DJ_SHEMA |
ДОСИЕ: КРИМИНАЛОТ НА БЕЛИТЕ ЈАКИ ВО МАКЕДОНИЈА
Сите против корупцијата, а таа цути
Иако државата е постојано опоменувана дека е на дното по справувањето со криминалот на белите јаки, според МВР, досега не е поднесена ниту една кривична пријава за кривично дело корупција. Македонската јав
Македонија тоне во корупција. Таа е посочена како една од најкорумпираните земји во светот. Корупцијата ја има во сите сегменти од живеењето. Корумприрани се образованието, здравството, судството, полицијата, царината, власта, но и обичниот шалтерски работник. Криминалот на белите јаки во државата е недопрен.
"Македонија е далеку од истрајната реална борба против корупцијата од една причина што политичкото влијание врз институциите и граѓаните е големо. На истурените позиции на власта се ставаат партиски војници кои никогаш нема да ја исечат гранката на која седат", велат експертите и додаваат:
"Една од главните причини зошто власта не се справува со корупцијата е самото финансирање на политичките партии. Јавна тајна е дека најголем дел од парите на партиите потекнуваат од црните фондови кои се обезбедуваат преку корупциски зделки".
"Илузорно е да очекуваме дека корупцијата може целосно да се искорени", вели Јован Трпеновски, претседател на државната Комисија за спречување на корупцијата.
Дека сме навистина корумпирана држава ни укажа и меѓународната заедница. "Корупцијата е белег по кој странските земји ја препознаваат Македонија", во едно свое обраќање изјави поранешниот премиер, а сега претседател на Македонија Бранко Црвенковски. Неодамна и Антикорупциската комисија јавно призна дека државата го губи здивот во борбата со корупција и за таквата катасторфална состојба ги обвини државните органи како недоволно кооперативни.
Сведоци сме дека и претходната, но и оваа политичка гарнитура бомбастично на сите sвона најавуваа дека ќе се справат со овој криминал. Некои од нив во своите политички агенди борбата против организираниот криминал ја ставаа на врвот, некои на опашката. Народот слушна што ветуваа политичарите, но во ниту еден случај не виде дека на тој план нешто тргнало нанапред. Се фомираа владини и невладини организации за борбата против корупцијата. Набрзина, под притисок на меѓународната заедница, се донесе и Закон за борба против корпцијата. Се формираше и финасиската полиција. Беа активирани и отворени телефони во повеќе министерства и државни институции, на кои граѓаните можеа да ги пријавуваат случаите со корупција. "Ние на хартија имаме се, но на дело ништо. Отсуствува политичката волја да се справиме со овој криминал", вели професорот од Правниот факултет Владо Камбовски.
Крупниот криминал и сега и порано остана недопрен. Вината за тоа институциите почнаа да си ја префрлаат едни на други. МВР на Обвинителството, Обвинителството на МВР, а за судовите и да не зборуваме. Тие, и покрај тоа што и од домашната и од меѓународната јавност се посочени како едни од најкорумпираните институции, многу не се нервираат. Имаат оправдување за тоа. Велат, ние не сме прек суд, па веднаш да донесеме одлуки. За нив ваквите процеси се доста сложени и бараат многу време и работа. За да можеле ефикасно да работат, според нив, а и според експертите, потребно е да се формира специјализирано одделение во судовите кое исклучително ќе работи на спречување на овој вид криминал. Граѓаните се замајуваа со тоа, а обвинетите, нафатирани со милионски суми, останаа неказнети.
Македонската јавност беше шашардисана од кривичните пријави што оваа и претходната власт ги поднесуваа против јавни личности и директори на јавни и државни институции, веднаш штом ќе седнеа во фотелјите. Но тоа го правеа за да го издишат притисокот што врз нив го вршеше јавноста. "Се додека се поднесуваат кривични пријави од реваншизам, а не за доброто на државата, нема борба против корупцијата", вели Зоран Јачев од невладината организација "Транспарентност". Сето тоа се прави за да се залаже јавноста, свесни се граѓаните.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа свои жртви. Курбан отидоа Љубен Пауновски, тогашен министер за одбрана, кој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување и проневера на милионски суми пари. СДСМ, пак, за да демонстрира дека не ги гони само криминалците од ВМРО-ДПМНЕ и дека се справува со криминалот и во своите редови, пред неколку месеци го даде Љупчо Поповски, државен секретар во Министерството за одбрана, кој е обвинет за поткуп. И двајцата функционери одлежаа во притвор и сега се на слобода. Судски епилог за нивните кримнинални активности нема.
Најновата кривична пријава, поднесена деновиве, е против ексгувернерот на Народната банка Љубе Трпески. И повторно за кривично дело злоупотреба на службената положба. Тој се обвинува дека ја оштетил државата за 11,6 милиони долари. Ниту полицијата ниту, пак, Обвинителството испитаа или барем не кажаа каде отидоа проневерените милионски суми ниту, пак, кој е мотивот за криминалното дело. Многу е полесно, велат правниците, да се дигне врева колку да се демонстрира правна држава, да се поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и да се гони за тоа. Последица на ваквиот однос и на претходната и на оваа власт се нерасчистените сомнителни приватизации на "Окта", "Порцеланка" , "Емо-Охрид" и на многу други, преку кои се испраа милионски суми.
Според МВР, досега не е поднесена ниту една кривична пријава за кривично дело корупција, а во 2002 година биле поднесени 178 кривични пријави против 178 сторители, под сомнение дека тие го сториле кривичното дело злоупотреба за службената положба и овластување. Лани, пак, за истото дело биле поднесени дури 854 кривични пријави против 1.130 сторители , а само за шест месеци годинава биле откриени 270 кривични дела, а биле пријавени 337 лица. Понатаму полициската статистика вели дека во 2003 година биле поднесени 9 кривични пријави против 11 лица под сомнение дека дале поткуп, а четири лица дека примиле поткуп.
Јавното обвнителство, пак, ја обвинува полицијата дека нивните кривични пријави не се сработени како што треба, а дел од нив биле отфрлени како неосновани. Од МВР демантираат дека нивните пријави се отфрлени како неосновани и тврдат дека станува збор за само еден процент, дури ни толку во кои нема основа за обвинение. И со години се така во круг поради што Македонија од сите меѓународни институции е оценета како една од најкорумпираните држави, во кои нема ни волја да се расчисти со овој вид на криминал.
Зоран Јачев вели дека секој и сите се против корупцијата, но само декларативно. Досегашното искуство покажало дека граѓаните се против овој криминал, но се до оној момент додека и тие не биле доведени во ситуација да бидат корумпирани. Според Јачев, ни недостигаат крупни законски и подзаконски акти кои ќе го менуваат граѓанскиот однос кон корупцијата. "Пред нас е долготраен процес на дополнување и усовршување на борбата против корупцијата. Се дотогаш ние ќе имаме тромава и неефикасна борба која на луѓето ќе им дава можност да профитираат од тоа", појаснува тој.
Слично е и мислењето на Јован Трпеновски од Антикорупциската комисија. "Со промените на власта, доаѓа и до промена на носителите, стручните лица во органите кои се занимаваат со откривање на криминалот. Тие се избираат по нивната партиска припадност, а не по стручност, па затоа изостануваат резултатите ", вели Трпеновски и додава: "Ние јавноста ќе ја убедиме дека водиме борба со организираниот криминал само тогаш кога ќе успееме да го докажеме криминалот што некој го сторил и да му го одземеме имотот. Дотогаш од таа борба нема ништо".
Антикорупциската комисија е надлежна да го утврдува и противзаконското и коруптивното однесување на носителите на јавни функции. Но во ниту еден случај досега не е утврдено дека некој преку ноќ се збогатил. "Тоа многу тешко се докажува", појаснува Трпеновски. Постојат можности за манипулации, "доколку сака некој да го забошоти тоа, слободно може имотот да го префрли на друг, па така трагата се губи."
"Смачено ми е веќе да зборувам за корупцијата и како треба да се спречи", вели професорот од Правниот факултет Владо Камбовски. Според него, изворот на корупција се политичките партии. "Кога тие ќе го стават своето работење во законска рамка и ќе ги почитуваат законите, дури тогаш можеме да се надеваме дека почнала антикорупциската борба. Денес имаме ситуации кога се носат и закони по волја на поединци, борба ли е тоа со корупција?", се прашува Камбовски. Пацка Лазарова
***
Афери "ТАТ", "Алфа С",
Мегафинансискиот скандал "ТАТ", по кој тогашниот премиер Бранко Црвенковски од собраниската говорница порача дека ќе се исечат сите краци на октоподот, остана мистерија. И ден-денес не се откри каде завршија парите на штедачите.
Како главни актери беа посочени сопственичката на приватната пирамидална штедилница во Битола Соња Николовска и тогашниот заменик на гувернерот на Народната банка Томе Неновски. Се спомнуваше и министер во тренерки, но јавноста, иако претпоставуваше, не успеа да го демистифицира.
И по седум години, овој случај нема судска завршница. Соња Николовска е на издржување на затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Но и натаму тече судскиот процес во кој неколку стотици штедачи ја тужат Николовска за измама. И по толку години, никој не се зафати да открие каде отидоа парите на штедачите во "ТАТ".
На слобода си се шета и Томе Неновски, тој се уште не е осуден со правосилна судска одлука, и покрај тоа што знаел дека нешто се случува со штедилницата, а не презел никави мерки да го спречи криминалот.
Судска завршница нема ни случајот со штедачите на "Алфа С" .
***
Случаите Ламбе, Војо, Фетаи, Даравелски заглавени во судски лавиринти
Ексдиректорот на ЕСМ Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски, ексдиректор на Фондот за здравство, Драган Даравелски, ексдиректор на царина се осомничени дека ја оштетиле државната каса за милионски суми пари, а тие се на слобода. Постапките за овие случаи се заглавени во судските лавирнити. Тапкаат во место, а судовите се правдаат дека тоа се многу сложени постапки и дека судиите не можат да работат под притисок на јавноста. Требало да се проверат сите презентирани докази, па дури потоа да се почне да се утврдува дали тие навистина ги сториле делата или не.
Случајот со сомнителната приватизација на "Нова Македонија" во која, покрај Бесник Фетаи, е обвинет и тогашниот директор Никола Тасев, тече пред Основниот суд Скопје 1. Тактизираат и адвокатите и обвинетите. Со тоа се губи вербата во судството.
Драган Даравелски, партиски војник на ВМРО-ДПМНЕ, додека беше на функција во Царината ја испразни и тамошната и државната каса. Навреме успеа да си се засолни, а во меѓувреме стана и државјанин на Србија и Црна Гора. Остана неказнет.
|