OooOo |
93% од пациентите се незадоволни од односот на медицинскиот персонал
Менче Атанасова Точи
16.11.2004
Дури 93% од пациентите се незадоволни од односот на медицинскиот персонал, а 94% од административниот. 45% од граѓаните биле навредени од медицинските лица.
Истражувањата покажале дека 65% од македонските граѓани никогаш не ги побарале своите права како пациенти, сметајќи дека не можат да ги остварат. 56% не знаат да кажат кои им се правата, а 10% не знаат дека воопшто ги имаат.
„Местата каде пациентите ги бараат своите права во РМ, ќе видите дека се започнува со Министерството за здравство и се завршува со медиумите“, изјави Весна Велиќ Стефановска, МИА - Здружение за унапредување на здравството
Граѓаните не знаат ниту каде да ги остварат своите права, сметаат во институцијата Народен правобранител.
„Можеби законската регулатива ни е добра, но практиката, примената на таа законска регулатива се уште треба да се имплементира во праксата. Бавноста на одлучувањето, според нашите сознанија, е најголемиот проблем“, вели Невенка Крушаровска, заменик Народен правобранител.
Потребно е да се воспостави контакт лекар - пациент, со цел да се спречи лекарска грешка. Иако Македонија е потписник на Амстердамската декларација и правата кои се зацртани во неа, има и вакви ставови.
„Не можеме ние да бараме од една институција, која кубури со мали пари, да сето тоа го спроведе. Мислам дека ние мора да бидеме свесни дека тука живееме“, рече Кирил Чавдар, судија.
„Ако сакате да примените европски стандарди, тогаш немате да си дозволите таков луксуз да ми одговорите како на пациент: ние сме сиромашна држава и ќе ги оставиме сите нешта во позадина. Конечно можеме да тргнеме од она што претставува традиција, знаење и можност во оваа држава“, изјави Наташа Котлар Трајковска, Здружение на родители на деца болни од леукемија.
За што побрзо решавање на овој проблем, се предлага воведување на омбудсман во секоја здравствена установа, кој би посредувал меѓу пациентите и лекарите.
Проектот „Истражување“, кој го спроведува МИА, ќе продолжи со едукација за правата на пациентите преку брошури, проспекти и плакати. |