OooOo |
Математички Осама Бин Ладен од Тетово ќе го освојува светот
За почеток, за својата теорија со која планира да ја возбуди НАСА, Фетаху добил странски пари од министерот Положани, во проект кој го верификувал претседателот на Собранието, Јордановски
Нуредин Фетаху е името на човекот што ќе ја прослави македонската наука во светот и ќе ги побие не само македонските, туку и математичарите од Европа, Русија, Јапонија и од САД.
Така барем верува министерот за образование Азис Положани, кој потрошил пари од холандска донација за едуцирање ученици во средните училишта преку математичката теорија "Горанеза". Само шест талентирани средношколци ги исполниле условите да влезат во проектот. Автор на теоријата е Нуредин Фетаху.
- "Горанеза" е решение за проблемите во математиката и во информатиката на современото општество - гордо вели тој.
"Горанеза" пред десетина години била одбиена од МАНУ, со образложение дека не е научно издржана. За нејзина проверка од МАНУ бил ангажиран и Смиле Марковски, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Станува збор за алгоритам, но пресметувањето преку него е побавно во споредба со другите алгоритми, кои биле користени многу одамна. Новитет беше само начинот на пресметување, но тоа не е откритие. Тоа што го понуди Фетаху најмалку е изум и не е применливо во практика. Затоа МАНУ се изјасни негативно - вели Марковски.
Но, министерот Положани не мисли така. Тој во јули годинава ја известил холандската амбасада дека дел од добиената парична помош за подобрување на образованието одредил за проектот "Математиката во средното образование на меѓународно ниво". Целта била да се надградат знаењата на надарените ученици преку теоријата "Горанеза", на здружението "Нуредин Фетаху и група професори од Тетово". Во известувањето на Положани се вели дека со теоријата "Горанеза" биле пополнети празнините што постоеле во математичката сфера. Да биде чудото поголемо, верификатор на проектот е претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски.
Нуредин Фетаху вели дека не зел хонорар за едуцирањето на избраните ученици и тврди дека не му требаат пари. Тој само бара Министерството да му овозможи натпревар со експертите од факултетите во Македонија, но и со МАНУ.
- Ќе докажеме дека и учениците што ги обучивме се подобри од експертите со докторски титули - вели Фетаху.
Тетовскиот гениј планира обучените ученици да и ги понуди на НАСА во САД, но само ако му дадат задоволувачки хонорар:
- Јас сум математички Осама бин Ладен. Планирам прво научно да ги побијам експертите во Македонија, потоа во соседството, за да продолжам со побивањето низ Европа, Русија, Јапонија. На крајот ќе им докажам и на научниците од САД дека имам решенија за проблемите во информатиката - вели тој.
Фетаху тврди дека со неговата теорија Македонија ќе заработи милиони долари од информатичките компании во светот.
- Македонија треба да е среќна што ме има, оти гении како мене се раѓаат многу ретко. Според предвидувањата, наредниот гениј ќе се роди за 500 години. Но, јас сум оптимист и мислам дека гениј како мене светот ќе добие за 200 години - скромно пресметал Фетаху. |