Strelec |
20 годишен јубилеј на македонските студии на Меквори Универзитетот
Неодамна, во ресторанот Ред Роуз, во Рокдејл, Фондацијата на Македонските Студии на пригоден начин ја обележи 20 годишнината од постоењето на Студиите по македонски јазик при Универзитетот Меквори.
Меѓу почесните гости беше и Деканот на Факултетот за хуманистички науки при Универзитетот Меквори, г-нот Питер Гудол, како и новоназначениот Амбасадор на Република Македонија, г-нот Виктор Габер.
Преполната сала, во која имаше повеќе од 200 гости ја поздрави Претседателот на Фондацијата, Новица Ангеловски кој во своето обраќање до присутните го истакна своето задоволство што македонската заедница од Сиднеј во така голем број се одзва на поканата на Фондацијата да се прослави оваа значајна годишнина.
Свој говор одржа и г-нот Питер Гудол, кој нагласи дека Студиите по македонски јазик претставуваат значаен дел во Департманот за европски јазици и дека оваа годишнина претставува гордост и за самиот Универзитет.
Предавачот по македонски јазик, Катарина Ципушева, во својот говор ги нагласи моменталните тешкотии со кои се соочува Катедрата, потребата од значителна финансиска подршка од страна на македонската заедница и од поголема бројност на студенти. Потоа таа ги нагласи и успесите постигнати во текот на изминатите 20 години.
На крајот од овој дел на вечерта, Амбасадорот Виктор Габер во своето обраќање до публиката ја истакна нераскинливата врска меѓу нашето иселеништво и татковината и важноста за зачувување на македонскиот јазик, како суштинско обележје на македонската нација.
Остатокот на вечерта помина во пријатна забава за гостите со звуците на македонската народна музика. Публиката исто ја покажа својата дарежливост на аукцијата што се одржа во текот на вечерта и на која се собра толку потребната помош за опстанокот на овие важни студии.
|