OooOo |
Во Москва откриена бистата на Марко Цепенков
Бронзената биста на македонскиот раскажувач и собирач на народното творештво Марко Цепенков, дело на академик Боро Митриќевски, на денот на независноста, 8 септември, беше свечено поставена во алеата на светските писатели и мислители во серуската државна библиотека за странска литература во Москва.
Со ова беше означен почетокот на заедничкиот проект за културната соработка меѓу А1 телевизија и весникот „Време“ со библиотеката за странска литература Маргарита Рудомино.
„Со посредство на амбасадорот на руската федерација во Македонија остваривме контакт со директорката на серуската библиотека за странска литература и пред 3 месеци склучивме договор за една поширока соработка. Ние бевме заинтересирани за објавување на 10 тома од руските класици, а истовремено тие се заинтересираа, а и наше мислење е дека Марко Цепенков е права личност за да биди гостин со нашата скулптура во нивната библиотека. А истовремено се договоривме да издадеме преведени на руски јазик, Силјан штркот како почеток“, вели Велија Рамковски сопственик на А1.
Преку овој проект генијалниот Цепенков за прв пат ќе биде преведен на руски јазик, а вечните дела на руските класици преку популарните цени ќе станат достапни за најширокиот круг македонски читатели.
„За нас беше навистина големо задоволство тоа што голем број научни работници, академици, тука морам да ја спомнам г-ѓа Рина Усакова која што е академик инаку и долгогодишен учесник на семинарот за македонски јазик кој има голем број пријатели меѓу македонските писатели. Таа не удостои исто така со својата посета и покажа жива заинтересираност за преведувањето, за објавувањето на Марко Цепенков на руски јазик“
„Бистата што е изработи академик Боро Митриќески предизвика извонредно внимание и ние го носевме каталогот од неговата последна изложба на резби. Тие посакаа да ги видат тие дела во нивната руска средина. А1 и Време ќе посредуваат наскоро Боро Митриќески да се најде пред руската публика. Верувам дека тоа ќе биде првокласна сензација затоа што Русите ја сакаат резбата“
„Наслушнале дека во Македонија има такви уметнички дела, а еве со посредство на таа наша меѓусебна соработка Митриќески ќе го однесеме во Москва. Руските класици и досега беа преведувани на македонски јазик, меѓутоа весникот време сака да ги објави во големи тиражи и најубавите книги од руската литература да влезат во секој дом за многу ниски цени. Македонија го заслужува тоа затоа што книгата стана помалку достапна до граѓаните“, вели Ѓорѓи Барбаровски главен уредник на „Време“.
Овој проект наиде на силна подршка од Агарон Асатур амбасадорот на руската федерација во Македонија, но и од истакнатата руска македонистика академик Рина Павловна Усикова.
Според проект менаџерот Емил Ниами културните врски меѓу Македонија и Русија во последните 10-тина години беа прекинати, а сега повторно се воспоставуваат. Особено што оваа соработка се продолжува со една од најголемите и најреномирани специјализирани библиотеки во светот.
„Руската државна библиотеката за странска литература постои веќе 80 години во Москва. Нејзин основач е Маргарита Рудомино. Таа собирала неколку книги на странски јазици кои што решила да ги сочува, а потоа нејзината мисија продолжува со тоа што повторно собирала книги на странски јазици и била отворена библиотека на странска литература“
„Во моментов библиотеката е едно огромно здание на 5 ката каде што има некаде околу 5 милиони наслови. Исто така да се напомене дека секојдневно во неа доаѓаат околу 1.000 читатели. Се организираат округли маси, има посебен дел во едно старо здание каде што има повеќе простории во кои што во овалната сала беше организирана и округлата маса по повод откривањето на бистата на Марко Цепенков“
„Токму во таа сала се наоѓаат најстарите книги кои доминираат уште од 16 век. На округлата маса пред се се зборуваше за традиционалните руско-македонски културни врски кои отсекогаш постоеле. За прекинот на руско-македонските врски и за нивното продолжување. Со оглед на тоа дека имавме еден мал јаз од некојси 14 години. Можевме да забележиме дека руските читатели се навистина заинтересирани за македонската литература и за културата воопшто“, рече Емил Ниами проект менаџер, дипломиран филолог по руски јазик и книжевност.
Бистата на Марко Цепенков во библиотеката за странска литература отсега ќе се наоѓа во друштво со скулптурите на Чарлс Дикенс, Абрахам Линколн, Макијавели, Хајне, нобеловката Габриела Мистрал и многу други познати светски писатели. Соработката што почна со овој проект предвидува размена и на ликовни дела, па така наскоро во Скопје ќе бидат отворени изложби на Мељеевич и на руските декабристи, а македонските гледачи ќе можат да видат документарни, но и играни и сериски филмови за големите руските писатели.
|