DJ_SHEMA |
Od Utrinski vesnik...
Сензационално откритие на слависти од Финска
Во Египет пронајден македонски ракопис од 19 век
Книгата е печатена во Солун во 1852 година и таа е изгубена. Од тој ракопис од 124 се зачувани само 74 страници, објаснува проф. д-р Јухани Нуорлото од Финска
Александрија
СИМОН ИЛИЕВСКИ
ОХРИД - Група слависти од Финска кои подолго време се занимаваат со истражување на средновековни грчки ракописи во архивите во Египет меѓу документите на Александриската патријаршија пронашле дел од оригиналниот ракопис на Кониковското евангелие на македонски и на грчки јазик. Ова откритие го обелодени проф. Јухани Нуорлото од Хелсинки, Финска, на научната конференција што се одржа во Охрид во рамките на Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Според македонските научници работници, ова откритие покажува дека покрај во усна, македонскиот јазик во црковниот живот се употребувал и во писмена форма.
?Станува збор за интересен ракопис што го откри една финска екипа која се занимава со истражување на средновековни и грчки ракописи во архивите во Египет, а во Александрија овој ракопис го нашле во документите на Александриската патријаршија. Кониковското евангелие во науката е познато по два кратки извадока што ги објави Јордан Иванов во почетокот од 20 век. А ние сега го најдовме ракописот кој е мошне интересен зошто е своевиден двојазичен материјал на грчки и македонски јазик, односно тоа е превод на Павел Божигтровски од првата половина на 19 век. Книгата е печатена во Солун во 1852 година и таа е изгубена. Од тој ракопис, од 124 зачувани се само 74 страници, објаснува проф. д-р Јухани Нуорлото од Финска, соопштувајќи дека во него очигледна е употребата на јужновардарскиот македонски говор.
Според проф. д-р Људмил Спасов кој се занимава со историјата на македонскиот јазик, станува збор за сензационално откритие важно за славистиката, но уште поважно за македонистиката. ?Пронајден е ракописот, а не печатениот материјал каде што се употребени знаци во духот на македонскиот јазик. Тука се гледа дека Павел Божигтровски не преведува само на солунски и јужномакедонски дијалект туку од преводот се гледа дека сакал да ја прошири дијалектната база за Евангелието да има поширока употреба и да зафати што поголем дел од Македонија?, вели Спасов.
Финскиот славист проф. д-р Јухани Нуорлото им го најавил откритието на македонските слависти минатата година на славистичкиот конгрес во Љубљана. Раководителот на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Максим Каранфиловски, објаснува дека тоа била основната причина да го поканат во Охрид , а по неговиот настап сите македонисти биле изненадени од соопштеното.
Деловите од оригиналниот ракопис на Кониковското евангелие, пронајдени во Египет, ќе бидат предмет на општа и научна анализа и ќе фрли ново светло врз истражувањето на историјата на македонскиот јазик. Истражувањето, веројатно, ќе биде заеднички финско-македонски проек, а како што најави професорот Нуорлото за три-четири години ракописот заедно со коментарите и јазичната анализа ќе биде отпечатен во посебна публикација.
|