OooOo |
МАНУ ги отвора вратите на албанската и турската интелигенција
По втор пат за шест месеци, МАНУ ги отвора вратите на интелигенцијата и научните работници од албанската и турската етничка заедница. На денешниот собир, евидентно беше отсуството на македонските научни работници и се потврди дека сеуште различно се читаат одредени пасуси од историјата.
За најновите најави за ревидирање на минатото и за изнаоѓање на заеднички јунаци на сеуште двата паралелни света, научната мисла со свој став.
„Секои избрзани идеолошки и други поместувања на историјата можат да бидат штетни за самите народи, за самото единство на народите, за заедничката иднина, особено во мултиетнички средини, како што е нашата“, рече академик Луан Старова.
„Има многу, тоа што е заедничко, но ниту македонската страна го истакнува придонесот на албанската култура и уметност, ниту албанската страна го истакнува придонесот на македонската култура и уметност“, вели академик Цветан Грозданов.
„Она што е минато во тие учебници не е се во ред и треба да се менува. Како и до која мера, тоа специјалистите треба да го пратат и да ви кажуваат“, изјави академик Али Алиу.
„Остварувањето на тие желби за една и за друга проекција ќе покаже што ќе преживее, што не. Многу нешта ќе бидат со краток век“, рече академик Гане Тодоровски.
По 95 години од албанското писмо, денес пред албанските лингвисти историчари со гости од Република Турција и во присуство на академиците Цветан Грозданов и Гане Тодоровски, се одржа научна конференција и се промовираа избрани дела во дваесет тома на Сами Фрашери.
Овој литературен бард, како што рече академик Гане Тодоровски, е обединувачка личност на турската култура и албанската преродба, а се случува во Скопје, крстопатот на цивилизациите.
„Овдека не станува збор сега за негативна корекција. Напротив, за приопштување на едно импозантно дело, впечатливо културолошко дело на главен преродбенски деец на албанската национална мисла во втората половина на 19 век, кој главно живеел во Цариград и создавал на турски. Неговото приопштување значи еден облик на еманципација, таа е позитивна корекција“, додаде Тодоровски. |