a-pin-dim |
По одличните настапи на нашиот фудбалски репрезентативец во Полска
Панче Ќумбев ги освои срцата на навивачите на Гроцлин
[img]http://www.vest.com.mk/images/{FB9B38C2-FB93-4273-B400-4F3A656369EC}_pance-2.jpg[/img]
По само четири настапа во мечевите од полското првенство (во првото коло беше повреден) македонскиот фудбалски репрезентативец Панче Ќумбев ги освои симпатиите на навивачите на прволигашот Гроцлин. Тој за кус период избори место во првата постава на второпласираната екипа во првенството и е еден од малкуте наши репрезентативци кои настапуваат во странство, а кој од првата минута е во стартните единаесетмина на тимот од Гроцлин.
- Одлично сум прифатен како од управата на клубот, соиграчите, така и од навивачите. Тие на секој меч го исполнуваат стадионот што собира 5.000 гледачи, а редовно ги има и на нашите тренинзи. По одличниот старт во првенството, во градот кој има 15.000 жители, владее вистинска фудбалска еуфорија. По тренинзите и по завршување на натпреварите секогаш сме обиколени од навивачите кои бараат автограми. Клубот ни изготви наши фотографии кои мораме да ги потпишуваме и да им ги делиме на симпатизерите на Гроцлин. Нешто слично се случува и кога излегуваме да се прошетаме низ градот - вели Ќумбев.
Нашиот репрезентативец особено е воодушевен од условите за тренинзи што ги нуди полскиот клуб.
- Покрај помошно игралиште, имаме сауна, теретана и сето она што е потребно за добри подготовки. Клубот е нешто слично како нашиот Силекс. Негов спонзор е "Гроцлин Аутотрејд", додека лигата е под спонзорство на "Канал плус". Затоа речиси сите наши настапи ги има на директен пренос на оваа телевизија.
Инаку, пред осум години екипата играла дури во Чевртата лига, а во 2002/03 стигнала дури до настап во Купот на УЕФА, што е амбиција на клубот и за оваа сезона. Тренерот Радолски, кој порано беше селектор на младата репрезентација на Словачка, негува офанзивен фудбал. Овде се игра слично како и кај нас, но малку поостро.
Панче Ќумбев засега живее сам во Гроцлин.
- Клубот ми даде стан на користење во близина на стадионот. Засега живеам сам, а за десетина дена треба да дојде мојата свршеница Лидија. Бидејќи градот не нуди некоја забава, кога сум слободен, заедно со соиграчите, Србинот Врањеш и капитенот на екипата, Хрватот Крижанац, одиме до блискиот Познањ, кој е многу поголем од Гроцлин и има каде да се излезе. Засега во Гроцлин ми е одлично и се надевам дека и натаму со добри игри ќе ги задоволувам очекувањата, како на управата на клубот, така и на навивачите на Гроцлин.
|