OooOo |
Скопје доби сончев часовник
Во Скопје вчера проработи првиот сончев и песочен часовник, поставен на фасадата на Природонаучниот музеј на Македонија. Часовникот е иновација на Коља Асенов, географ и професор по астрономија.
- Часовникот е единствен во светот бидејќи досега не е направен спој на сончев и песочен часовник. На сончевиот часовникот ќе може да се прочитаат географската должина, широчина и надморска висина на градот и часовните зони. Може да издржи големи удари на ветар и разни временски неприлики. Бидејќи е монтажен, може да се постави на секое место на планетава - вели Асенов.
Часовникот има форма на тристрана призма и тежи 150 килограми. Направен е од челик, месинг и бакар, а висок е два метра Според астрономско-геодетските мерења што ги направил Асенов, во следните 500 години на ова место часовникот нема да биде засенет и нема да престане да работи.
За овој пронајдок Асенов добил и неколку награди и признанија во земјава и во странство. (Е.Т.)
|