f9 |
Стана лидер откако му заврши мандатот
Откако на бившата претседателка на Студентскиот сојуз Марија Стамболиева и заврши мандатот, судот одлучи дека законски претседател на студентите всушност не била таа, туку нејзиниот противкандидат Станко Манчевски. Тој веднаш по изборите го обжали изборот Стамболиева, но судиите или немаа време или не сакаа да им го расипуваат ќефот на новоизбраната претседателка и на нејзините политички спонзори. Две години по тој настан судот ја донесе својата одлука: легитимен лидер на студентите е Манчевски. Нашите судии се воделе според девизата кога-тогаш правдата ќе излезе на виделина. Судската светлина, пак, блесна во време кога се случува избор на нов студентски лидер, настан кој ја бранува академската јавност со истите знаци на болест - нерегуларност. Случајот е како печен за на суд, а според темпото на одлучување во судовите треба да очекуваме по две години да го добиеме и новиот водач на студентите.
Како по правило, на секои избори, без разлика дали се локални, претседателски или студентски, има еден „морален“ и еден „избран“ победник. Сите се победници. Едниот се заблагодарува на довербата, другиот се жали на фалсификати. Потоа, како во случајов, откако ќе се донесе судска одлука во полза на вториот, улогите се менуваат. И на крај, додека тие се расправаат, гласачите ќе заборават и за кого гласале и кој ги добил изборите. А всушност, што е важно кој ги добил изборите, кога и така никој нема видено резултат од нив?
И на сето тоа, судот има полни раце работа. Сепак, мандатот на Стамболиева беше побрз од судската пресуда, па таа успеа целосно да и се изнарадува на лидерската фотелја. Можеби од следната година мандатот на студентските лидери треба да се продолжи на четири години, па сите кандидати да се радуваат. Нека има за секого по малку!
За ова има само еден соодветен израз - срамота! Срамота за нашето судство што дозволува на функција да се најдат и да останат нелегитимни претставници. Срамота за Студентскиот сојуз, кој постои за да не потсетува дека постојано ги затвораме очите пред фалсификатите, нерегуларностите и неправдата. И уште еден минус за ССУКМ, на кого му веруваат едвај 15 отсто од студентите.
Фалсификувањето на студентските избори е уште еден доказ дека кај нас се е можно. Уште еден доказ дека и во коренот на академска свест нешто „смрди“. Доказ дека студентските лидери добро ја научиле лекцијата на нашите политичари оти секогаш е подобро да си „избран“ отколку „морален“ победник. Зашто, без исклучок, кај него се парите и моќта.
Мери Јордановска |