melpomena |
Албанец нуди 100.000 евра за ДУИ да го кандидира за градоначалник на Струга
Додека Македонците во Струга протестираат против новата територијална поделба, Албанците во овој град се пријавуваат за кандидати за градоначалници. Се даваат по 50.000 евра за да се поддржи одредена кандидатура, а едно лице нуди дури 100.000 евра за ДУИ да го кандидира за градоначалник, пишува дневниот весник на албански јазик, „Коха диторе“.
Според весникот, од редовите на ДУИ се споменуваат десетина можни кандидати, најчесто самопрогласени, а од редовите на опозициската ДПА, 4-5 можни кандидати кои исто така или се самопрогласуваат, или имаат поддршка „од горе“. Во рамките на оваа преткампања се организираат богати ручеци и вечери, се ветуваат вртоглави парични суми и се плаќаат луѓе-гласници за да се подготват теренот и јавноста.
Претседателот на разгранокот на ДУИ во Струга, Милаим Адеми, за весникот вели дека кандидатот за градоначалник на Струга ќе го избере претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Лидерот на партијата го има списокот на предложени кандидати за градоначалник на Струга, но тој може да кандидира и човек надвор од тој список. Ахмети, кого и да предложи ќе победи“, вели Адеми.
За можноста за коалицирање на албанските партии од ДУИ велат:
„ДУИ два пати победи на последните избори во Струга и договор ќе може да има само ако опозицијата го поддржи нашиот кандидат“.
Според весникот, пореална е можноста за коалицирање на опозициските партии, кои се во потрага по заеднички кандидат, за да ја победат ДУИ.
С. Р.
www.vreme.com.mk |