Makjedok |
Оптимисти и реалисти
ТИТО ПЕТКОВСКИ
Денес во Македонија се слуша гласот на реалистите. Гласот на луѓето кои повеќе ја ценат власта и силата отколку правото и личното достоинство на граѓаните. А токму во времето на стагнација и депресија повеќе од кога било ни е потребен оптимизам
Колклу и да сакаме, темата референдум по новата територијална организација на државата да ја потиснеме во втор план, да ја игнорираме или да и дадеме третман само како на еден обичен тест за нивото на демократските процеси, тоа едноставно не ни поаѓа од рака. Тоа е тема која нў преокупира, пред сў, поради целокупната атмосфера што се создаде околу неа. Воинствена реторика која го крева адреналинот. Едни тврдат - ако на референдумот позитивно се одговори, Македонија ќе се спаси, додека други тврдат дека токму таквиот позитивен исход ќе значи крај на заедничкиот живот. Говорат за некакви мрачни сценарија и тајни планови и непринципиелни договори за Македонија. Упатените ќе речат ништо необично: типична македонска работа. Отсекогаш имало доволно теми како повод за поделба на Македонците на "предавници и спасители".
Како по обичај, во овие наши "големи" теми се вклучуваат претставниците на меѓународната заедница. Речиси сите од ред ни порачуваат дека "ќе биде помалку корисно доколку референдумот биде успешен, се разбира по однос на иницијаторите". Дека референдумот е сериозен ризик за одложување на процесот на европската интеграција и потребните структурни реформи на нашето стопанство. Меѓународната кризна група предвидува дури апокалиптична иднина за Македонија доколку референдумот успее. Директорот на оваа влијателна меѓународна институција за Европа, Николас Вајт, дури напиша текст со наслов : "Претстојниот референдум ќе го запали огнот во Македонија".
Разговарајќи пред некој ден со еден пријател, инаку одличен познавач и аналитичар на процесите во македонското општество, бев импресиониран од неговиот оптимизам. И покрај сите црни пропгнози, Македонија ќе го надживее и овој референдум. Во Македонија има многу оптимисти по однос на иднината на македонската држава вели тој. Има многу идеалисти со поглед кон иднината. Многу помалку се реалистите заробени во нашата стварност. Реалистите се луѓе кои гледаат само на фактите и на моќта, но се без вредности и морал. Тоа се луѓе без јасен ориентир во животот и без визија за подобрување на сегашноста. Реализмот на денешното време е само маска на животот, без подлабока човечка смисла и без желба за промена на состојбата, поентираше пријателот.
Морам да признам дека овие зборови ми прозвучеа логично и охрабрувачки. Навистина, денес во Македонија се слуша гласот на реалистите. Гласот на луѓето кои повеќе ја ценат власта и силата отколку правото и личното достоинство на граѓаните на Република Македонија. А токму во времето на стагнација и депресија повеќе од кога било ни е потребен оптимизам. Потребна ни е верба во утрешнината на оваа земја од која ќе може да ја црпат силата идните генерации.
И навистина зар може референдумот на еден народ да биде сериозна закана за мирот и стабилноста на земјата и нејзиниот унитарен карактер. Во секоја нормална земја, макар и со скромен демократски капацитет и искуство, прашањето на референдумот како форма на непосредна демократија може да биде само прилог кон унапредување на демократските процеси. Така е тоа во развиениот и демократски свет. Но, ние сме нешто друго.
Тринаесет години од осамостојувањето и три години од потпишувањето на Рамковниот договор, Македонија сў уште е општество кое не е способно да се справи со конфликтите. Конфликтноста продолжува и натаму, но сега со политички средства кои немаат ништо заедничко со демократијата и европските стандарди. И на најмалку упатените во политиката им е совршено јасно дека целата оваа еуфорија и тензија околу определбата за или против референдумот, главно, се сведува на гола борба за власт. А толку многу би сакал да биде само прашање од животно значење за граѓаните по кое треба да се слушне и нивното мислење. И ништо повеќе. Да не биде од пресудно значење за останување или доаѓање на власт. Политичките партии да не трошат толку голема енергија, а граѓаните да не останат само жртви на политичката манипулација.
Да сфатиме дека тоа е само едно од низата прашања преку кои може да се зајакне довербата и да се унапреди демократијата. Дека меѓуетничките односи ќе ни бидат постабилни само тогаш кога по прашањето што предизвикуваат толку големи тензии ќе се разговара смирено и ќе се постигне поширок консензус во општеството и кога решението ќе биде во полза на граѓаните од сите етнички заедници. Притоа, поентата мора да биде јакнење на довербата за заедничките цели, а проблемите одговорно да се решаваат во полза на сите граѓани, независно од етничката припадност. Во никој случај референдумот не смее да се сфати како средство за уривање на власта, се разбира освен ако такво не е референдумското прашање. Кон референдумот како демократски институт да градиме позитивен и афирмативен однос за тој да успее. А ќе успее доколку сите политички фактори го третираат како заеднички интерес и потреба во моментот кога е исполнет уставниот цензус за негово распишување. Како можност сами да провериме до каде сме стасале со освојување на демократските простори. Колку имаме колективна мудрост и политичка култура за цивилизациски исчекор, толку неопходен за подобрување на нашиот имиџ во светот. Референдумот да биде совршено добро организиран и одржан во мирна и демократска атмосфера, со услови за слободно изјаснување на граѓаните. Пропагандните активности околу него да се одвиваат мирно и достоинствено со максимално одбегнување на етнички конфликти, зашто и без тоа референдумското прашање само по себе е тензично и предизвикува различни чувства кај граѓаните.
Политичките партии само преку соочување на аргументите ќе им помогнат на граѓаните да се определат позитивно или негативно за референдумското прашање. Нивна обврска е да создадат продуктивна политичка клима во која не ќе има место за насилство и застрашување. Децентралилзацијата на власта по самата своја суштина е во полза на граѓаните, а референдумот треба само да го изрази нивниот став за законот. И ништо понормално и поприродно нема од можноста референдумот да го користат граѓаните доколку не се задоволни од некои одлуки на државните органи. Така, впрочем, се гради демократска традиција.
Владата и другите институции на системот да обезбедат мирно одвивање на кампањата како предуслов за успешен референдум, без оглед на конечниот исход по референдумското прашање. Да не го третираат како причина за создавање вонредна ситуација и сите институции на системот да продолжат нормално да функционираат. Тоа ќе биде и најдобриот одговор на сите оние што се сомневаат во демократскиот капацитет на демократската држава и нејзините институции.
Со право очекуваме и меѓународната заедница да се однесува кон нашиот референдум како и кон референдумите во сопствените земји кои се многу честа практика во нивниот демократски живот. Да се воздржат од примена на двојни стандарди, особено ако се знае дека ја пропуштија можноста непосредно да се вклучат во преговарачкиот процес, иако тоа им беше обврска од Рамковниот договор. Да се воздржат од застрашување на граѓаните и предвидувањата за апокалиптична иднина на државата. На најголемиот број наши граѓани им е совршено јасно дека членството во Европската унија не е подарок и дека мора да се заслужи. Дека Македонија мора да демонстрира многу посилна желба за излез од кризата, стагнацијата и развојната бесперспективност. И да ги најдеме вистинските интегративни лостови, а културата на омраза да ја замени со култура на толеранција и соживот.
Сугестиите однадвор да не се сфатат како порака демократијата да ја оставиме во втор план додека трае транзицијата и стабилизацијата, или пак да се воздржиме од употребата на демократските инструменти и уставните механизми. Конечно, Македонија не може да биде на добар пат доколку ја редуцира демократијата или пак ја остави за некои подобри времиња независно од конечниот исход на референдумот. Од меѓународната заедница очекуваме повеќе разбирање за чуствителноста на етничките фрустрации во Македонија.
(Авторот е пратеник) |