OooOo |
Подготвени да го скротат десетилјадагодишниот бран
Капацитетот веќе учествува во "пеглањето" на шпицевите на потрошувачката и се "грижи" никогаш да не се повтори катастрофата од 1962 година
Вториот агрегат на хидроцентралата "Козјак" ќе биде пуштен во употреба на 8 Септември, Денот на независноста. Капацитетот вреден 170 милиони долари, кој веќе почна да се исплатува со експлоатација од средината на јуни, ќе биде под полн напон.
Крупните градежни работи, дело на "Бетон" и на "Маврово", одамна се завршени. И додека градежниците ги вршат последните, "козметички" подготовки, Кинезите работат на монтажата на вториот агрегат, со моќност од 40 мегават-часови. "Козјак" учествува со помалку од 3 отсто во заситувањето на потрошувачката, но тоа и не е големата предност на грандиозната акумулација на Треска. Езерото, долго 32 километри, преградено со каменонасипна брана долга 400 метри и висока 126 метри, може да собере фантастични 550 милиони кубици вода.
- Во случај на големи врнежи, "Козјак" може да запре приливен бран на реката од 1.500 кубни метри во секунда, бидејќи има резервен простор за 100 милиони кубни метри вода над работниот простор од 260 милиони кубици. По тоа, ова е единствена во Македонија и најголема градба од овој тип на Балканот изминативе петнаесеттина години - вели Стево Поповски, директор на централата, човек во чие професионално портфолио е и управувањето со вториот по големина капацитет на ЕСМ, термоцентралата "Осломеј".
Браната може да скроти поплавен бран на Треска висок неверојатни седум метри. Првиот тест беа годинашните пролетни поплави.
- Имаше денови кога нивото на езерото растеше по 80 сантиметри во 24 часа. Но, акумулацијата се уште беше во фаза на полнење и нејзината површина беше релативно мала. Сепак, сигурни сме дека "Козјак" може успешно да спречи кобна средба на "десетилјадагодишната" поплавна вода од Вардар и од Треска и да не дозволи поплава како онаа во 1962 година - вели Владо Пападимитров, технички директор на централата.
Првите луѓе на "Козјак" се енергетичари. Тие се горди на придонесот што "Козјак" го дава и во "пеглањето" на шпицевите на потрошувачката. Таа чувствителна работа на себе ја преземаат капацитетите што можат брзо да се вклучат или да се исклучат, а тоа се хидроцентралите. На термокапацитетите за такви "шокантни" промени им се потребни и повеќе од пет часа. "Козјак" се подига до полн капацитет за помалку од три минути.
Сите операции во централата се управуваат со компјутер, со кликање на глувчето. Досега се произведени 10 милиони киловат-часови струја, а до крајот на годината ќе има уште 70 милиони. Браната наскоро ќе се осветли, објектите ќе се дотераат, езерото ќе се пориби, рампата ќе се повлече подолу и - ќе се чекаат првите излетници и туристи. |