OooOo |
Паѓа цената на локалите во Транспортен центар
Седумте дуќани од Транспортниот центар кои и по втората лицитација останаа непродадени ќе се продаваат во септември на нова лицитација, а ако останат сопственост на Градот, ќе се издаваат под закуп. Засега, Комисијата за продажба на дуќани во Транспортен центар нема донесено одлука дали ќе се организира и трета лицитација, иако не постои никаква пречка за тоа. Одлуката ќе се донесе по завршување на летните одмори кога и е планирано да се одржи новото наддавање. Градот во Транспортен располага со уште седум дуќани на вториот кат за кои досега никој не се интересирал. Еден од локалите е со површина од 300 квадратни метри, а другите шест се помали.
Досега се продадени деветнаесет дуќани, шеснаесет на приземје и три на првиот кат. На првата лицитација повеќе фирми и граѓани покажаа големо интересирање за деловниот простор под Транспортниот и тогаш се продадоа и најголемиот број дуќани по цена од неколку илјади евра за квадратен метар. Највисока цена од 4.050 евра за квадрат беше платена за еден дуќан на приземјето. На втората лицитација, која се одржа неодамна, се продадоа само три локали, а цените драстично паднаа, па така најскапо платен квадрат овој пат изнесуваше 1.010 евра. Сепак, тоа не е обесхарбрувачко за надлежните во Градот, кои нагласуваат дека очекуваат сите дуќани да бидат продадени.
?Засега не се знае дали ќе има трета лицитација, тоа ќе го одлучиме во септември, иако мислам дека ќе организираме уште едно наддавање, бидејќи иако интересирањето се намалува, сепак успеваме да продадеме по некој локал. Најзаинтересирани се физички лица и фирми кои имаат бизнис поврзан со транспорт, но претпоставувам дека некои од помалите дуќанчиња кои се продадоа ќе бидат и мини-маркети, фризерници или кафулиња. Од поголемите фирми дуќани купија ?Хисар туризам° и ?Македонија сообраќај°, вели Мите Михајловски, претседател на Комисијата за продажба на дуќаните во Транспортниот центар.
Михајловски нагласува дека доколку останат непродадени дуќани Градот, како сопственик, ќе ги издава на заинтересирани лица и приватни или јавни претпријатија, иако засега таа опција не е разгледувана. По одморите, Комисијата со претставници од Градот ќе направи програма за начините на издавање локали под закуп и тогаш и ќе биде утврдена цената на квадратен метар. Засега, од продадените 19 дуќани Градот инкасирал околу 750.000 евра, од кои поголемиот дел се наменети за довршување на објектот и преостанатите делови на комплексот под Транспортниот центар. (С.Н.)
|