ViennaBoy |
Свадба во Скопје, венчавка в црква крај некоја грчка плажа
Пратеникот Тито Петковски стана грчки дедо и се посвати со Павлос Лесес, газдата на синџирот грчки слаткарници "Стела". Неговата постара ќерка Маја Петковска ќе се мажи за синот на Павлос, Кирјакос Лесес. Маја и Кирјакос се забавуваат од март годинава, а од октомври и живеат заедно. Одлуката да го кажат судбинското "да", како што вели Маја, ја донеле од љубов, зашто многу се сакаат, не затоа што очекуваат принова. На неодамнешната свршувачка, која се случила во домот на Тито, само со најблиските, се договориле свадбената веселба да се случи на 18. овој месец, во хотелот "Александар палас". На сето ова му претходело големото изненадување - дијамантски прстен кој блеска на раката на Маја од моментот кога Кирјакос ја побарал за жена.
- Немаше ништо посебно кога ме побара за жена. Јас бев болна. Тој дојде од работа, ми ја побара раката и ми го стави дијамантскиот прстен. Ми рече: "Сакав да те расположам и да те направам среќна". Без оглед што 7-8 месеци сме во врска, дека станува збор за вистинска љубов се гледаше уште од почетокот - вели Маја.
Свадбата, како што вели Маја, нема да биде голема и ќе бидат поканети само најблиските роднини и пријатели. Вкупно 350 гости од двете страни.
- Ќе има само регистрација во матично, зашто црковната церемонија ја оставивме за налето, во некоја црква крај грчките плажи. Со Кирјакос ќе живееме тука, не во Солун, зашто неговото семејство веќе десет години е во Македонија. Сега сме окупирани со подготовките за свадбата. За мојот венчален фустан ќе се погрижи модниот креатор Раде Василевски, кого го познавам многу одамна. Ќе биде многу едноставен невестински фустан во бисерна боја, додека костумот на Кирјакос, кој ќе биде црн со риги, ќе го шие Фарук. И двајцата ги одбравме моделите од странски списанија. Мојот избор на музика е Гени, додека изборот на татко му на Кирјакос, најверојатно, ќе бидат неговите пријатели од естрадата, кои свиреа на свадбата на сестра му на Кирјакос во Солун. Веројатно, Ферус Мустафов со својата група "Огнени момчиња", Благица Павловска и уште некои - кажува Маја.
Свадбената веселба ќе биде крунисување на големата љубов, која се родила како резултат на нивното долгогодишно пријателство. Претходно, и двајцата имаа долги врски. Кирјакос или Кире, како што го викаат пријателите во Македонија, се забавуваше во поранешната мис на Македонија, Вера Мештеровиќ, додека Маја со хрватскиот кошаркар на "Никол ферт" од Гостивар, Јосип Сикиќ. Но откако расчистиле со минатото, благодарение на нивните заеднички пријатели Гроздан и Каролина, почнале интензивно да се дружат, се до пред извесно време, кога сфатиле дека се еден за друг. Кирјакос е три години помал од Маја, но како што вели таа, тој е многу сериозен и разликата не се забележува. Впрочем, кога љубовта е во прашање, годините не се важни.
- Многу сме среќни, ептен си се сакаме и навистина ни е многу убаво. Среќни се и нашите родители, како, впрочем, и секој родител. Летото бевме на одмор во Грција. Семејството на Кирјакос има куќа на Халкидики, во октомври бевме на Тајланд и затоа сега не знаеме каде би оделе на меден месец. Има време - ќе одлучиме, нека помине свадбата. Старосватица ќе ни биде моја другарка од детството, додека кум - другар на Кирјакос. Се уште не сме одбрале венчални прстени. Не знаеме ни што ќе ни подарат родителите, рекоа ќе биде изненадување, на денот на свадбата. Јас ќе го задржувам моето презиме, и на Петковска само ќе го додадам Лесе, последното "с" во презимето кај жените во Грција го нема - објаснува таа. |