OooOo |
Душко Попов, шпионот што беше инспирација за Џемс Бонд
Душко Попов, синот на српски банкар и индустријалец, за време на војната работел како двоен шпион - британски и германски
И покрај изнудениот стереотип на маж во мантил и дигната јака кој постојано се забележува по аглите на улиците, шпионите отсекогаш имале одреден гламур, а ниту еден од нив поголем од оној на Душко Попов, безгрижен мајстор на дезинформацијата кој поголемиот дел од Втората светска војна го помина во маневрирање меѓу Лондон и Лисабон. Генијален плејбој, кој ги обожаваше коцкањето и брзите автомобили, а по сў изгледа беше неодолив за огромен број прекрасни жени, Попов ги комбинираше шармот, храброста и немилосрдноста со актерската способноста да се игра себеси во таа улога, но и да ги убеди другите да му веруваат. Таквите квалитети беа од непроценлива вредност за улогата што тој требаше да ја одигра. Попов беше двоен агент, кој се преправаше дека работи во корист на Абвер, тајната германска служба, а всушност му беше верен на неговиот британски еквивалент, пишува во својата книга ?Кодираното име Трицикл" Расел Милер. Творецот на Џемс Бонд, Иан Флеминг, одреден период беше стациониран во Лисабон како офицер на поморското разузнавање и еднаш ја гледал неговата работа во казиното во Есторил, и го искористи тоа што го видел во казиното ?Ројал" во неговата прва новела за Џемс Бонд: Попов му го врати комплиментот со забелешка дека Бонд не би преживеал ниту пет минути во вистинскиот свет на воената шпионажа.
Попов, син на српски банкар и индустријалец, пораснал во Дубровник, а своето образование го стекнал во Англија, Франција и Германија. Тој бил образуван да стане адвокат, но по избувнувањето на војната, како и сите добри шпиони, тој влезе во експорт-импорт бизнисот. ?Џони" Јебсен, неговиот германски пријател од Универзитетот во Фрајбург му предложи да ја искористи можноста и да шпионира во корист на Абвер, но лојалноста на Попов беше на друга страна: тој во Белград влезе во британската амбасада и со тоа ја започна својата кариера како двоен агент, кој работеше под тајното име ?Трицикл". Попов беше згоден и зрачеше со енергија, косата му беше зачешлана наназад поради проблемот со нејзино опаѓање, а неговиот британски претпостевн ќе забележи: ?Има изглед на Словен од Монголија со високи јаготки и нагласена уста"; неговиот тен е ?жолтеникав, а понекогаш бел и со дамки по непроспиените ноќи", има еден вид морнарички чекор, и покрај тоа што секогаш беше прецизен панталоните ги носеше за нијанса подолги.
Неутрална Португалија беше преплавена од шпиони. На Попов му беше обезбеден германски контролор, беше снабден со невидливо мастило и испратен во Англија со намера да дознае што е можно повеќе за одбраната на брегот, противавионското оружје, популарноста на Черчил и за други работи релевантни за спроведување на операцијата ?Морски лав", планираната инвазија врз Велика Британија. Веднаш по пристигнувањето во Англија, тој се сретна со член на МИ5: од круцијално значење беше да им обезбеди информации на своите германски колеги, кои сепак беа неточни или застарени. Во следните неколку години, поголемиот дел од времето и својата генијалност ја посвети токму на тоа, што би можел да му каже на непријателот без на кој било начин да ја загрози позицијата на сојузниците.
И покрај познатата германска ефикасност, нивните агенти во Велика Британија беа слабо информирани и лошо опремени; секој од нив бил ?обработен" од страна на Британците и работеле за сојузниците. Уште поважно, со откривањето на кодот ?Енигма" стана возможно да се читаат сите пораки што се испраќаа меѓу Лисабон и Берлин, а од витално значење беше да не се предупредат Германците за ова, што пак честопати правеше да биде невозможно да се предупреди Попов (и уште покатастрофално, неговиот пријател Јебсен, кој сега работеше за сојузниците), кога нивните контролори од Абвер ќе насетеа дека постои предавник.
Во 1941 година, Германците одлучија да го испратат Попов во Њујорк. Кратко време пред неговото заминување, Јебсен му кажа дека Германците и Јапонците покажуваат особено интересирање за ненадејниот напад врз италијанската морнарица во Таранто од страна на британската морнарица, а неговиот контролор му даде детален прашалник во врска со американската поморска база во Перл Харбор, предложувајќи му да се обиде да ги посети Хаваите. Попов за ова го информира ФБИ, но од тоа никаква корист. Едгар Хувер сметаше дека Попов е неодолив балкански плејбој и не ги одобруваше неговите естравагантни начини на дејствување. Додека престојуваше во Америка, Попов вработи свој слуга, замина на скијање на Карпестите Планини и ја продолжи аферата со француската актерка Симон Симон, но поради фактот што Абвер му ги плаќаше сметките, Хувер немаше причина да се жали.
Иако предупредувањата на Попов за Перл Харбор беа игнорирани, назад во Англија тој својата способност за мамење реши подобро да ја искористи, помогна да се заведат Германците да мислат дека главниот удар на сојузниците ќе биде на Па де Кале наместо во Нормандија, и ги намали силите на Вермахтот, навестувајќи дека се планира инвазија од Норвешка.
Комбинирајќи ја дружељубивоста со жилавоста (во почетокот од војната, тој нареди возачот на неговиот татко да биде убиен под сомнение дека шпионира за Германците), Попов поствоените години ги мина во Франција, а почина во 1981 година. (Сандеј тајмс) |