Inkognito |
ВИКТОР ЛИЛЧИЌ, РАКОВОДИТЕЛ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ИСТОРИЈА НА УМЕТНОСТ И АРХЕОЛОГИЈА
Имаме милиони аргументи за правото на името Македонија
Деновиве ги комплетиравме кабинетските и информациите од теренот и уверен сум дека се наоѓаме на прагот на вистинска сензација - откривање и документирање на древниот македонски пат по кој што чекорел Александар Трети Македонски, човекот кој што го вивнал името Македонија во вечноста
По тринаесет години од осамостојувањето на нашата земја и по многу "битки" на нашите политичари околу меѓународното признавање на уставното име Република Македонија, нашите археолози се вклучија во докажувањето на правото на името Македонија. Три институции застанаа зад проектот "Античкото кралство Македонија во Република Македонија", чија цел е да се идентификуваат материјалните документи за правото на името Македонија. Свои потписи на проектот ставиле Филозофскиот факултет од Скопје, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и невладината организација Центар за археолошки истражувања. Бидејќи во ниту една од нив немало простор во кој би се сместиле, формиран е Центар за археолошо истражување на Античкото кралство Македонија. Раководителот на проектот, професор д-р Виктор Лилчиќ, раководител на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет од Скопје, вели се надева дека Владата ќе најде соодветно решение да го посвои овој "микроорганизам", зашто е од национален интерес. Проектот официјално стартуваше на 5 мај, а во изминатите четири месеци екипи постојано работат на терен. Во проектот се вклучени археолози, нумизматичари, епиграфичари, а земени се предвид и резултатите на наши научници кои ја истражувале старомакедонската материјална култура.
- Крајно време е да го изнесеме на виделина зборот на македонската археологија. Ние, археолозите со децении ја следиме состојбата на терените и информираме во нашите стручни списанија. Изнесовме многу важни научни сознанија за протегањето на античкото кралство Македонија во земјава, за старомакедонската материјална култура. За жал ова богатство фрагментарни научни информации нема јавен карактер и не дава прецизна слика на основното прашање: зошто нашата држава го носи името Македонија ?
l Како дојдовте до идејата да почнете ваков проект?
- Најмногу врз база на две најобични состојби. Прво, македонскиот народ не го измисли името Република Македонија, туку го поседува од периодите на најраната антика. Од проста причина што древното кралство на нашите претци, античките Македонци се протегало на север во териториите што денес ги покрива Република Македонија. Втората работа е што оваа информација, во материјален смисол денес може да ја документира и презентира единствено археологијата како наука. Очигледен е долгот на македонската археологија научно да ја елаборира темата "Античкото кралство Македонија во Република Македонија" и да ја презентира пред нашите граѓани, пријателите на Македонија во светот, пред пријателски настроените соседи Грци, но и пред сите кои имаат намера да го деофицијализираат името Македонија. Потенцирам дека нашиот проект нема националистичка димензија. Ова е можеби задоцнето, но е најнормално научно проучување, фокусирано на врвните материјални старомакедонски показатели што ги има во изобилие во нашата земја. Древни македонски градови и села, некрополи, гранични македонски тврдини, илјадници бронзени, сребрени и златни пари се уште лежат посеани ширум земјава. Тоа е енормно богат, за жал, заборавен древно македонски културен хоризонт.
l Има ли резултати?
- Ја откривме најсеверната македонска погранична тврдина - сензационално откритие. Тоа е типична македонска тврдина, а монетите што ги пронајдовме се од последните македонски кралеви Филип Петти и неговиот син Персеј. Не би ја откривал нејзината локација, зашто имавме многу лошо искуство со иста таква погранична македонска тврдина над пелагонското село Дебреште. Неполни седум месеци откако ја публикувавме во научно списание, таа беше безмилосно нападната од илегалните трагачи од Прилеп. Според моите денешни информации, таму биле ископани повеќе од 500 бронзени монети од македонските кралеви.
l Кога македонската и светската јавност може да ги види резултатите од проектот?
- До пролет ќе биде готов првиот том од планираната едиција "Античкото кралство Македонија". Планираме тогаш да го издадеме им промовираме првиот том. Другото зависи од парите. Недостасуваат пари за почеток на археолошки ископувања и постудиозни истражувања на пет најсеверни погранични старомакедонски тврдини. Целта е ја истражиме и презентираме патната траса по која поминал Александар Македонски низ Република Македонија на патот од Дунав кон дасаретскиот град Пелион, во 335 година пред новата ера. Деновиве ги комплетиравме кабинетските и информациите од теренот и уверен сум дека се наоѓаме на прагот на вистинска сензација - откривање и документирање на древниот македонски пат по кој што чекорел Александар Трети Македонски, човекот кој што го вивнал името Македонија во вечноста.
l Се занимавале ли други со древниот македонски културен хоризонт?
- Слушам дека во соседна Република Грција е основана фондација за откуп на предмети со антички македонски обележја, од Република Македонија. Фондацијата наводно има претставништва во Скопје, а откупот се врши и во Гевгелија. Тука се и илегалните трагачи по културните добра, кои се намножија до алармантна бројка. Перфидноста на некои од нив оди дотаму што за малку пари закупуваат концесии за наводна експлоатација на разни природни добра - мермер, гранит. Тие одбираат локации на најбогатите археолошки локалитети, а потоа безмилосно со тешка машинерија удираат врз културните слоеви откривајќи ги урнатите одаи на древните македонски палати, гробниците и други културни богатства. Милиони предмети се ископани "пред нашите очи".
l Ви помагаат ли колекционерите?
- За среќа илјадници старомакедонски монети и предмети се откупени во колекциите во Скопје и во неколку други градови во земјава. Затоа на тие луѓе им должиме благодарност што не дозволиле одлевање на предметите надвор од нашите граници. Но, илјадници предмети се одлеваат во странство зашто македонскиот колекционерски пазар плаќа околу десет отсто од цената што се добива на европскиот пазар. Пасионираноста и високото чувство за патриотизам на повеќето колекционери што ги познавам оди дотаму што се тие чести посетители на реномираните аукциски куќи во Европа и во САД. Таму тие ги откупуваат монетите на македонските кралеви и ги донесуваат во Македонија.
l Архелошките локалитети ги прекопуваат диви копачи, а потоа архелозите. Во каква состојба се тие денес?
- Како да ја губиме ситуацијата од контрола. Пред дваесетина години кога се подготвуваше Археолошка карта на Македонија, археолозите беа постојано активни на терените. Сега трагачите знаат многу нови и непознати археолошки локалитети. Овој застрашувачки паралелен свет, во сенката на современата македонска цивилизација, се повеќе ни ја одзема можноста макар и прелиминарно да го истражиме и реконструираме културното минато на Македонија. Се надевам дека нашиот проект повторно ќе не доближи до локалитетите и ќе внесе нов патриотски однос кон културното наследство.
Во изминатите дваесетина години од наоѓалиштата биле собрани повеќе милиони монети од македонските кралеви. Претпоставувам дека мал дел од нив се во колекциите во земјава, а поголемиот дел во странство.
l Дали тоа значи дека во старт ја губиме битката за докажување на правото на името Македонија?
- Не, иако тоа е огромна загуба. Но, тие наоди се од површинскиот слој на земјата. Утешен е фактот што културните хоризонти се длабоки во просек од еден до два метра. Охрабруваат и контактите со многу локални жители, чумари, ловци, риболовци, анонимни јавувања од малкумина илегални трагачи - патриоти, дознавме податоци за стотина древни македонски тврдини и гратчиња и култни места што не се познати во Археолошката карта на Република Македонија. Ќе контактираме и со колекционерите на македонските монети. Се надевам дека за голем дел од наодите ќе воспоставиме тоЕна или барем приближна позиција каде биле пронајдени. Почнавме да ги документираме и колекциите на националните музеи.
l Има ли проектот и друга димензија, освен културно-научна?
- Целта на проектот е да понуди културен мост кон соседите. Се разбира доколку тие имаат доблест да го прифатат. Тешко ми паѓа неверојатната омраза на екстремните Грчки кругови кон името Македонија. Се почесто мислам дека не е во прашање омраза кон нашиот словенски ген кој што низ вековите се измешал со македонско-пајонскиот етнички ген, туку многу полдабока омраза. Минатото содржи многу стравови, предрасуди и комплекси. Токму затоа балканските народи мора да се вратат назад за да се спознааат себе си, балканското опкружување и да решат дали тие и особено нивните деца ќе страдаат поради слепата омраза кон името Македонија. Или напротив ова име ќе ни овозможи да почнеме да градиме силен културен мост без понижувања, визи, омраза и потценувања. Нашиот проект треба да ги изнесе пред Македонците и пред светот материјалните остатоци од славното македонско минато, поради што оваа територија го носи името Република Македонија. Искрено се надевам дека овие сознанија ќе ги поттикнат слободоумните грчки кругови да ги подадат рацете и заедно го споиме светиот Грал што се крши веќе една деценија, уште од грчкото ембарго кон Република Македонија, од 1994 година, до денес.
Весна Ивановска
© 2001 Дневник, сите
|