Бранка. Од нив денес се живи Илија, Киро и Бранка, и сите со своите семејства живеат во Скопје. Киро Циривири, помалиот брат на Вера, ни ги раскажа неговите сеќавања за тој период. Тој вели дека тогаш бил дете, но успеал да оцени оти неговата сестра Вера и била целосно посветена на партијата, сосема малку време му посветувала на семејството.
"Патриотизмот во нашето семејство се татко ми и мајка ми. Тие живееја за да ја видат Македонија ослободена од окупаторот. Татко ми кога се вратил од затвор не можел повеќе да издржи да работи во Прилеп, па затоа отворил кројачки дуќан во Белград и таму продолжил и со патриотската дејност. Во 1939 година сестра ми Вера доби некое стомачно заболување и родителите решија да се лекува во Белград. Така таа, мајка ми и постариот брат Илија отидоа за Белград кај татко ми. Токму таму, во Белград, почнува политичката кариера на Вера", раскажува нејзиниот брат Кире.
Во Белград дуќанот на Коста Циривири бил собиралиште на студентите од Македонија. Таму се читале книги, се развивале патриотските чувства и се правеле планови за ослободување на Македонија. Вера се запознала со сите студенти што доаѓале во дуќанот на нејзиниот татко и постојано присуствувала на нивните седенки.
Специјално направена маса за пеглање во дуќанот на Коста Циривири, била скривница за студентите кои бегале од полицијата. Внатре во масата тие се криеле, а многу често и преспивале. Во овој дуќан се подготвувале демонстрациите кои во историјата останаа запаметени по паролата "Боље рат него пакт".
"Вера учествуваше на тие демонстрации. Таму беше и Илија. Иако мал, тој одел покрај нив и од улицата собирал камења, им ги давал на демонстрантите и тие со нив ја гаѓале полицијата", се сеќава Киро Циривири.
Во Белград, во кројачкиот дуќан на нејзинот татко, Вера се запознала со Кузман Јосифовски - Питу, Мирче Ацев, Борка Талески и со многу други студенти патриоти кои се залагал за социјалистичката идеја. Во периодот додека живеела во Белград, Вера со мајка и многу често патувале до Прилеп и назад. На тие патувања, всушност, тие од Белград носеле материјали, летоци и се што било потребно за формирање месни комитети. На истиот начин работел и нејзиниот татко Коста и затоа неколкупати бил мачен и претепуван од полицијата.
Кон крајот на 1939 година организацијата решава дека е време да почне да дејствува на локално ниво. Семејството Циривири се враќа во Прилеп и тука продолжува со тогаш илегалната работа.
"Вера и Нада, и двете беа активни и работеа за партијта, ги гледавме дома до 1942 година. Дотогаш нашата куќа како да бше автобуска станица. Доаѓаа и си одеа луѓе кои јас тогаш не ги познавав. Тука се одржуваа состаноци, се читаше социјалистичка литература, а мноу често криевме дома и илегалци - луѓе што ги бараше полицијата. Целото семејство беше вклучено во таа работа, дури и баба ми Донка. Во тој период Вера знаеше да ми тутне в рака писменце, завиткано во ролна, и да ми рече: 'Однеси го ова кај тетка Левта, барај го Кузмана и лично нему дај му го. Не застанувај никаде по патот до таму'", се сеќава Кире на своите курирски денови.
Во 1942 година полицијата многу се доближила до работатта на Вера и на целото нивно семејство и таа, задно со Нада избегале од дома за да не бидат фатени во честите рации што ги правела полицијата. Нада отишла во партизани и загинала во првата битка на нејзиниот одред, а Вера, под друго име, отишла првин во Битола, па од таму, заедно со Вера Ацева избегале во Велес, потоа во Кавадарци. Во Кавадрци се претставувала како Трена, како што е нејзиното партизанско име, а во другите места била Светлана, Ленче и ред други имиња. Со себе носела празни документи, и како и требало така ги пополнувала. Таа успевала да ги мине дури и најтесните полициски обрачи и да премине од едн во друг град за да регрутира броци и да ја шири работата на партијата. Кире раскажува дека за да куртули од полициска рација, Вера целата била затрупувана во снег, се претставувала како невеста на првото момче што ќе го сретне по патот за да ја мине полицијата. Таа била многу убава девојка со црна коса и зелени очи, и многу често впечатливата убавина и помагала да ги минува бариерите.
Во тоа време полицијата упорно работела за да ја фати. Бугарскиот окупатор давал награда од 20.000 лева за да ја фатат жива. Во 1944 година Вера била испратена во Штип да отвори месен комитет и да испрати борци на фронтот. На истата оваа задача пред неа била испратена Вера Ацева, но откако се обидела и видела дека нема да успее, таа се повлекла. Вера Циривири успеала во Штип. Испратила 80 борци на фронтот, а регрутирала и неколку делегати за Првото заседание на АСНОМ, но полицијата и била зад петиците.
"Дента пред да загине Вера, од одредот кој бил во планината бил испратен курир кој требало да ја предупреди и таа да се повлече, но поради многуте контроли и барикади во градот, курирот не упеал да ја најде", вели Киро Циривири.
Месниот комтет бил пробиен, а полицијата имала детален опис на Вера. Таа и сама ја насетила опасноста и почнала да бега. Но, прескокнувајќи од еден во друг двор, полицијата која ја чекала во заседа, ја застрелала. Нејзиното тело било фрлено во реката Брегалница да изгние и да не се најде телото, но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот.
Дури кога завршила војната, овчарот кажал каде лежи погребана Вера Циривири, ја откопале и направиле погреб на кој присуствувале сите значајни луѓе во тоа време.
Иако многу сторила за Македонија, Вера Циривири - Трена и ден-денес не е прогласена за народен херој. Од семејството велат дека не знаат од која причина. Нејзиното име го носат многу улици, градинки, училишта во Скопје, Прилеп, во Битола, односно речиси во сите градови низ кои се движела Вера. За време на војната во семејстовото Циривири, освен што загинале Вера и Нада, од болест починала и Тодорка, а Илија, постариот од браќата, бил ранет во ногата, но успеал да прежиее.
Професорот по македонски јазик во ОУ"Вера Циривири - Трена" во Скопје Раско Лозаноски вели дека секоја година, на различни начини, во училиштето се слави нејзиното име. Во ова училиште учеле синовите на Илија Циривири, Јасмин и Константин, а сега таму учат синовите на Јасмин, внуци на Вера Циривири - Трена.
Вера е најголема гордост за нејзиното семејство. Сите нејзини лични предмети кои останале по нејзинта смрт, вклучувајќи ги тука останатите материјали со кои работела, како и торбичката од мониста што татко и и ја направил додека бил во затвор, сега ги чува нејзиниот брат Кире. Во документацијата има нејзни фотографии, празни лични карти, лична карта со слика од Вера, но со име Цветанка, оригинални записи од одржуваните состаноци и слично. Кире вели дека се што има за Вера, ќе премине во наследство на неговот внук од братот Илија - Константин.
|