OooOo |
60 години од ослободувањето на Скопје
Утре се навршуваат 60 години од ослободувањето на Скопје од фашистичките окупатори. На 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Скопје за прв пат се споменува од Клаудиј Диоломеј под античкото име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) за прв пат се јавува кај племето Пеонци. Скупи, исто така, значи и „населба на див народ“, бидејќи Дарданците биле алчни и сурови непријатели на Македонија и античкиот свет.
Според историските податоци градот е формиран од Дарданците во третиот век пред нашата ера, а подоцна во 164 година пред нашата ера паѓа под власт на Римјаните и станува дел од провинцијата Мезија, дел од областа Дарданија. Во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.
Подоцна во 84 или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.
За прв пат градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се споменува, а скопската котлина добива нов град со името „Јустинијана Прима“.
По доаѓањето на Словените во шестиот век градот е заземен од племето „Брсјаци“ и го добива името Скопје. За време на владеењето на првиот македонски цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство. Во подоцнешниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Турците и го добил името Ускуп.
Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набрзо е обновен и станува турско воено упориште. Во 16-от и 17-от век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја.
На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен.
Во 19-от век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација.
За време на Првата Светска Војна Скопје се наоѓа под окупација на Бугарските и Австро-унгарските сили, а по завршување на војната стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
Во Втората Светска Војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944.
По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 Ноември 1944 година градот брзо се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути Скопје доживува трето разорување од катастрофален земјотрес. Градот е скоро целосно разурнат од земјотресот со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала. Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, а околу 2.900 беа повредени. Над 80% од преживеаното население остана без покрив над глава.
Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет и помош почна да пристигнува од сите страни. Првата помош дојде од припадниците на војската на тогашна Југославија, а подоцна пристигнаа експерти и лекарски екипи од голем број земји во светот. Со помош од 87 држави од светот Скопје повторно се изгради и затоа градот го носи епитетот „град на солидарноста“.
|
Strelec |
Не сум роден во Скопје, но затоа во Скопје сум препороден. За волја на вистината, во тоа исто Скопје (кое никогаш не е исто) секој ден се раѓам, пораѓам и препораѓам. А, ако сакам да бидам искрен, и од другата страна не се рамнодушни - и Скопје секој ден се раѓа, пораѓа и препораѓа. - Ѕвездан Георгиевски
Затоа во Скопје се препородувам.
Шест децении слободно Скопје!
|