marko_polog |
Главниот јавен обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте до 25 август ќе пристигне во Скопје со готово обвинение против поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски во врска со случајот Љуботен.
Ова е изјава на заштитениот сведок снимена на видео-запис, која на денешната прес-конференција ја презентираше адвокатот Игнат Панчевски, тврдејќи дека лицето на снимката е еден од повеќето кои биле инволвирани во констирурање на случајот Љуботен, преку собирање лажни докази и со употреба на лажни сведоци, а во што се вклучени високи структури на НАТО и Хашкиот трибунал, како и одредени тајни служби на некои западно-европски земји.
Според сведокот, чие лице не можеше да се види на видео-записот, обвинението против Бошкоски било подготвено уште во ноември минатата година, а оттогаш до сега биле подготвувани лажни докази и лажни сведоци кои ќе го оправдаат обвинението.
„Јас сум државјанин на Република Македонија и сум еден од лицата кои што беа ангажирани кон крајот на минатата година за да учествуваат во конструкција и обезбедување лажни докази за да се исконструира случајот Љуботен“, вели заштитениот сведок, кој додава дека тој лично се познава со Дел Понте. Во неговата изјава тој истакнува дека во ноември минатата година во името на Хашкиот трибунал и припадници на разни тајни служби на повеќе западноевропски земји било одлучено да се покрене обвинение против Бошкоски. Како наградата на овие лица им биле ветени огромни парични средства, заштита со преселба во странство и промена на идентитетот, како и други привилегии.
„Кога сфатив во што сме вовлечени, побаравме заштита и правна помош од адвокатот Панчевски, за да со сите можни законски средства не вклучи во постапката пред Хашкиот трибунал за да кажеме дека обвинението е констурирани, а во име и корист на трети лица“, додава заштитениот сведок.
Игнат Панчевски на денешната прес-конференција истакна дека според неговите сознанија поедини високи функционери на Хашкиот трибунал и НАТО во последно време во Македонија на недозволен начин и со недозволени средства прават конструкции за обезбедување лажи докази и лажни сведоци. Тој дополни дека на овој начин се создава недозволен и незаконски доказен материјал, кој понатаму ќе се употреби за составување обвинение пред Хаг и против други припадници на безбедносните сили на РМ во врска со случајот Љуботен.
Панчевски најави дека наскоро ќе ги објави имињата на лицата што тој ги застапува, како и на оние што се вмешани во конструрањето на случајот.
„Имињата на службените лица, учесниците во оваа нечесна и недолична конструкција што се прави во име на Хашкиот трибунал и НАТО, ќе бидат предмет на обелоденување пред Трибуналот, доколку биде покренато обвинение за кое било лице од Македонија, во врска со овој случај, по што моите властодаватели се подготвени да излезат во јавноста и да ги појаснат сите детали околу начинот, методите и времето на правење на конструкции“, истакна Панчевски.
Според него, лицата кои одбивале да бидат дел од оваа конструкција, добивале сериозни закани по нивниот живот. „На еден од моите клиенти кои што се подготвени да ја кажат вистината за подготовката за лажно сведочење и подготовките за лажни докази испратена му е повеќекратна закана со конкретните зборови 'ако кажеше детали и имиња, ќе те дадеме на УЧК, а ти знаеш што после ќе ти направат'“, додаде Панчевски.
Тој потсети дека односите меѓу Македонија и Хаг се уште не се законски уредени, поради што и македонските институции немаат некој одреден начин за да реагира во овој случај, додавајќи дека во неговото констриурање се вклучени странски лица, повеќето од нив со дипломатски пасоши.
„Нашите органи не се надлежни за постапување за странски лица, повеќето од нив се со дипломатски пасоши, што значи дека се во заштитената категорија. Единствено нешто што може да се направи е МНР за некои од овие лица да се прогласи за персона нон-грата. Во конкретниот случај нашите органи не се надлежни за какво било вклучување во постапката на Хашкиот трибунал“, додаде Панчевски.
Според досегашните официјални информации, случајот Љуботен, Хаг го темели врз основа на изјавите на околу 60 жители на селото, кои тврдат дека полицијата и војската на 12 август 2001 година, два дена по убиството на осум македонски војници во непосредна близина на селото, убиле десет албански селани.
|