OooOo |
Најмалиот етнолошки музеј во светот ќе конкурира за Гинис
Тетовецот Симеон Златев-Моне ќе конкурира во Гинисовата книга на рекорди со неговиот приватен, "најмал етнолошки музеј на светот", лоциран во тетовското село Џепчиште. Во музејот, кој има само 7,2 квадратни метра и едвај собира еден посетител, се сместени 1.150 музејски експонати од 8 век пр. н.е., па сў до 20 век, кои Моне ги собирал 30 години. Меѓу музејските експонати можат да се видат различни предмети за домашна употреба и мебел, оружје, стари мерни садови, реликвии, алати, народни носии, накит, монети и друго. Во околина на музејот има уште околу 2.000 музејски предмети, кои се донации од луѓе од различни конфесии и култури не само од Македонија, туку и надвор од неа. Најмал експонат во музејот е гумено топче за гласање со димензии од еден сантиметар, најголем експонат е бакарна софра, најтежок - рачна мелница за бунгур, тешка 58 килограми, а најстар, парчиња од грнчарија, кои датираат меѓу 8 и 5 век пр. н.е. Музејот ќе биде промовиран и на НВО-саемот што ќе се одржи од 3 до 5 декември. "Повеќе од 6.000 посетители од светот нашле душевен мир во музејот и се запишале во книгата на впечатоци", рече Моне, на вчерашната прес-конференција, кој ја поканил и кралицата Елизабета Втора да го посети музејот. Тој тврди дека музејот ги исполнува сите критериуми за да влезе во Гинисовата книга на рекорди и им се заблагодари на Министерството на култура, Младинската алијанса и "Тетекс" од Тетово за поддршката. (Ж.Ѓ.) |