BorisVM |
Законот за децентрализација е уцена на Албанците кон Македонците
ПОРАНЕШНИОТ ГЕРМАНСКИ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈА КЛАУС ШРАМАЈЕР ПРОТИВ ТЕРИТОРИЈАЛНАТА РЕОРГАНИЗАЦИЈА
Во Охридскиот договор недостасуваат било какви механизми за интеграција, изјави поранешниот амбасадор на Германија во Македонија, Клаус Шрамајер, во интервју што го даде за македонската програма на радиото "Дојче веле".
"Се што со договорот е регулирано претставува оградување и продлабочување на поделбата, на јазот, на самогетоизирањето и на гетоизирање од страна на другите, што го регистрираме во Македонија со децении. Тоа не е запрено со Охридскиот договор", вели амбасадорот Шрамајер во интервјуто.
Амбасадорот смета дека голема заслуга на Рамковниот договор е што ја запрел војната, но дека тоа не го прави добра база за иднината. Тој вели и дека законот за децентрализација треба да биде поништен и да помине референдумот.
"Законот за децентрализација нема никаква подлога во Охридскиот договор, туку е плод на уцена на Албанците во однос на Македонците. Во Охридскиот договор, меѓутоа, нема ниту збор за тоа дека Струга треба да има албанско мнозинство, а со тоа и да добие албанска управа ниту пак дека Кичево треба да добие албанска управа. Не стои ниту збор за тоа дека Скопје треба да стане двојазично, иако тоа би било разумно. Значи решението е плод на вообичаената албанска таканаречена, салама тактика, да бараат се повеќе и повеќе, значи повеќе од она што им следува", изјавил во интервјуто за "Дојче веле" амбасадорот Шрамајер, кој беше дипломатски претставник на Германија во земјава од 1996 до 1999 година.
Амбасадорот изјавува и дека знае оти во таков случај Владата ќе мора да поднесе оставка и да закаже нови избори, зашто ќе нема мнозинство.
"Ако државата сака да влезе во ЕУ вака веќе не оди. Охридскиот договор секако е добар, но е договор кој ги разделува уште повеќе скараните петли и не води кон тоа да соработуваат, заедно да живеат, да склучуваат меѓу себе бракови. Јас верувам дека Албанците сакаат да останат во Македонија, но сепак треба да не ги брануваат работите и Македонците да не ги туркаат во бездна", вели амбасадорот Шрамајер во интервјуто.
Пратениците на германскиот Бундестаг, пак, според најавата вчеравечер требаше да донесат заклучок за консеквантно и целосно применување на Рамковниот договор, во кој се констатираат достигнувањата во имплементацијата, а се поздравуваат и новините во територијалната реорганизација, пописот, примената на јазиците, признавањето на Тетовскиот универзитет, вработувањето на "македонските Албанци" во државната администрација. И актуелната германска амбасадорка во Македонија, Ирене Хинрихсен, вчера изјави дека ставот на Шрамајер е негово лично мислење, и дека не е претстава за официјалната политика на германската влада.
***
Глупостите на Албанците треба да ги замислат Американците
Амбасадорот бил прашан и дали притисоците што САД ги прават врз македонската страна се резултат на нивното недоволно познавање на балканската историја.
"Проблемот е во тоа што на Американците им беше потребна УЧК за да го ослободат Косово. На тој начин се создаде неславна алијанса, но не верувам дека Американците се толку многу слепи и еднострано го ставаат влогот на албанската карта. Албанците веруваат во тоа и се повеќе се надеваат на Американците одошто на ЕУ. Но, тоа е илузија. Американците не се толку глупави. А, токму глупостите на Албанците се она што би требало да ги замисли Американците".
|