kopacot |
Струга се отцепува?
Ако државната власт не ги испочитува барањата на стружани за останување во постојните општински граници, тие ќе преземат чекори за конституирање на Струга со самостоен статус од типот на Монако, Сан Марино, Андора и Лихтеншајн. Оваа намера на стружани, дознаваме од извори во Кризниот штаб за опстанок на Струга и од тамошните партиски разграноци е веќе запишана во Повелба што ја подготвуваат владејачките општински структури. Оттаму тврдат дека ова е единствениот начин да се одбранат од намерата на Владата да им ја прекрои општинската меѓа, против која се изјаснија жителите на референдумот од 11 јануари годинава.
Како што велат нашите извори, во Повелбата се наведени и неколку барања што стружани ги имаат кон власта која ја обвинуваат дека насилно сака да им спроведува закони што се спорни за нив. Во овој текст, дознаваме, стои и најавата дека граѓаните на Струга ќе ги бојкотираат локалните избори, дека нема да бидат кооперативни во спроведувањето на изборите со тоа што нема да ги отвораат гласачките места, и нема да пријавуваат кандидати за градоначалник и за советници. Освен тоа, граѓаните на Струга нема да ги признаваат и имплементираат изборните резултати и нема да ја прифатат промената на локалната власт изгласана "со примена на спорен закон за територијална организација, донесен во насилничка постапка".
Од денот на донесување на законот, нема да се организираат ниту спортски и културни манифестации, а спортските екипи од Општината ќе го откажат своето учество во натпреварувањата од државните спортски асоцијации. Струшкиот отпор ќе продолжи и со континуирано блокирање на сите магистрални и регионални патишта, со граѓанска непослушност и со масовни протести се до нови вонредни парламентарни избори.
Во Повелбата, додаваат наши соговорници, стои и барањето Струга да остане во постојните општински граници, како и уверувањето дека Општината и нејзините граѓани ќе го почитуваат како и досега Уставот и законите, доколку државната власт не го загрозува уставно загарантираното право на локална самоуправа и демократија. Наводно, се бара и формирање на експертска влада за подолг период во која ќе седат досега некомпромитирани и чесни експерти, за да ја застанат Македонија на нозе.
За оваа заедничка струшка иницијатива, дознаваме, вчера попладне требало да расправаат општинските власти, партиските разграноци, граѓаните и здруженијата од градот, и да одлучат дали ќе ја потпишат и активираат Повелбата
Стружани лути на нивната пратеничка од СДСМ
Струга никогаш нема да прифати никакви други решенија за Општината освен она за останување во постојните општински граници, соопшти вчера Кризниот штаб за опстанок на Струга.
"Револтот е особено насочен кон струшката пратеничка Цветле Јаневска од која итно бараме повлекување на апсурдниот амандман со кој предавничката егзекуција на Струга невешто се прикрива со некакво нејзино одложено четиригодишно стапување во сила. Сите оние пратеници кои сопствените калкулантски интереси ќе ги стават над вистинските потреби на нас граѓаните ќе бидат засекогаш обележани во колективната меморија на Македонија како приземни полтрони и предавници", стои во соопштението на Кризниот штаб
[url]http://vest.com.mk/default.asp?id=81973&idg=5&idb=1231&rubrika=Makedonija[/url] |