Strelec |
Армијата на Република Македонија денеска го слави својот јубилеј, 12 години од постоењето, а истовремено се одбележува и 61-та годишнина од формирањето на батајлонот „Мирче Ацев“, зачетокот на македонските вооружени сили.
Централното одбележување на Денот на АРМ се одржа во касарната „Илинден“ на кое говореше претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Бранко Црвенковски.
„Денес одбележуваме 12 години од создавањето на Армијата на независна и суверена Република Македонија, чии корени допираат подалеку во нашата историја, во далечната 1943 година кога на Славеј планина е формиран партизанскиот батаљон „Мирче Ацев“ од кој низ Народноослободителната борба е создадена народноослободителната војска на Македонија“, истакна македонскиот претседател Бранко Црвенковски во своето обраќање на свеченоста во касарната „Илинден“.
Во сиот овој период Армијата ја делеше судбината на својот народ и држава, рече Црвенковски, нагласувајќи дека фактот што стекнувањето на независност на државата македонските граѓани постојано искажуваа висок степен на доверба кон Армијата е потврда за нејзините вистински вредности и постигнувања.
Тој потсети дека приоритетите на АРМ беа поставени со консензуално донесената одлука на македонскиот Парламент во 1993 година за пристапување во колективните евроатлантски безбедносни системи.
„Република Македонија веќе ги усвои сите стратешки документи неопходни за интегрална, транспарентна и демократска реформа на овој сегмент од државата“, рече претседателот Црвенковски.
Според него, Националната концепција за одбрана и безбедност и Стратегискиот одбранбен преглед се документи од клучно значење што го дефинираат идниот безбедносен развој на Армијата и на Република Македонија.
Армијата, истакна Црвенковски, денес има две нови мисии - организирано да се спротистави на новите неконвенционални закани по безбедноста на државата и да биде способна да учествува во меѓународни мисии за сочувување на мирот.
„Во следните две години ќе го заокружиме процесот на реална интеграција на припадниците на етничките заедници во структурите на одбраната и безбедноста што е од стратешко значење за идниот развој на државата“, рече македоснкиот претсеадтел.
Втората голема задача што претстои, според шефот на македонската држава, е целосниот трансфер на надлежностите на Армијата и Полицијата врз граничното обезбедување до 2005 година, со што ќе биде исполнет еден од основните европски и НАТО стандарди за демилитаризација на границите.
Црвенковски нагласи дека во изминатите две години Македонија иницирала нова етапа во регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста на Балканот.
„Јадранската повелба е токму таков пример за постоење на заедничка визија за мирен и просперитетен Балкан. Со тоа е постигнато нешто што до пред некоја година изгледаше тешко остварливо - наместо конфронтација да имаме заеднички воени вежби и заеднички контингенти на трите земји партнери, потписнички на Повелбата“, рече Црвенковски.
Тој истакна дека Македонија се наоѓа во завршна фаза од својот пат кон полноправно членство во НАТО и оти на јунскиот Самит на Алијансата во Истанбул бил потврден прогресот што го прави државава на тој пат.
„Сите реформи што ги преземаме не се прават затоа што некој од надвор ни кажува што е добро за нас или за подобрување на нечиј политички рејтинг, туку единствено заради подобрата иднината на денешните и идни генерации“, подвлече Црвенковски.
Денешните генерации, според македонскиот претседател, имаат историска шанса да го направат последниот чекор со кој Македонија дефинитивно ќе се интегрира во евроатлантското семејство на народи и држави.
„Се наоѓаме пред заокружување на големиот проект наречен европски интегрирана, демокатска и просперитетна Република Македонија. Независно од етничката припадност или политичките убедувања сите ние имаме обврска и одговорност да придонесеме за остварување на таа цел“, заклучи македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
Во рамките на одбележувањето во касарната „Илинден“ беше прикажана дел од опремата на АРМ и беа презентирани показни вежби од нејзини припадници, како и акробатски летови на хеликоптерот Ми-24.
Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите борци во НОВ и на припадниците на АРМ што ги дадоа своите животи за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа и министерот за одбрана Владо Бучковски, началникот на ГШ на АРМ Ѓорѓи Бојаџиев, претставници на Собранието, на Владата, на Сојузот на борци од НОВ, на верските заедници и на дипломатските претставништва и мисии во државава.
Развојниот пат, обуката и едукацијата на припадниците на АРМ засилено почна со оружјето и опремата на Територијалната одбрана, откако во март 1992 година поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) од тогашната трета армиска област при повлекувањето од државава однесе „се“, целото оружје и муниција.
Собранието на Република Македонија на 23 декември 1993 година ја верификува одлуката за полноправно членство во НАТО, како стратешка цел, во ноември 1995 година станавме 27-та членка на иницијативата „Партнертство за мир“, а во март следната година бевме примени и во Северноатлантскиот совет за соработка.
АРМ во 2002 година го почна и реформскиот процес, што се очекува да заврши до 2007 година. Реформскиот процес подразбира воведување бригадна поставеност на структурата на армиските сили, како и модернизација на вооружувањето и опремувањето, преку набавка на нови софистицирани системи.
Крајната цел на реформите е создавдање мала, мобилна и ефикасна армија, која успешно ќе се носи со предизвиците на новото време, регионалните и глобалните закани.
Остварувањето на крајната цел, значи подобрување на командувањето и контролата, зголемување на мобилноста и степенот на борбената готовност, подобрување на интероперативноста со силите на НАТО и оспособеност за учество на мултинационални вежби и активности со силите на Алијансата и во Партнерството за мир.
Степенот на борбената подготвеност на припадниците на македонската Армија, практично се покажува и преку ангажирањето на одделни состави на АРМ во меѓународните мисии во Авганистан и Ирак, како и со партиципацијата во мултинационалата мировна бригада СИБРИГ.
Во годината на чествувањето на „60 години АСНОМ“, се прославува и 61 -та годишнина од формирањето на првата регуларна единица, баталјонот „Мирче Ацев“, на Славеј Планина, зачеток на организирана македонска војска, чии традции ги носи АРМ.
Во завршните операции за ослободување на земјата во Втората светска војна, до 15 мај 1945 година, македонската војска е организирана во три корпуси, 7 дивизии, 22 ударни, 4 артилериски, 3 пионерски и една коњичка бригада, со 110.000 борци и старешини, од кои 26.000 ги дадоа своите животи за иднината на Македонија, а околу 18.000 се најдоа по логорите, затворите и интернациите.
По одлуката на Првото заседание на АСНОМ, Македонија да и пристапи на Југословенската федерација, надлежностите од областа на одбраната се пренесени на федерацијата и е формирана единствена и заедничка народна армија.
Од осамостојувањето на Република Македонија во 1992 година, АРМ како самостојна армија на независна држава, го брани и чува суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
|