a-pin-dim |
Босанците се чудат што да им прават на остатоците од "кингерот"
"Остатоците на 'кингерот' уште се во хангарот на Мостарскиот аеродром. Зошто не се во Македонија, прашајте ја вашата влада. Досега најмалку пет пати усно сме побарале да се изјаснат што сакаат да направиме со о
[img]http://www.vest.com.mk/images/{D24A3220-E867-4380-A4AC-6EEECC0AE79E}_naslovna-3.jpg[/img]
Босанските воздухопловни власти со месеци безуспешно се обидуваат да добијат одговор од Македонија на прашањето што да прават со остатоците од претседателскиот авион што се урна кај Мостар. Од претседателската несреќа поминаа точно 210 дена, а на македонската страна уште во текот на истрагата и било кажано да се изјасни за деловите од "кингерот".
Салко Бегиќ, претседател на комисијата на БИХ за испитување на несреќата, вчера ни изјави дека остатоците од македонскиот владин авион им прават голем проблем зашто зафаќаат цел хангар, а никој од македонските власти не им кажува што да прават со нив.
"Остатоците на 'кингерот' уште се во хангарот на Мостарскиот аеродром. Таму е се што беше собрано, до шрафче. Зошто не се во Македонија, прашајте ги вашите, прашајте ја вашата влада. Досега најмалку пет пати усно сме побарале да се изјаснат што сакаат да направиме со остатоците, да ги земат или писмено да ни кажат да ги фрлиме. Не реагираа ниту на три писмени предупредувања. Не се изјаснуваат ни Управата за цивилна воздушна пловидба ни Владата, а на министерот за транспорт и врски и усно му укажавме кога беше овде. Нам ни е страшен проблем. Ќе треба да се плати за хангарот", ни изјави Бегиќ.
Во босанската Управа за воздухопловство потврдуваат дека постои проблем, но дека никој од македонска страна не реагира. "Досега нема салдо. Но со оглед дека нема одговор од македонска страна, и ако ситуацијата потрае, ќе размислиме за наемнина", вели Ѓорѓе Ратковица, директор на босанските воздухопловни власти.
Остатоците на претседателскиот авион не се неважни парчиња лим. На деловите на "кингерот" кој настрада во несреќата пред Мостар на 26 февруари годинава, и дополнително може да се врши вештачење. Дотолку повеќе што се множат шпекулациите што се случувало со авионот откако паднал. Можноста за дополнително вештачење вчера ја потврди и републичкиот јавен обвинител Александар Прчевски.
"Доколку одлучиме дека има потреба од дополнително вештачење, тоа може да се спроведе и на остатоците од авионот", ни изјави обвинителот Прчевски.
Според него, постапката во Скопското обвинителство е се уште во прва фаза - во предистражна постапка во која треба да се утврди дали ќе продолжи процесот натаму или ќе запре.
"Колку ќе трае оваа фаза, неблагодарно е да се говори, зашто таа зависи од повеќе објективни и субјективни околности за кои не би сакал да зборувам, во интерес на истрагата".
Државниот обвинител не знаеше каде се остатоците на "кингерот". Тој тврди дека одговорил на прашањето што да се прави со нив.
"Не знам, мислам дека не се донесени во Македонија. Јас испратив писмена белешка да се чуваат. Тоа е процедура што треба да ја спроведе Министерството за правда, преку МНР, зашто е сврзано со трошоци на државата", објаснува Прчевски.
Министерството за правда вчера не можеше да даде одговор на прашањето дали Министерството преку МНР контактирало со босанската страна во врска со судбината на остатоците од претседателскиот авион. Вчера министерот Мемети беше на пат. |