pr1nc |
ВО СЕПТЕМВРИ ВО АТИНА И ПАРАОЛИМПИЈАДА
Хендикепирани, како да не?!
Поради различните потреби на кардио-васкуларниот систем кај спортистите во количка, споредено со телесно способните спортисти, параолимпијците се поуспешни во повеќе дисциплини
"Ако можам да истрчам 100 метри под 13 секунди, замислете што можете вие да сторите". Вака им се обрати Ерл Конер, човек со ампутиран екстремитет, при прогласувањето за спортист на 2004 година меѓу лицата со посебни потреби. Светот станува свесен дека лицата со посебни потреби се, всушност, лица со особени можности. За тоа говорат и официјалните податоци на Интернационалниот олимписки комитет: Стручњаците велат дека количката не е хендикеп, туку некогаш предност.
Подобри и од олимпиjците
Импресивен е списокот на рекорди што се подобри кај параолимпијците отколку кај олимпијците. Машкиот рекорд на 800 м е подобар за 8,94 секунди, женскиот на 1.500 м - за 19,83 секунди, а машкиот на 1.500 м - за 29,39 секунди. Резултатот во женски маратон со количка е подобар за 36,93 мин, а кај машкиот за 44,41 мин. Хендикепираните креваат повеќе товар отколку колегите без хендикеп - четири машки и два женски рекорда се дури и до 14,5 килограми подобри од светските или олимписките.
Во спринтот, резултатите се приближни. На 100 метри, параолимпискиот рекорд од 10,72 секунди, сопственост на Нигериецот Адеџбола Адебоје (со ампутиран екстремитет), е само 0,94 секунди послаб од светскиот рекорд на тим Монтгомери (9,78 секунди). Марла Ранјан (САД) е само 1,49 секунда побавна од рекордот на Флоренс Грифит-Џојнер на 100 метри за жени. Иако со пречки во видот, таа ја истрча оваа дисциплина за 12,28 секунди. Во пливањето, параолимпискиот рекорд на 50 м е за само 2,79 секунди послаб од светскиот.
Поради различните потреби на кардио-васкуларниот систем кај спортистите во количка, споредено со телесно способните спортисти, параолимпијците се поуспешни во многу дисциплини. Оттаму, се повеќе вакви дисциплини гостуваат на Игрите, почнувајќи од Лос Анџелес 1984, па до другите континентални првенства од календарот на ИААФ.
- Тренирам од својата 13-та година. Во последно време и двапати дневно по три часа. Но, се исплатува. Сакам да му го посветам медалот на татко ми, кој почина во минатата година. Тој ме храбреше да продолжам кон исполнување на моите цели - се обидуваше да ја опише својата среќа Германецот со посебни потреби Роберт Фигл, кој победи на завчерашната егзибициска трка на 1.500 метри за мажи, со колички.
Параолимпиjадата во септември
- Среќна сум кога гледам дека овој спорт добива признание како вечерва - прокоментира и бронзената од трката на 800 метри за жени во колички, Австралијката Луиз Соваж, заблагодарувајќи му се на ИОК што тие трки ги вклучил токму во вечерта на големото машко спринтерско финале на 100 метри, кога Олимпискиот стадион беше преполн. Тие две трки всушност беа покана за септемвриските малку поинакви Игри.
Од 17 до 28 септември, на истите олимписки терени во Атина, ќе се одржат Параолимписките игри, кои повторно ќе бидат најмасовни досега, со најавено учество на повеќе од 140 земји. Тоа ќе биде втор најголем спортски настан годинава, по ЛОИ во Атина. Во 19 дисциплини ќе се натпреваруваат околу 4.000 спортисти, а ќе ги следат околу 3.000 медиуми.
Спортистите на Параолимпијадата ќе се натпреваруваат во атлетика, тенис, кошарка, велосипедизам, пливање, пинг-понг, т.н. голбал, стреличарство, фудбал (7-а), фудбал (5-а), рагби, мечување, одбојка, едрење, велосипедизам по друмски патеки, бочање, џудо, кревање товар, коњички спорт и стрелаштво.
Дисциплините се поделени според степенот и карактерот на инвалидитетот, главно во овие групи: ампутации, церебрални и мускулни хендикепи, повреди на ?рбетот (колички), интелектуални пречки (се натпреваруваат во пинг-понг и кошарка), пречки во видот и други повреди.
Влезниците се веќе во продажба, по цени од 5 до 50 евра. Атлетските натпревари на Параолимпијадата во Сиднеј беа извонредно посетени.
Милорад Стојмановски
Prevzemeno od Dnevnik: [url]http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?pBroj=2540&stID=38612[/url]
Pozdrav. |