anab |
Мирјана и ИНАКВА наскоро ќе го прелетаат европското небо
Мирјана Симоновска, со својот параглајдер годинава го освои балканското небо. По минатогодишните успеси (Балканска првенка во параглајдинг за 2003), оваа девојка покажа дека може уште повисоко и уште побрзо. Како член на македонската репрезентација во параглајдерство, Мирјана, подржана од тимот на Инаква, учествуваше и победи на сите натпревари од Балканската лига, како и на првенствата на Словенија и Хрватска кои не се дел од оваа лига.
Постигнатите резултатите на овие натпревари на Мирјана и донесоа FAI бодови, потребни за Европските и Светски првенства.
По освојувањето на првите места во женска конкуренција и екипно на Отвореното првенство на Хрватска (28 мај - 6 јуни), следуваше натпреварот во Србија и Црна Гора кој е дел од Балканската лига. Во петте летачки денови (22 – 27 јуни), македонската репрезентација го освои првото место екипно, а Мирјана беше прва во женска конкуренција.
Највисоко на пиедесталот оваа одлична македонска летачка долета и на Отвореното првенство на Словенија, што од 13 до 20 јули оваа година се одржа во Сичево, Србија и Црна Гора. Победата е уште послатка ако се знае дека Словенците, како докажани домаќини на европски и светски првенства, и овој натпревар го организираа со цел вистинскиот квалитет да биде препознаен и награден.
Трките долги и до 100 километри, во силни денови за прелети се внимателно следени од делегатите затоа што тие се всушност вовед во Светскиот Куп. Во силна конкуренција на 50 пилоти, меѓу кои и фаворитот – полската првенка во параглајдинг Клаудија Булгаков, Мирјана успеа прва да прелета до целта и да ги воодушеви и организаторите и учесниците.
Со секој нов успех расте и популарноста на Мирјана. Доказ за ова е Отвореното првенство на Србија и Црна Гора (21 – 25 јули, БиХ), каде медиумите и натпреварувачите на Симоновска и ја доделија улогата на фаворит. Лошите временски услови во кои тешко се постигнуваат добри резултати и фактот дека таа на овој натпревар првпат настапи без својот инструктор, не беа пречка да ја оправда таа улога. Мирјана и македонската репрезентација ја остварија својата цел: прво место во женска конкуренција и прво место екипно.
Завршницата на балканската лига се одржа кај нас, во Крушево од 29 јули до 8 август. Македонската репрезентација, во конкуренција на врви пилоти од Словенија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и др., успеа повторно да триумфира. Со освоеното прво место Мирјана Симоновска стана апсолутна балканска првенка за 2004 година, а во вкупен пласман (и мажи и жени) се најде на одличното 6-то место на Балканот.
Следниот голем предизвик за Мирјана е Европското првенство во Грција, кое започнува на 1 октомври 2004 и ќе трае 14 дена. Таа, со големата помош и подршка од тимот на ИНАКВА, ќе се обиде да го освои и европското небо.
Но оваа не е крајна цел на амбициозната и самоуверена Мирјана Симоновска. Со летачи од нејзиниот калибар, македонската репрезентација може да се надева и на олимписки медал, затоа што постои можност во Пекинг 2008 година параглајдингот да стане олимписка дисциплина.
|